Зеленски предупредува од опасност од нуклеарна катастрофа
9 август 2022По нападите врз украинската нуклеарна централа Запорожје, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, предупреди на опасност од нуклеарна катастрофа и направи споредба со катастрофата во Чернобил во 1986 година. „Светот не треба да го заборави Чернобил и треба да запомни дека нуклеарната централа Запорожје е најголемата во Европа“, рече украинскиот лидер. „Катастрофата во Чернобил беше експлозија на еден реактор. Запорожје има шест реактори.“ Во исто време, Зеленски повика на нови санкции против Русија. „Потребни се нови санкции против терористичката држава и целата руска нуклеарна индустрија поради заканата од нуклеарна катастрофа“, изјави Зеленски.
Централа оштетена од ракети
Најголемата европска нуклеарна централа во јужна Украина беше повеќепати погодена со ракети во изминатите неколку дена. Притоа беа оштетени делови од централата и мораше да се исклучи реактор. Русија и Украина си ја префрлаат една на друга одговорноста за ова. Нуклеарната централа е окупирана од руската армија од почетокот на март.
Загриженоста за нуклеарната централа расте и на меѓународно ниво. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди: „Секој напад на нуклеарна централа е самоубиствена работа.“ Гутереш побара да им биде дозволен пристап на експертите од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во Запорожје. Шефот на МААЕ, Рафаел Гроси, гледа „многу реална опасност од нуклеарна катастрофа“ во воената зона. Постојаниот претставник на Украина во МААЕ, Јевгени Зимбаљук предложи испраќање невооружени меѓународни воени набљудувачи во Запорожје. Според МААЕ, за таква операција би била потребна поддршка од Москва и Киев.
Според медиумски информации, Русија веројатно е отворена за меѓународна инспекција на украинската нуклеарна централа во Запорожје, која е окупирана од нејзините трупи. Постојаниот претставник на Русија во меѓународната организација во Виена беше цитиран од руската новинска агенција РИА Новости со изјава дека неговата земја е подготвена да ѝ дозволи на Агенцијата за атомска енергија на ОН да спроведе контрола во централата.
Досега нема радијација
Според сознанија на САД, досега од централата не е испуштено радиоактивно зрачење. „Продолжуваме внимателно да ја следиме активноста: електраната, Министерството за енергетика и Националната агенција за нуклеарна безбедност известуваат дека сензорите за радијација продолжуваат да обезбедуваат податоци - и за среќа не видовме докази за покачени или абнормални нивоа на радијација“, изјави портпаролка на Белата куќа.
- повеќе: Каква опасност произлегува од руската окупација на украинските нуклеарки?
И германскиот Сојузен уред за заштита од радијација (БфС) нема докази за ослободена радиоактивност. „Нема докази дека радиоактивни материи би можеле да бидат ослободени во Украина“, соопшти БфС за весниците на медиумската група „Функе“. Сите достапни радиолошки показатели се „во нормален опсег“.
Нуклеарните експерти сметаат дека централата Запорожје, поради нејзината конструкција, е побезбедна од електраните во Чернобил или Фукушима, каде што се случија сериозни несреќи на реактори во 1986 и 2011 година. Сепак, Запорожје веројатно не би можела да издржи воен напад.