1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Застој поради бранот штрајкови во Германија

Инза Вреде
2 февруари 2024

Новата година во Германија започна со голем број штрајкови. Дали Германците сега штрајкуваат повеќе од порано?

https://p.dw.com/p/4bx62
штрајк на аеродромот Лајпциг/Хале
Штрајковите не се само за зголемување на платите, туку и за подобри услови за работаФотографија: picture alliance/dpa

Само што неделава заврши шестдневниот штрајк на машиновозачите, синдикатот Верди за вчера (1.02) веќе повика на нов штрајк - на аеродромите. А, денеска (2.02) штрајкуваат вработените во јавниот превоз во 81 градови и 42 окрузи. На хоризонтот веќе има има нова закана од штрајк на кабинскиот персонал во авиокомпанијата Луфтханза, зашто синдикатот УФО ги прекина тарифните преговори.

Дали се зголемува желбата на Германците за штрајк?

По големи штрајкови е всушност позната Франција, а во последно време се има чувство како сѐ повеќе штрајкови да има и во Германија. „Ова првенствено се должи на фактот што има штрајкови во оние области, на пример во транспортниот сектор, каде што се погодени многу граѓани“, вели Торстен Шултен од фондацијата Ханс Беклер, која им е блиска на синдикатите. Да имаше повеќе луѓе кои штрајкуваат во други сектори, како во градежништвото, хемиската или металопреработувачка индустрија, тогаш јавноста тоа немаше да го забележи толку многу, бидејќи од тоа немаше да биде погодено секојдневието. Дали навистина има повеќе штрајкови е нејасно, вели експертот за пазарот на трудот, образложувајќи дека тој сѐ уште нема точни бројки за штрајковите минатата година.

Сепак, учеството на штрајкови минатата година било поголемо. Дури и синдикатите беа изненадени од тоа колку луѓе всушност се одзваа на повиците за штрајк и се приклучија на синдикатот, вели Шултен.

„Денес сигурно има повеќе штрајкови отколку пред десет или 20 години“, констатира Марсел Фрачер од Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ) во Берлин. „Меѓутоа, имаше секако и фази, како во 1980-тите во Германија, во кои имаше многу штрајкови.“

штрајк на аеродромот Франкфурт
Наместо патници, на аеродромите вчера имаше штрајкувачи Фотографија: Jörg Halisch/dpa/picture alliance

Ако се споредат работните спорови во Германија со оние во соседните земји, се гледа дека работите во земјата се релативно тивки. Помеѓу 2012 и 2021 година, во Германија отпаѓале просечно 18 работни дена на 1.000 вработени годишно. Во Франција и Белгија, пак, по 92 и 96 дена.

Промена од пазар на работодавачи кон пазар на вработени

Во Германија штрајкови има главно поради инфлацијата во последните години. „Многу луѓе денес имаат помала куповна моќ бидејќи платите се зголемија значително помалку од цените во последните три години и луѓето сега сакаат да ја компензираат оваа загуба на куповна моќ“, смета шефот на ДИВ, Фрачер.

Но, штрајкови има и поради тоа што има недостиг на работна сила поради демографските случувања. „Имаме 1,8 милиони отворени работни места. Ова ги прави вработените посамоуверени, бараат подобри услови за работа, подобри плати и сакаат да ги реализираат своите барања“, потенцира Фрачер. Според тоа, не се штрајкува само за повеќе пари, туку и, на пример, за помалку работни часови, како што беше случајот со штрајкот на железницата на почетокот на годината. Шефот на синдикатот Верди, Франк Вернеке, ги брани штрајковите оваа недела на аеродромите и во локалниот јавен превоз: „Работните услови во овие области се толку катастрофални што луѓето сакаат растоварување“.

Генерално, промената од пазар на работодавачи кон пазар на вработени ќе се забрза во наредните години, шпекулира Фрачер. „Гледам многу голема веројатност за повеќе штрајкови и индустриски спорови во следните две или три години.“ Веќе има и сигнали за такво нешто: „Нема да го решиме конфликтот со виткање во памук“, најави новата шефица на синдикатот ИГ Метал во покраината Баден Виртемберг, Барбара Реш.

Пред сè, годинава претстојат важни преговори за плати, на пример во банкарската индустрија, градежната индустрија, хемиската индустрија и металната и електроиндустријата. На крајот на 2024 година ќе завршат и колективните договори во Дојче Пост и во сојузните и локалните јавни служби. Според Институтот за економски и социјални науки на фондацијата Ханс Беклер (ВСИ), ќе има тарифни преговори за околу 12 милиони вработени.

Намалување на членството во синдикатот со децении

Кога станува збор за моќта на синдикатите, како показатели се користат и бројот на членови и степенот на поврзаност во колективен договор. Синдикатот Верди минатата година се радуваше на зголемувањето на членството со околу 40.000 нови членови. Тоа е најголемо зголемување од неговото формирање во 2001 година. Но, ако се погледнат последните триесет години, може да се види дека синдикатите губат членови постојано и во голема мера.

Разбивањето на овој надолен тренд не е лесно бидејќи демографијата влијае и на синдикатите. Нивната структура на членови не соодветствува на структурата на вработените, објаснува Шултен. Генерациите кога се добиваа повеќе деца, а кои ќе се пензионираат во следните неколку години, се презастапени во синдикатите. „Тоа значи дека синдикатите само ако сакаат да го задржат членството, ќе треба секоја година да примаатт повеќе нови членови, а тоа е вистинска Херкулевска задача“, нагласува Шултен.

Тој претпоставува дека Верди за големиот број нови членови може да ѝ заблагодари пред сѐ на работничката борба. Сепак, тој не сака да извлече обратен заклучок - дека синдикатите можеби ги поттикнуваат штрајковите поради сопствените пресметки за моќ. И Фрачер не смета дека тоа е веродостојно, но вели дека „синдикатите штрајкуваат и за да регрутираат членови или да крадат членови од други синдикати - како во случајот со синдикатот на машиновозачите ГДЛ“.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик