Законот за здруженија – „пречка“ за историската комисија?
30 јануари 2023На минатонеделната седница на бугарската собраниска Комисија за надворешна политика, едногласно беше усвоена декларација која треба да се достави на гласање пред Народното собрание. Во неа се вели дека се осудуваат случаите на насилство кон Бугарите во Северна Македонија, нивните организации и клубови, и особено тешкото дело против Бугаринот Христијан Пендиков.
Со оглед на најавеното распуштање на бугарското собрание на 3-ти феруари, заради избори на 2-ри април, остануват три дена во кои парламенот би расправал за посочената декалрација. Таа содржи 9 точки, а во шестата се посочува дека измените во македонскиот Закон за здруженија и фондации се пречка за работата на заедничката Комисија за историски и образовни прашања.
„Се противи на измените во Законот за здруженија и фондации од 2022 година, кои дискриминaциски и намерно го ограничуваат правото на здружување на Бугарите во Северна Македонија. Тие промени може да ги попречат и да ги предодредат активностите на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања формирана со договорот од 2017 година, за одредени периоди и личности“, се вели во декларацијата.
Македонското Собрание лани изгласа измени на Законот за здруженија и фондации, со кои се засегнати бугарски здруженија со имиња на спорни историски личности, кои се поврзуваат со фашизам, како што се „Иван Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид. Здруженијата кои се именувани по спорните личности, имаат законски рок да ги усогласат имињата. Бугарското МНР лани реагираше дека таквите законски измени ќе го ограничат правото на здружување на Бугарите во Македонија, а шефот на бугарската дипломатија минатата недела тие измени ги нарече „законодавна репресија“.
Дали и како посочените законски измени може да ја „попречат или предодредат“ работата на Комисијата за одредени периоди и личности, како што се посочува во декларацијата?
„Нема никаква логика да се поврзе работата на Комисијата со измените на Законот за здруженија и фондации“, вели за ДВ копретседателот на македонско-бугарската Комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев.
„Апсурдна е дури и самата помисла на тоа. Комисијата работи на претставување, меѓу другото, и на одредени историски личностиво учебниците по историја во двете држави, се разбира, ако за нив има недоразбирања. За нив историографијата, не само во Македонија и во Бугарија, изградила свој став и мислење и ги поставила на одредно место во минатото, согласно нивното историско наследство, нивните недостатоци и доблести. Комисијата во својата работа се води токму од тие научно аргументирани и потврдени позиции. Уште повеќе, носењето на тие измени се направи поради намерно игнорирање на историското наследство на одредени личности кои беа актуелизирани и ставени во современиот македонски политички контекст, и на тој начин борбата се префрли на македонска територија и кај македонските институтции. Со еден покоректен пристап, кој ќе немаше задни намери, ќе се избегнеа сите недоразбирања и активности кои потоа произлегоа. Значи, Комисијата се води од она што е веќе научно артикулирано и прифатено, а не од современи закони и од дневнополитички желби. Оттука сметам дека не постои сериозен аргумент дека тој закон ќе ги попречи и предодреди активностите на Комисијата“, вели Ѓоргиев.
Лоша атмосфера за работа
Точката 6 од декларацијата не е единствената која се однесува на третманот на историските прашања.
„Ги отфрла лажните и манипулативни изјави за бугарското минато во општественото и политичко пространство на Република Северна Македонија и ги прифаќа како намерно влевање омраза против Бугарија и Бугарите“, се вели во точката 7 од декларацијата.
Во колкава мера ваквите ставови и сегашните тензични односи меѓу двете земји може да влијаат врз нејзината работа?
„Ако оваа тензична атмосфера во односите меѓу двете држави продолжи со ваков интензитет, тоа секако ќе влијае и врз атмосферата на работата на Комисија“, вели нејзиниот копретседател. „Ние работиме во еден политичко-општествен контекст присутен во двете држави и невозможно е да се остане целосно имун на тој контекст. Притоа, веќе е јасно дека кога се создава ваква атмосфера, никогаш не е пропуштено Комисијата да биде инволвирана во дневнополитичките препукувања. Ваквите комисии даваат резултати само кога работат во релаксирани и навистина добри односи меѓу две држави, а смисленото циклично нарушување на македонско-бугарските односи и политизирањето на работата на Комисијата, не може да остане без влијание врз атмосферата во која таа работи“, смета Ѓоргиев.
Следната средба на заедничката Комисија треба да се одржи на 16-ти и 17-ти февруари во Софија. Таа, синоќа беше посочена и од потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, само во еден контекст - недостиг од напредок.
„Република Северна Македонија практично си го блокираше процесот за пристапување во Европската Унија“, изјави Јотова за „Bg on air“, со порака дека Бугарија ќе стои зад секој граѓанин со бугарска самосвест.
„Бугарија ќе го гледа под лупа секое дејство поврзано со јазикот на омразата. За жал, денес можеме да кажеме дека независно од толерантноста со која го прифативме францускиот предлог, нема никаков напредок и во работата на заедничката историска Комисија“, оцени таа.
Милков: Да видиме докази!
Официјална Софија очекува деескалација на состојбите преку институционални постапки во РСМ, кои ќе ги гарантираат правата и безбедноста на Бугарите и нивните здруженија и клубови. Сѐ додека нема такви гаранции, Пендиков ќе остане во Софија, рече во интервју за БТВ, шефот на дипломатијата Николај Милков.
„Овде имаме една дилема пред која се поставени многу луѓе - или тие таму во РСМ треба да бидат понижени и да не се занимаваат со нивната дејност како членови на бугарските клубови, или најдобро е да одлучат да бидат протерани и да дојдат да живеат во Бугарија“, рече Милков.
Притоа изрази уверување дека институциите на РСМ ќе обезбедат мирно чествување на 4-ти февруари. За таа цел денеска (30.01) во Скопје на работна средба пристигнуваат министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев и директорот на Националната агенција за државна безбедност (ДАНС), Пламен Тончев. Во однос на наводите од Скопје за бугарски структури поврзани со руската разунавачка служба, Милков рече дека ќе бараат докази за тоа.
„Тоа би требало да го добиеме како информација. Ние многу би се радувале ако тие ни дадат податоци, кои ние ги немаме, во однос на врски на бугарски политичари со тајни служби. Тоа е нивен ангажман по линија на сојузничките односи во рамките на НАТО. Така што, кога се говори за такви нешта, би требало да има и соодветни јасни докази“, порача Милков.