Захариева: И Софија и Скопје губат од лошите односи
16 август 2023Северна Македонија мора да ги спроведе потребните реформи и да ги исполни условите доколку сака да започне преговори за влез во Европската Унија, изјави за БГНЕС, заменик-претседателката на ГЕРБ, Екатерина Захариева, која е потпретседател на Комисијата за надворешна политика во бугарското Собрание и поранешен министер за надворешни работи (2017-2021 година).
Повод за нејзиниот коментар е претстојното гласање во македонскиот парламент за вклучување на Бугарите во македонскиот Устав. што е едно од главните барања утврдени во францускиот предлог што земјата треба да го спроведе пред да започнат пристапните преговори со ЕУ.
Захариева ги повикува „македонските соседи и пријатели, да не се плашат од промените“.
„Измена на Уставот на Република Северна Македонија не е голема работа. Бугарите се дел од реалноста во Република Северна Македонија и тоа мора да се прифати“, вели поранешната шефица на бугарската дипломатија.
Нова страница
Таа е категорична дека е корисно за двете земји да отворат нова страница во односите.
„И Софија и Скопје губат од лошите односи. Многу е подобро да немаме граници меѓу нас и да се развива бизнисот. Важно е луѓето да можат слободно да се среќаваат и да комуницираат без страв“, вели Захариева. За сето ова да се случи, според неа, Скопје мора да ги исполни условите од преговарачката рамка и да прифати дека Бугарите се дел од Република Северна Македонија.
„Мора да се прекине дискриминацијата врз Бугарите, како и од неодамна зачестените случаи на физичко и вербално насилство. И сето тоа е добро за Северна Македонија и граѓаните на оваа држава, тие самите да се чувствуваат добро во својата татковина, а не да се иселуваат“, вели Захариева.
Дијалогот меѓу Скопје и Софија неодамна го охрабри и американскиот Стејт департмент.
Повик пред седницата
Повикот од Бугарија доаѓа во пресрет на пленарната седница в петок (18 август) за уставните измени. Постапката е веќе почната со тоа што на 25 јули, Комисијата за уставни прашања ја изгласа потребата за носење на уставните измени и заклучоците ги проследи до Собранието. Интервенциите во Уставот се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата.
Во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ.