1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За три години 3.660 граѓани нападнати од улични кучиња

ДТЗ
8 ноември 2022

Масовна стерилизација и отстранување на агресивните кучиња од улиците се само дел од мерките коишто ги предлага ЦУК, по порастот на бројките на граѓани коишто се жалат на напади од кучиња-скитници

https://p.dw.com/p/4JCLG
Улични кучиња
Масовна стерилизација и отстранување на агресивните кучиња од улиците се само дел од мерките коишто ги предлага ЦУКФотографија: Ângelo Semedo/DW

Изминативе три години 3.660 граѓани пријавиле напади од улични кучиња, а од нив 498 се деца. Ова го покажуваат анализите на Министерството за внатрешни работи изготвени на барање на Центарот за управување со кризи. Првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов вели дека се забележува тренд на зголемување на ваквите напади, поради што е неопходно да се преземат соодветни мерки од страна на надлежните институции, а граѓаните да не премолчуваат, туку да ги пријавуваат нападите коишто го загрозуваат нивниот живот. 

Според информациите коишто ги презентираше Ангелов, во 2020 година на територија на целата држава биле пријавени 1.602 напади на граѓани од страна на бездомни кучиња, во 2021 година биле нападнати 1.315 граѓани, а годинава се пријавени вкупно 1.283 напади од кучиња. Бројката на напади најверојатно е многу поголема, имајќи предвид дека голем број граѓани се одлучуваат да не ги пријават ваквите случаи. Често се случува и дел од граѓаните кои биле бркани од кучиња, притоа да паднат и да се повредат. 

Најголем број пријавени случаи има во Скопје - 1. 853 напади од кучиња, во Кичево – 439, Велес – 250, Струга – 177, Тетово – 170, Битола – 149, во Прилеп – 122, Гостивар – 98, Куманово – 75, додека во Охрид  се пријавени 50 случаи во последниве три години. Во одредени општини бројот на напади е значително поголем од пријавените напади.

„Во Скопје сметаме дека податоците се најпрецизни, бидејќи граѓаните се поучени од страна на адвокати дека за секој напад на куче може да добијат одредена оштета што ги мотивира граѓаните да ги пријавуваат сите напади“, вели Ангелов. Тој ги повикува граѓани кои ќе бидат нападнати од улично куче да пријават на бројот 112, по што од страна на МВР ќе бидат преземени соодветни мерки.

Тој смета дека е потребна масовна стерилизација на уличните кучиња, со што ќе се спречи нивното размножување, но и отстранување на агресивните кучиња од улиците и нивна еутаназија. „Се работи за комплексен проблем за којшто е потребно решение.  Ги сакаме кучињата, но безбедноста на граѓаните е на прво место“, вели Ангелов. 

Илјадници евра за тужби 

Илјадници евра секоја година се одлеваат од градската и од општинските каси по основ на тужби на граѓани коишто биле нападнати од бездомни кучиња. Од година во година и тужбите и побарувањата за отштета само растат, поради што надлежните бараат начин како да се спасат од огромниот одлив на средства. Градот Скопје и јавното претпријатие за третман на улични кучиња „Лајка“ само минатата година исплатиле речиси еден милион евра како отштета за каснувања од бездомни кучиња. Против Градот Скопје во 2020 година биле поднесени 480 тужби, за што биле исплатени околу 250 илјади евра, а во 2021 година се исплатени над 400 илјади евра по однос на 589 тужби. „Лајка“, којашто солидарно учествува во плаќање на отштетата,  исплатила исто толку средства. 

Со цел да се реши проблемот со напливот на тужби, но и да се спречат можни малверзации со отштетата, советниците на Град Скопје пролетва усвоија одлука со која пријавите за каснување од куче ќе се решаваат спогодбено, место да се влечат по судови. Граѓаните, пак, бараат да се решат долгогодишните проблеми со бездомните кучиња по улиците, кои често со или без причина знаат да ги нападнат и децата и постарите лица. 

#dw_BalkanBooster: Стерилизација и кастрација на уличните кучиња