Како се одвиваат работите со предизборните пропаганди и кампањи веќе нема сомневање дека и на овие претседателски и парламентарни избори ќе преовладеат обидите да се наметне меѓуетнички конфликт меѓу Македонците и Албанците. Едните ги плашат дека како мнозински народ се понижени и сведени на граѓани од втор ред, а другите дека ништо не е остварено од ветувањата за еднаквост на сите нивоа и на целата територија на бинационална држава.
Политичките партии што ја пропагираат оваа доктрина на продлабочување на делбите во македонското општество веќе пресметале дека тоа ќе биде „контролиран“ предизборен судир кој со голема сигурност обезбедува најмногу гласови кај „својот народ“, а конфликтот брзо ќе биде надминат по изборните победи, при поделбата на власта меѓу коалиционите партнери кои се навестуваат претпазливо, оставајќи ги вратите отворени и за други комбинации на поделба на воениот плен.
Тоа е таа погубна стратегија чии последици на меѓунационална нетрпеливост и омраза остануваат кај голем број граѓани трајно и по изборите, и се пренесуваат на идните генерации. Лажните тревоги на националистичките камбани бијат дење ноќе за големата опасност од албанска наезда на преземање на сите функции и институции на системот од една страна и од друга тортурата на Македонците врз Албанците. Креаторите на ваквите милитантни повици знаат дека на тие што им се обраќаат не се прашуваат и не размислуваат за тоа дали во Македонија воопшто е можно да се избере претседател Албанец на слободни директни избори. Или пак можно ли е во вакви реални односи на силите премиер да биде Албанец кој ќе составува владин кабинет по мнозинска победа на изборите. Со многу емоции и малку размисла со своја глава фанатично се зема здраво за готово оваа пропагандно наметната лажна дилема која иако е лесно докажлива, но за жал уште полесно е прифатлива како опасност по националните и државни интереси.
Расипан замрзнувач на гласови
Повеќето од претседателските кандидати, 15 на број, кои ги предлагаат политичките партии имаат сосема друга намена отколку што очекуваат нивниот кандидат да биде претседател на државата. Тие знаат дека во вториот круг одат само двајца и тоа кандидатите на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ, кои ќе добијат најмногу гласови.
Па кои се тогаш мотивите да се мобилизираат гласачите по етничка припадност кога тоа и без драматична кампања кај нас е вообичаена практика. Прво, но не и најважно, да се покаже дека сите имаат адут за трка што е сосема разбирливо. Втората, во суштина најважната работа за здружената албанска и македонска опозиција, е да се порази ДУИ како најголема опасност за иднината на државата. Да се испрати Али Ахмети во пензија по 23 години непрекинато учество во поделба на власта, како неприкосновен лидер на Албанците, во Македонија е спасоносното решение и крај на големиот криминал и корупција што жестоко се атакува на ДУИ и на Ахмети и од албанските и од македонските опозициски политички противници... Тоа е така пред изборите, а по изборите ќе гледаме друг филм во зависност од изборните резултати. Лесно може да се случи ДУИ и Ахмети да бидат најпосакуваниот партнер во поделба на власта. Во партизираната држава таквото салто е можно. Сите сакаат да бидат со власта, а власта пак да има стабилно мнозинство, без оглед на идеолошките и други непремостливи разлики.
На овие избори многу поважно е тоа што се премолчува и невешто затскрива, а тоа е калкулацијата која е поврзана меѓу претседателските и парламентарните избори. Таа тактика може да се нарече „расипан фрижидер за длабоко замрзнување на гласовите“. Тоа значи дека гласовите од првиот претседателски круг ќе бидат замрзнати за парламентарните избори кои ќе се одржат заедно со вториот круг на претседателските избори. Домашниот есап е многу едноставен, ако на пример некој од кандидатите не се пласира во вториот круг, неговите гласови ќе се извадат од замрзнувачот за парламентарните избори, а на тоа ќе се приклучат и гласовите на евентуалните коалициони партнери кои би биле појасни и по изгледни по првиот круг на претседателските избори. Истата математика уште понагласено ја имаат и ВМРО ДПМНЕ и СДСМ.
Две непознати во политичката равенка
Ќе речете, со право, дека сето тоа е легитимно и сосема вообичаено да се прават разни предизборни и пост изборни комбинаторики. Така е, но во равенката недостасуваат две непознати и тешко решливи бројки. А тоа е, што ако гласовите од фрижидерот се замрзнати кога гласачите не се и ако тие почнат така ослободени да се движат во друг правец, бидејќи никој не може да ги контролира. И втората непозната бројка во равенката е во изгледноста на парламентарните избори да превладее определбата на граѓаните за членство во ЕУ и конечно мнозинството да ги препознае партиите кои можат успешно да ја завршат последната фаза од стратегиската државна определба за евроатланските интеграции.
По членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ и тие да се приведат до редовно членство што означува остварување на најзначајниот државен интерес.
Може скапо да ја чини ВМРО ДПМНЕ, која веќе се промовира како победник, фактот дека е голема неизвесноста и нејасноста на партискиот врв околу ова суштинско прашање за иднината на Македонија. Можеби еден голем дел од граѓаните се уште веруваат и се надеваат дека ВМРО ДПМНЕ ќе успее да направи подобри договори со Бугарија и со Грција, но бидете убедени дека ниту една релевантна политичка партија, или партиски лидер не верува во такво нешто, па ни Христијан Мицкоски и неговите најблиски соработници.
Изборната стратегија на ВМРО ДПМНЕ останува сѐ уште на сила дека се можни подобри договори со Грција, со Бугарија и со ЕУ, дека повторно ќе се преговара со Бугарија за подобри решенија. Но, тоа останува само како вносно предизборно ветување. По изборите ќе се менуваат ставовите. Воопшто нема да биде големо изненадување ако ВМРО ДПМНЕ по изборите, во зависност од изборниот резултат, експресно им вети на коалиционите партнери било да се тие од ДУИ, или од албанската здружена опозиција дека ќе ги донесе уставните измени за влез на Бугарите во уставот и дека ќе ги прифати ратификуваните договори со соседите во Собранието.
Се разбира, дека и тоа е дозволено во политиката и тука нема ништо спорно. Проблемот е во тоа што промената на ставовите на ВМРО ДПМНЕ и прифаќањето на уставните промени и договорите со соседите може да биде предоцна и примено со голема недоверба не само кај коалиционите партнери, туку во делот на јавноста која се надева дека по изборите „предавничките “ договори ќе бидат поништени.
И уште нешто што мора да се има предвид, тешко е да се поверува дека било која победничка партија на изборите ќе има контрола на 80 пратеници за изгласување на уставните промени. Ако ВМРО ДПМНЕ е победник и формира влада, која е гаранцијата дека идната опозиција ќе ги гласа уставните промени особено ако ги нема ветуваните подобрувања. И обратно, ако ВМРО ДПМНЕ остане повторно во опозиција сосема сигурно е дека ќе продолжи блокадата на преговорите доколку не дојде до радикални промени во самата партија по евентуалната реприза од 2016 година кога победничката партија не успеа да обезбеди мнозинство во Собранието.
Катастрофални резултати и за победниците и за поразените!?
Што се однесува пак до предлогот претседателот на државата на идните претседателски избори да биде избран од Собранието со двотретинско мнозинство тоа не е ништо ново. Овој предлог од албанските политички партии од поодамна од ДУИ и сега од алијансите на Зијадин Села и на Арбен Таравари и од здружената албанска опозиција е беспредметен и нема никакво значење. Предлогот има чисто предизборна етничка димензија што ги анулира и некои оправдани причини да се дефинира во уставот подобро позицијата на претседателот на државата која е повеќе протоколарна отколку извршна. Претседателот ја претставува државата, но неговите ингеренции не содејствуваат со позицијата која му ја даваат изборите. Тие се во рамките на парламентарната демократија и поделба на власта. Тоа се главно надлежности на претседатели кои ги избира Парламентот. За поголеми надлежности на претседателот, кои најчесто произлегуваат од директни општи претседателски избори какви што се кај нас, потребни се многу значајни уставни измени кои го менуваат комплетно политичкиот систем од парламентарна демократија во полупретседателски, или целосно претседателски систем.
Сериозни проблеми се јавуваат кога претседателот на државата е избран како кандидат на опозициска партија и е во кохабитација со партиите на власт. Се случуваат често затегнати односи со владата и маргинализација на претседателот на државата. Во периодот на независноста имавме повеќе разни ситуации кога ВМРО ДПМНЕ беше на власт, а претседател на државата беше Бранко Црвенковски од редовите на СДСМ. Имаше и еден период кога претседателот Киро Глигоров беше изолиран од струи во СДСМ со обвинување дека ги пречекорува своите уставни надлежности. Познат е судирот на Љупчо Георгиевски кој стаса до таму што и се извини на јавноста што го кандидирале за претседател Борис Трајковски. Сето тоа беше поради одбивањето на претседателот Трајковски да го потпише указот за прогласување на вонредна состојба во земјата 2001 година што можеше да предизвика граѓанска војна.
Во секој случај ова се прашања за уставни измени кои би се дебатирале евентуално во наредните години. Затоа сега предизборното наметнување на ова прашање поприма непотребен етнички карактер, кој нанесува дополнително штета на меѓунационалните односи. Дали Македонија ќе го менува својот парламентарен систем кон претседателски е од тектонско политичко значење и за тоа најмалку е потребно да се води расправа во предизборна кампања.
Во секој случај досегашните предизборни активности и пропагандни настапи и дебати одат во погрешна насока, главно на меѓуетнички терен. Ако не се отвори европскиот фронт како главна тема и пред и по изборите, резултатот ќе биде катастрофален и за победниците и за поразените, за целата држава.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.