'You're fired' - Жртвите на администрацијата на Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп ги отпушта високите функционери во Белата Куќа побрзо отколку што можете да кажете "covfefe“. Еве ја листата на неговите досега отпуштени соработници
Х.Р. Мекмастер
Со твит на 22 март, Трамп најави дека го заменува Мекмастер со Џон Болтон како негов советник за национална безбедност. Почитуван генерал, Мекмастер најави дека се повлекува од армијата и од јавната служба. Трамп и Мекмастер имале различни погледи за бројни прашања.
Рекс Тилерсон
Поранешен директор на Ексон, Тилерсон беше државен секретар едвај повеќе од една година. Трамп го отпушти Тилерсон со цел да формира „нов тим“ во пресрет на разговорите со Северна Кореја, признавајќи дека со Тилерсон „имале недоразбирања за нешта“. Нивните односи отидоа по надолна линија откако Тилерсон го нарече Трамп „морон“ во 2017.
Гери Кон
Ветеранот од Голдман Сакс, му беше главен економски советник на Трамп. Тој ги избутка даночните реформи во 2017. Но, Кон си поднесе оставка во март 2018 откако не успеа да го убеди Трамп да не воведува заштитни царини за увоз на челик и алуминиум.
Хоуп Хикс
Таа поднесе оставка од функцијата директор за комуникации на Белата Куќа на крајот на февруари. Ден пред оставката, Хоуп сведочеше во Конгресот за мешањето на Русија во изборите. Призна дека кажувала „шарени лаги“ во корист на Трамп, но не во врска со Русија. Белата Куќа инсистира дека оставката не била поврзана со сведочењето.
Роб Портер
Секретарот на персоналот на Белата Кужа поднесе оставка откако поранешните сопруги го обвинија за домашно насилство. Тој ги демантираше обвинувањата. Трамп го бранеше Порер, а американските медиуми се прашуваа како воопшто ги минал тестовите за вработување. Се шпекулира дека е во романтична врска со Хоуп Хикс.
Стивен Бењон
Тој имаше клучна улога во победата на Трамп на изборите, но мораше да замине по само една година. Бењон се залагаше за економски национализам и ја промовираше стратегијата „Америка на прво место“.
Ентони Скарамучи
Поранешниот хеџ-фонд инвеститор беше директор за комуникации само 10 дена. Трамп беше незадоволен од неговиот медиумски напад врз колегите од тимот на претседателот.
Рејнс Прибус
Поранешниот шеф на кабинет во Белата Куќа беше принуден на оставка само шест месеци откако дојде на функцијата, по јавниот судир со Ентони Скарамучи. Прибус беше еден од функционерите кои се противеле на именувањето на Скарамучи.
Шон Спајсер
Спајсер имаше затегнати односи со претседателот, но и со медиумите, а поднесе оставка откако директно му кажал на Трамп дека остро се спротивставува на именувањето на Скарамучи за директор за комуникации на Белата Куќа.
Мајкл Дубке
Поранешниот директор за комуникации на Белата Куќа беше принуден на оставка во мај 2017 година, откако беше критикуван поради слабата контрола на скандалот со руското мешање во изборите во САД.
Џејмс Коми
Претседателот Трамп го отпушти директорот на ФБИ, Коми- наводно поради лошото водење на истрагата за електронската пошта на Хилари Клинтон. Но, критичарите веруваат дека отказот се должел на истрагата на ФБИ за врските на Трамп со Русија.
Мајкл Флин
Именуван како прв советник на Трамп за национална безбедност, Флин поднесе оставка во февруари 2017, откако беше откриено дека разговарал за американските санкции кон Русија со рускиот амбасадор во Вашингтон, уште пред доаѓањето на Трамп на функцијата, и го излажал потпретседателот Мајк Пенс за содржината на тој разговор.