1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиИндија

Воз излета од шините во Индија

28 мај 2010

Најмалку 71 лице го загуби животот, а околу двесте се повредени во денешниот напад врз патнички воз во источниот дел на Индија. Властите претпоставуваат дека зад нападот стојат маоистичките бунтовници

https://p.dw.com/p/NbyW
Фотографија: AP

Со чекани, метални шипки и секаков друг алат што ќе им дојде при рака, спасувачките екипи се обидуваат да извлечат што е можно повеќе преживеани од под остатоците на возот. Ноќниот експресен воз, што ги поврзува метрополите Мумбаи и Калкута, во текот на ноќта излета од шините. Надлежната министерка за транспорт и врски, Мамата Банарџи е сосема сигурна - се работело за атентат.

„Причината за излетувањето на возот од шините е експлозија на бомба и тоа голема експлозија. Во моментот на детонацијата возот се движел со полна пареа. Јас сум шокирана и го осудувам овој чин на насилство“, вели министерката.

На местото недостасува дел од шините

Тринаесет вагони излетале на соседниот колосек, каде се судриле со товарен воз, кој се движел во спротивната насока. И индискиот министер за внатрешни работи во меѓувреме е се` поуверен дека се работи за саботажа. Несреќата ја истражуваат и експерти на железничкото претпријатие, кои утврдија дека на местото на несреќата најверојатно недостасувал дел од шините.

NO FLASH Indien Zugunglück
Спасување на жртвите со сите силиФотографија: AP

„По се` што можев да видам, мислам дека овде е отстранет еден дел од шините. Прашањето е дали тоа можеби било причина за несреќата. Во нормални услови би требало да го најдеме парчето од шините, но во конкретниов случај никаде го нема“, истакна стручно лице од железницата.

Сомневањата се дека маоистичките бунтовници се одговорни за нападот врз патничкиот воз. Како реакција на најновата офанзива на владата, милитантите во последно време напаѓаат полициски станици, автобуси и железнички станици. Меѓутоа, во овој момент не можеме да тврдиме дека ова е дело на бунтовниците, истакнуваат претставници на индиските власти.

Автор: Каи Кистнер / Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска