Појасот Газа: Стотици луѓе ја напуштиле болницата Ал- Шифа
18 ноември 2023Пациенти, персонал и бегалци во голем број ја напуштиле болницата Ал-Шифа во Појасот Газа. Според репортери на новинската агенција АФП, луѓето пешки избегале по улица во правец на јужниот дел од Појасот Газа. Очевидци и за агенцијата ДПА потврдиле дека голем број луѓе го напуштиле просторот на болницата.
Просториите во неа и непосредната околина израелските војници веќе четири дена ги пребаруваат во потрага по терористите на Хамас и од нив земените заложници. Зошто дошло до празнење на болницата, постојат противречни информации: додека израелската армија тврди дека ја евакуира зградата на барање на директорот на болницата, Министерстото за здравство контролирано од Хамас издаде соопштение според кое наредба за евакуација издала израелската армија утрото.
Во болницата, како што информира израелската војска, е останат медицинскиот персонал кој се грижи за пациентите кои не можат да ја напуштат. Овие наводи не можат независно да се проверат.
Претставници на Министерството за здравство во Појасот Газа, подредено на Хамас, изјавиле дека во болницата се наоѓаат уште 450 пациенти. Светската здравствена организација пред неколку дена зборуваше за околу 2.000 луѓе во болницата, од кои веројатно повеќе од 600 пациенти.
Во болницата од пред една недела веќе нема електрична струја , инкубаторите за новороденчиња и апаратите за дишење не функционираат. Директорот ја спореди болницата со „огромен затвор“.
Израел го обвинува радикално исламистичкиот Хамас дека ја злоупотребува болницата за терористички цели и тврди дека под објектот постои командна централа, што терористите го негираат.