1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Војна во Газа: Aлтернативен глас за мир од Израел

17 август 2024

Ниту „про-Израел“, ниту „про-Палестина“: со еден подкаст двајца млади активисти кои себеси се дефинираат како палестински Израелци, бараат излез од насилството и поларизацијата и признавање на нивниот идентитет.

https://p.dw.com/p/4iuPy
Ибрахим Абу Ахмад и Амира Мохамед подкастери
Ибрахим Абу Ахмад и Амира Мохамед се посветени на мирот и на дискурс кој не води кон поларизација на Блискиот ИстокФотографија: Alexi J. Rosenfeld/Getty Images

Родителите на Маоз Инон беа меѓу првите жртви во нападот од Хамас врз Израел на 7 октомври. И покрај болката, два дена по трагедијата му било јасно дека не сака одмазда. „Одмазда нема да ги врати моите родители, ниту други убиени Израелци и Палестинци“, напиша нешто подоцна на темата.

Истата ноќ израелскиот бизнисмен и активист за мир сонувал еден сон во кој видел улици полни крв и заплакал. „Не плачев сам, туку со сите кои се погодени од војнава. Нашите солзи ја миеја крвта од улиците", раскажува тој во подкастот „Unapologetic: The Third Narrative". Тоа што Маоз го видел не било кошмар, туку визија за една подобра иднина, без крвопролевање.

„Надежта е дејствие“

И Хамзе Ававде сонувал. Палестинскиот автор и мировен активист раскажува во истиот подкаст како на сон гледа слики од израелски војници. Тие доаѓаат за да го убијат него и неговото семејство, како што го убиле и неговиот братучед. Хамзе е мировен активист бидејќи за него надежта не е чувство, туку нешто што го преземаш, вели тој. „Да чекаш на две држави е исто чувство како да чекаш на месијата", пишува тој во еден од најновите есеи.

Настрана од непријателството

Тоа што им е заедничко на Хамзе и Маоз е нивната надеж за крај на војната. Затоа се гости во подкастот. Форматот е основан во октомври 2023 година непосредно по нападите од Хамас, која од САД, ЕУ и други се категоризира како терористичка организација. Двајцата основачи, Амира Мохамед и Ибрахим Абу Ахмад, се дел од Арапите во Израел, кои имаат израелско државјанство и кои според израелските статистички власти сочинуваат околу 17 проценти од населението во земјата. Севкупно околу 21 процент од жителите на израелска територија се Арапи. Амира и Ибрахим – како и мнозинството од нивната заедница - се дефинираат себеси како палестински Израелци. Тоа е идентитет за кој политички мора да се борат, бидејќи израелската држава отфрла палестински идентитет кај своите државјани и признава само „арапски Израелци".

Амира е убедена дека граѓани како што е таа токму поради нивниот идентитет може да играат клучна улога во блискоисточниот конфликт – и дека треба да биде така. „Нема да се договориме", вели Амира во разговор со ДВ. „Без разлика дали се работи за тоа што се случи на 7 октомври, дали ќе зборуваме за војна или геноцид, или за тоа колку лица се загинати во Газа. Но, мора да се договориме за иднината", вели Амира.

подкастери Амира Мохамед и Ибрахим Абу Рахмад
Амира и Ибрахим разговараат за нивниот подкаст „Unapologetic: The Third Narrative“Фотографија: Alexi J. Rosenfeld/Getty Images

Против црно-бело размислување

Иднина Амира и Ибрахим гледаат настрана од поларизацијата. „Тоа што сакаме да го постигнеме со подкастот е трет наратив на Запад", објаснува Ибрахим.

Затоа двајцата во прва линија адресираат западна публика. „На Запад често има црно-бело размислување. Човек или е пропалестински, или произраелски настроен", вели тој во првата епизода.

„Наместо како на фудбалски терен да навиваат за Роналдо или за Меси, луѓето на Запад треба платформите да ги користат за тоа сите страни подеднакво да ги критикуваат", смета Амира. Успехот им дава за право – до 180 илјади луѓе ја слушаат секоја епизода од подкастот, речиси 30 илјади лица ги следат на Инстаграм.

„Произраелски" или „лоша Арапка"?

И покрај сиот успех двајцата активисти секојдневно се борат против отпори од сите од сите страни, раскажува Амира. Ако во јавноста зборува арапски, Израелците ја гледаат со страв. Ако зборува хебрејски без арапски акцент, многу Палестинци не ѝ веруваат, раскажува таа. „Од сите страни нѐ делегитимираат. Ако сум ‘преизраелска', се ставам на страната на угнетувачот. Ако сум ‘прегорда Палестинка', легитимирам терор или ме претставуваат како ‘лоша Арапка'", посочува таа.

Амира е убедена дека двојниот идентитет, нејзин и на многумина други, е неискористен потенцијал во конфликтот. „Ние ги познаваме двете култури и ја чувствуваме болката на двете страни. Но, сѐ додека не нѐ признаат како палестински Израелци, не сме дораснати на улогата на посредници. Ние сме малцинство, но сакаме да нѐ претставуваат како тоа што сме“, вели Амира.

подкастери Амира Мохамед и Ибрахим Абу Ахмад
И покрај сиот успех двајцата активисти секојдневно се борат против отпори од сите од сите страниФотографија: Alexi J. Rosenfeld/Getty Images

Поделени чувства

На 7 октомври посебно силно го почувствувала сопствениот двоен идентитет. „Беше катастрофа. Не знаев што да чувствувам", се потсетува таа. Додека Амира на југот на Израел, недалеку од Газа, во еден ходник барала засолниште од бомбите, била залепена за мобилниот телефон и во живо следела извештаи за случувањата. Видела како Палестинци ја преминуваат оградата, која веќе 30 години на 365 квадратни километри ја двои Газа од Израел. Површина помала од половина Хамбург со преку два милиона население. „Да видиш како луѓето излегуваат од Газа, ми донесе мало олеснување. Тие заслужуваат да бидат слободни", вели Амира. Но, луѓето кои тргнаа преку оградата не бараа слобода, туку убија најмалку 1200 лица, запалија куќи, силуваа жени и земаа стотици заложници со себе.

Наоѓајќи се сѐ уште во ходникот, Амира видела слики од трупови на млади девојки и заложници на пикапи кои се носат во Газа. За цело време зградата се тресела од бомбите. „Тоа можев да бидам и јас. За мене тоа беше моментот кога ја чувствував мојата израелска страна", се потсетува таа.

„Сите ние сме заслужиле нешто подобро“

Повеќе од девет месеци по нападот од Хамас врз Израел, војната продолжува. Билансот според податоци на ОН е крвав – има повеќе од 39 илјади загинати луѓе во израелските напади врз Појасот Газа. 120 израелски и други заложници и натаму се во заложништво на Хамас. На повидок нема мир.

Двајцата подкастери продолжуваат со својата работа и сакаат да се солидаризираат со Палестинците и Израелците и да смеат да ги критикуваат двете страни, без да мора да се оправдуваат, вели Амира. „Сакаме да ги сопреме војната и крвопролевањето. Палестинци, Израелци, христијани, евреи, муслимани – сите заслужуваме многу повеќе од ова“, велат. 

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик