Се помалку питка вода во чешмите - кој ја мати водата?
8 октомври 2024Питката вода од чешма станува луксуз во неколку градови во Северна Македонија.Обилните дождови, недоволната грижа за одржување на водоводната мрежа и филтер станиците ја заматија водата со манган и со „политика“. Додека надлежните се препукнуваат зошто нема безбедна вода за пиење и кој е виновен, жителите на неколку градови во земјата се снаоѓаат како можат и умеат. Место вода од чешма, веќе две недели во Струмица се „точи“ вода од цистерна и канистри за да се стиши жедта.
Обилните врнежи дожд деновиве ја заматија водата во Тетово и во Гостивар, каде на сила беа ограничувања на водата во градскиот водовод. Изминативе две недели, беа воведени две забрани за употреба на водата од гостиварскиот водовод, а како причина еднаш беше наведено присуство на колоформни бактерии и ешерихија коли, а во вториот случај беше откриен манган.
Добри резултати не покажаа ниту физичко-хемиски и микробиолошки анализи во општина Василево. Јавното претпријатие „Турија“, Василево ги информираше жителите од населените места во општина Василево, (Василево, Градашорци, Ангелци, Едрениково, Добрашинци, Нова Маала и Чанаклија) кои со вода за пиење се снабдуваат од Брана Турија, односно преку филтер станиците Ташли Баир и Добрашинци, но и жителите на Дукатино,Сушево и Владевци, дека водата моментално не е за употреба и пиење. Во недостиг на чиста вода од чешмите, општините преземаат мерки да обезбедат питка вода за населението, со диспанзери, шишиња и канистри вода во училиштата и градинките, како и цистерни со вода за населението.
Наталожени проблеми
„Заради намалувањето на количините на вода во акумулацијата на брана Турија и промената на квалитетот на сировата вода која доаѓа од брана Турија, односно зголемените количини на суспендирани материи кој ги има во сировата вода, фабриката за вода (филтер станицата) не е во можност да ги преработи и да ги сведе во границите кои се пропишани согласно правилникот за вода за пиење“, алармираше Општина Струмица на 27 септември.
Проблемот со питка вода во Струмичко трае веќе две недели и решение нема и покрај повикот на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, да се седне на маса и да се изнајде решение. Тој деновиве излезе со тврдење дека проблем е техничката вода којашто ја купуваат од АД „Водостопанство“, но дека немаат детектирано проблем во мрежата за снабдување со вода за пиење.
И од општина Василево информираа дека изминатиот период е направен сериозен зафат на филтер станицата Ташли Баир. „Ја променивме кварцната песок, која претходно никогаш не беше променета од 2006 година,односно од изградбата на самата филтер станица. Исто така променета е и целата електроника“, информираат од Општината.
Но, министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски деновиве на прес- конференција со директорот на Агенција за храна и ветеринарство Оливер Миланов, директорот на АД Водостопанство Филип Филиповски и директорката на Институт за јавно здравје Марија Андоновска, ја оцени ситуацијата како еколошка катастрофа и го впери прстот директно во градоначалникот Костадин Костадинов. Тој апелираше надлежните институции и ЈО да го испитаат случајот зашто што некој дозволил дистрибуирање вода која не треба да ја пијат граѓаните, а доведувањето во прашање на нивното здравје е кривична одговорност.
Дел од проблемите со недостигот на питка вода се лоцираат во старата и дотраена опрема и системите за подобрување на квалитетот на водата, што е обрска на локалната самоуправа. Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) направија вонреден инспекциски надзор во акумулацијата Турија. Направен е увид и на филтер станицата и интерната лабораторија при што е утврдено дека струмичкото јавно претпријатие во моментов ги презема потребните мерки за намалување на нивото на манган во водата.
„Со надзорот е констатирано дека филтерната станица, резервоарите и главна водоводна мрежа, повеќе години не се механички чистени и хиперхлорирани, иако, согласно член 24 од Правилникот за барања на безбедност и квалитет на вода за пиење, јавното комунално претпријатие има обврска тоа да го прави еднаш годишно, за време на елементарни непогоди и зачестено. Утврдено е дека во моментов целиот систем е контаминиран, заради што е наредено да се спроведе мерката за механичко чистење и хиперхлорирање и повторно вршење на лабораториски анализи по спроведувањето на мерките“, посочија од АХВ.
Проблемите со водните ресурси
Снабдувањето на населението со квалитетна вода за пиење е важен приоритет на секоја држава. Институтот за комуникациски студии во публикацијата „Како да ја користиме и заштитиме водата“ објавена во 2020 година ги посочува главните проблеми со водните ресурси. На ниво на Републиката, според ИКС, постојат значајни разлики во постојната покриеност на услугите за водоснабдување по региони. Највисока покриеност со редовно управување и следење – централизирано снабдување е забележано во Скопскиот регион (околу 91 процент), додека најниска покриеност е регистрирана во Полошкиот, Североисточниот и Југозападниот регион (66 до 75 проценти).
„И покрај податокот дека 88,9 проценти од вкупниот број индивидуални домаќинства се снабдуваат со вода за пиење од јавен водовод, што претставува висок статистички показател, самиот факт дека на почетокот од 21 век, во срцето на Европа, сѐ уште дел од домаќинствата пијат вода која, ниту биолошки ниту хемиски, не е проверена претставува показател којшто треба да загрижува. Ниту фактот дека поголемиот број од домаќинствата кои не се снабдуваат со вода за пиење од јавен водовод се концентрирани претежно во ретко населени рурални населби – не може да биде оправдување за недоволната грижа на државата, во секој стан, до секое домаќинство да се донесе квалитетна вода за пиење“, се наведува во публикацијата.
Во некои општини, поради недостиг на вода за пиење, постојат заостанати или новоиздупчени бунари што се користат за пиење, посебно во зоните на неурбанизирани и стари населби. Овие води не се контролирани и нема податоци за безбедноста и критериумите за квалитет, особено од микробиолошки и хемиски аспект. Ваквиот податок укажува дека 11,1 процент од вкупниот број на индивидуални домаќинства немаат пристап до вода за пиење.
Неконтролирано трошење
Со проблеми со питка вода често се соочуваат и други градови. Општина Чашка почна со барање нови дополнителни изворишта за здрава вода за пиење за жителите од населените места Извор и Долно Врановци, а во Струга летово се најавуваа засилени контроли со цел да се спречи неконтролираното трошење на вода во летниот период, што доведува до недостиг на питка вода.
Последните анализи на добротворната организација Waterwise и британското тело за стандарди за производи BSI, неодамна покажаа дека Северна Македонија ќе има проблем да обезбеди квалитетна вода во иднина доколку продолжи неконтролирано да ја троши и да не ги спречува огромните загуби. Македонија се наоѓа високо на листата на земји каде што безбедноста на водата се влошува од година во година. Јужна Африка и Турција се наоѓаат на врвот на листата со вкупни оценки - 30 и 28, а потоа следат Кина, Кипар, Индија, Северна Македонија и САД со оценка 27.
Македонија е една од земјите со најголеми загуби на вода во регионот - околу 63 проценти. За справување со овој проблем потребен е континуиран инвестициски циклус во водоводната мрежа, со цел да се намалат загубите на вода од извор до чаша. Според податоците за 2023 година на ниво на цела држава, загубата на вода во просек изнесува над 60 проценти.
Проценките се дека земјата годишно губи 146 милиони кубици вода за пиење, од годишно произведените 245 милиони кубни метри вода. Најмногу вода за пиење во апсолутна загуба се губи во Скопје - дури 63 милиони метри кубни годишно, што е 43 % од целата загубена вода во земјата. Следат Гостивар, Тетово и Кичево.