Уапсен е напаѓачот кој уби осум луѓе кај Младеновац
5 мај 2023По пукањето со автоматско оружје и убиството на осум луѓе во селото Дубона кај Младеновац, осомничениот 21-годишен напаѓач е уапсен во Крагуевац, како што јавија српската државна телевизија РТС и државната новинска агенција Танјуг, повикувајќи се на свои извори.
Напаѓачот во четвртокот вечерта со автоматско оружје пукал во група луѓе, убивајќи осум и ранувајќи повеќе од десет од присутните.
Сведоци за медиумите во Србија изјавиле дека било пукано додека седеле на клупи во центарот на селото, а извршителот пукал на нив од автомобил. Според непотврдени информации, меѓу жртвите се и еден полицаец и неговата сестра.
Извршителот побегнал по нападот, а полицијата организирала голема потера со учество на над 600 полицајци, меѓу кои припадници на антитерористичка единица. Потрагата била вршена и со хеликоптери и дронови. Градот Крагуевац, каде е уапсен осомничениот убиец, се наоѓа на околу 100 километри од местото на злосторството.
Мотивите на напаѓачот досега се непознати.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Братислав Гашиќ го посетил местото на нападот синоќа и настанот го опишал како „терористички акт“, но не изнесол натамошни детали.
Најновиот масакр се случува само еден ден по трагедијата која ја потресе цела Србија– во средата на 3 мај во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ тринаесетгодишен ученик со огнено оружје уби осум свои соученици и чуварот на училиштето, по што беше приведен од полицијата.