Белорусија: Стигнаа руски војници од заедничките единици
15 октомври 2022„Првите конвои со руски војници кои ќе бидат во составот на регионалниот воен сојуз стигнаа во Белорусија“, соопшти Министерството за одбрана во Минск. Според Министерството, задачата на војниците се состои „исклучиво во јакнење на одбраната на границата“.
Официјални објавени фотографии прикажуваат како белоруски жени облечени во народни носии ги пречекуваат руските војници со традиционалниот поздрав на добредојде – со леб и сол.
Белорускиот властодржец Александар Лукашенко во понеделникот најави создавање заеднички белоруски-руски сојуз. Најавата предизвика стравувања од можно учество на белоруски војници, заедно со руската армија, во борбите во источна Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија за „намера директно да ја вовлече Белорусија во војната “, истовремено истакнувајќи барање за испраќање меѓународна набљудувачка мисија на белоруско-украинската граница.
Белорусија е финансиски и политички зависна од Русија како свој сојузник. Во месеците пред почетокот на руската воена агресија во Украина, Лукашенко им даде дозвола на руските трупи да влезат во Белорусија. Белоруските војници меѓутоа досега на учествуваа во руската офанзива во Украина.