1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Влае ја доби битката против бетонизацијата

ДТЗ
21 јули 2023

Советот на Град Скопје го укина Регулацискиот план за населбата Влае, кој предвидуваше изградба на нови згради и целосна бетонизација. Битката продолжува за спас на Лисиче, Водно и во другите населби

https://p.dw.com/p/4UDOQ
Скопје
Советот на Град Скопје го укина Регулацискиот план за населбата Влае, кој предвидуваше изградба на нови згради и целосна бетонизација.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Советот на Град Скопје го укина Регулацискиот план С3 19 за населбата Влае, кој предвидуваше изградба на нови згради и целосна бетонизација. По бурните реакции на граѓаните, со тесно мнозинство во четвртокот (20.07) е донесена одлука со која сите претходни активности на основа на овој регулациски план се враќаат на почетна точка и треба да се прават на основа на постоечкиот Генерален урбанистички план. Со Деталниот урбанистички план донесен врз основа на Регулацискиот план се предвидуваше изградба на згради на просторот на некогашно кино Влае.

„Ова е огромна победа за граѓанските иницијативи, бидејќи иницијативата Борба за Влае директно соработуваше со советниците на Советот на Град Скопје за повлекување на урбанистички документ од својата населба. Преку средби со советнички групи се направи мнозинство во Советот“, оценија граѓаните здружени во иницијативата Борба за Влае. 

Жителите на Влае ја добија битката против бетонизацијата, но можат ли да успеат во тоа и другите скопски населби на кои им се заканува прекумерна урбанизација? 

Скопје
Жителите на Влае ја добија битката против бетонизацијата, но можат ли да успеат во тоа и другите скопски населби на кои им се заканува прекумерна урбанизација? Фотографија: DW/P. Stojanovski

Облакодери брзо се креваат додека правдата е бавна

Иницијативата за поништување на планот беше поднесена од „Зелен хуман град“ по барање на граѓанската група „Борба за Влае“.

„Расправата која течеше по предлог-одлуката е доказ дека граѓаните мора да се самоорганизираат и да станат дел од локалните совети за да се осигураат дека ќе се носат одлуки со кои ќе се заштити јавниот интерес. Сите знаеме со која брзина се дигаат облакодери, а колку е бавна правдата за обичниот човек. Со оваа предлог-одлука му даваме моќ и надеж на секој граѓанин дека има претставници во локалните совети кои стојат рамо ро рамо со нив, а не наспроти нив“, вели Горјан Јовановски од Зелен хуман град. 

За поништување на планот гласаа 23 советници и тоа двајцата советници на „Зелен хуман град“, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, еден член на Алијанса/Алтернатива, советничката група на Левица и двајцата советници од ЛДП/ДОМ. Преполовената советничка група на СДСМ и коалицијата гласаше воздржано, а целата советничка група на ДУИ не била во салата на гласањето.

Од Борба за Влае се надеваат дека иако сите советнички групи не дале поддршка на иницијативата, дека и самите тие се против ДУП-ови кои бетонираат населби и Регулациски планови кои овозможуваат заради нови висококатници да се променува траса на улица, да се одземе од школски двор и општо да се загрози безбедноста на учениците и жителите.

„На крајот на денот веруваме дека има можност да се направи мнозинство во Град Скопје создадено од различни советнички групи кои ќе се обединат против штетни ДУП-ови кои се носат сега или се донесени во мандатите на минатите градоначалници. Тоа успеа да се создаде во Општина Карпош. Може да успее во сите општини, па и во Град Скопје“, велат жителите на Влае. 

урбанизација Шанса за Центар
„Шанса за Центар“ пред Уставниот суд го оспорија Деталниот урбанистички план за Буњаковец во чии рамки спаѓа и просторот на поранешната фабрика „Треска“Фотографија: Jana Belceva-Andreevska/DW

Има ли шанса за Треска и за Лисиче? 

Во меѓувреме битката против бетонизацијата продолжува и во другите скопски населби. Жителите на Лисиче веќе неколку месеци се обидуваат да ги оспорат плановите на  Општина Аеродром за изградба на 11 висококатници по должина на булеварот „Србија“ и улицата „12. Македонска бригада“. Во најава е трет план за ДУП за Лисиче, за што граѓаните изминатиов период имаат шанса да ги достават своите забелешки и предлози. Од иницијативата „Да го зачуваме Лисиче“ се децидни дека нема простор за нови згради. 

Од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, пак, пред Уставниот суд го оспорија Деталниот урбанистички план за Буњаковец во чии рамки спаѓа и просторот на поранешната фабрика „Треска“, со цел да го спречат неговото понатамошно спроведување, коешто сметаат дека ќе нанесе штета на јавниот интерес. 

Според нив, планот за Буњаковец предизвикува ризици за здравјето, безбедноста на локалната заедница и квалитетот на живот. Во ДУП се отсликува практиката на планирање од изминатава деценија, а со главен белег на зголемување на површините за домување и бројот на жители. Истовремено, се намалуваат површините под зеленило, јавните површини и објектите со социјална или образовна намена. „Затоа бараме од Уставниот суд да го стави надвор од сила и да го заштити правото на граѓаните на чиста и здрава животна средина“, порачаа од „Шанса за Центар“.

Спас и за Водно

Зелениот појас во Водно би можел да се спаси од урбанизација доколку се почитува забраната за градење надвор од генералниот урбанистички план. Ваква одлука деновиве донесе Советот на Општина Центар, со цел заштита на зелениот појас од понатамошна експлоатација и евентуални злоупотреби.

Водно, урбанизација, илегална градба
Зелениот појас во Водно би можел да се спаси од урбанизација доколку се почитува забраната за градење надвор од генералниот урбанистички план.Фотографија: Bürgergruppe zum Schutz von Vodno

„Ветив дека ќе работам за да се стопира секое градење во зелениот појас, тоа го ветив пред граѓаните и тоа го исполнувам заедно со општинската администрација. Ниту една зелена педа на Водно нема да биде уништена“, порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски. 

Водно веќе подолго време е сардисано од багери, а секоја нова градба преставува не само атак врз животната средина, туку и врз безбедноста на околните куќи. Општина Центар смета дека преку одлуката за определување на дозволеност на градба исклучиво во границите определени со планскиот опфат на генералниот урбанистички план на Град Скопје, го заштитува Водно од секаква понатамошна експлоатација и злоупотреба.