1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата на тест: Претставата заврши или почнува?

3 јуни 2024

Декларацијата за етнички изборен легитимитет што ја потпишаа лидерите на Европскиот фронт, ги вжешти реакциите во албанскиот блок.

https://p.dw.com/p/4gZ8p
Али Ахмети
Али Ахмети прочита дел од Декларацијата: „Ова моноетничко мнозинство, кое го нарушува легитимитетот на другите етнички заедници, го оптоварува соживотот, демократијата и тоа не треба да го дозволиме сите заедно“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Претставата заврши, дојде време да се спушти завесата, му порача Изет Меџити од Коалицијата Вреди на Европскиот фронт, чии лидери вчера во Тетово потпишаа политичка декларација за етнички изборен легитимитет, што ќе биде испратена до сите локални и меѓународни институции.

Декларацијата со која се бара „владините коалициски партнери да бидат определени од  изборната волја  на двете најголеми заедници во земјата, Албанците и Македонците, како и легитимните претставници на другите заедници“, била одбрена и потишана од сите партиски органи, претставници во централната, законодавната и локалната власт и од партиите кои се дел од Европскиот фронт.

Додека Европскиот фронт предводен од ДУИ се надева дека со декларацијата и  анимирање на меѓународни институции  ќе направи пресврт во компонирањето на владата, денеска во Собранието ќе се одржи првата координативна средба на која ќе се разговара кога парламентот би можел да ги донесе измените на Закон за организација на работата на органите на државната управа, со цел да се изгласа новата влада со реорганизирани ресори.

„Возот е тргнат, јалови се обидите на ДУИ да го запре процесот“, кусо коментираат од Вреди.

Изет Меџити, претседател на Демократското движење кое е дел од Коалицијата Вреди, порачува Ахмети и неговите пријатели воопшто да не се грижат за легитимитетот, бидејќи знаат дека го изгубиле, а Вреди е новиот легитимен фактор кој ќе ги претставува Албанците.

Изет Меџити
Изет Меџити порача дека Вреди е новиот легитимен фактор кој ќе ги претставува АлбанцитеФотографија: Petr Stojanovski

„Драмата во режија на Али Ахмети  која се прикажа во Тетово е само демонстрација на страв од губење на привилегиите со кои некогаш се збогатуваа, а сега се обидуваат да го заштитат богатството создадено со наши пари, додека обичниот граѓанин едвај го врзува почетокот со крајот на месецот. Го разбирам нивниот очај: 20 години живееја на сметка на народот и се богатеа со парите на граѓаните! Тие имаат една цел: очајно да го заштитат  губењето на власта, нивните фотелји и семејни бизниси, цел камуфлирана со патриотизам и фолклоризам“, се вели во објавата на Меџити на Фесубук, со став дека одговорност ќе има и системот ќе биде ослобен од корумпираната каста.

Раздели, па владеј

Од Европскиот фронт не се откажуваат од битката за легитимитет и бараат изборната волја на нивните гласачи да биде претставена во владата. Како што рече вчера лидерот на ДУИ, случувањата и чекорите по парламентарните и претседателските избори на 8-ми мај 2024 година го доведеле во прашање духот на Охридскиот договор и сега ситуацијата се враќа на политиката „раздели па владеј“.

Партнерите од фронтот ставија потписи под ставот дека демократијата во РСМ може да биде функционална и стабилна само кога мнозинската заедница ги почитува легитимните претставници на политичката волја на Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците и другите заедници. Во декалрацијата велат дека таа волја мора да се почитува од страна на мандатарот, а непочитувањето на легитимитетот овозможува воспоставување на етничка хегемонија и понижување кон Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците и другите. „Ова моноетничко мнозинство, кое го нарушува легитимитетот на другите етнички заедници, го оптоварува соживотот, демократијата и тоа не треба да го дозволиме сите заедно. Ние, домашните сили и меѓународната заедница, како гаранти на Охридскиот договор и олеснувачи на Мајскиот договор, не смееме да дозволиме враќање назад, поништување на досегашните заеднички достигнувања и мора да спречиме повторување на непочитување на политичката волја и легитимитетот на суверениот, затоа што сите сносиме одговорност за мирот, безбедноста, стабилноста на нашата земја и регионот“, порача Ахмети, читајќи го завршниот дел од декларацијата.

Или - или, друг избор нема!

Лидерите потписници на политичката изјава вчера потстетија дека токму духот на Охридскиот договор ги оставил настрана идеите за дводомен парламент или територијална автономија. На овие аспекти се осврнаа Зијадин Села од АА и Мендух Тачи од ДПА.

„Ако Христијан Мицкоски го нашол местото каде што Македонците го изразуваат својот легитимитет 54%, тогаш, или треба да ни го покаже местото каде што ние Албанците и другите заедници ќе го изразуваме нашиот легитимитет и ќе ги избереме нашите политички претставници, или ова место ние самите ќе го нацртаме, ќе знаеме сами да го избереме. Секако дека нема друг начин!“, рече во обраќањето Села. Тачи укажа дека потпишаните договори „не се шега“.

Мендух Тачи
Мендух Тачи: потпишаните договори „не се шега“Фотографија: picture-alliance/abaca/Anadolu Agency

„Албанците од Македонија го имаа референдумот за политичко-територијална автономија. Македонските Албанци имаа на маса барања за дводомен парламент, за уставни измени, но со компромиси од 1990, во 2001 и во 2016 година, ние Албанците ги направивме тие компромиси, затоа што ни беше гарантирано дека Македонија ќе биде во НАТО и ЕУ“, рече Тачи.

Говори имаа сите лидери на партии кои се дел од Европскиот фронт. Претседателот на Народното движење, Скендер Реџепи, иронизираше со шпекулациите дека  пратеници од фронтот ќе се приклучат на мнозинството.

„Пред некој ден рекоа дека 3-4 пратеници со една нога се дел од нивното апстрактно мнозинство. Но јавно ќе прашам, со која нога? Нека ни покажат, со десната или со левата? Затоа што со десната нога влегуваат во власта оние што го имаат легитимитетот од оние што им ја дава сувереноста, а со левата нога влегуваат оние што му служат на Мицкоски“, критикуваше Реџепи.

Според претседателот на Европската демократска партија (ЕДП), Аријанит Хоџа, сѐ додека другите се обидуваат да го тестираат Европскиот фронт, на тест се државата и иднината.

„Во 2001 година беше склучен мировен договор, а тоа е Охридскиот рамковен договор и сѐ што отстапува од овој договор ги нарушува и етничките и политичките баланси и отвора ново поглавје. Давам ветување дека како ЕДП стоиме зад заштитата на гласот на граѓаните и легитимитетот“, рече Хоџа.

Привлекување на меѓународното внимание

Од Европскиот фронт се надеваат дека ќе го анимираат меѓународното внимание за начинот на кој Охридскиот договор се загрозувал во Северна Македонија. Дали и какво меѓународно ехо ќе предизвика декларацијата допрва ќе се види, но сметаат дека со неа сигналот е испратен.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој пред три дена во Прага учествуваше на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, на Фејсбук објави фотографија со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, со објаснување за што разговарале.

„Со секретарот Блинкен разговарав за актуелните настани во нашата земја и за неопходноста од продолжување на евроатлантскиот пат на земјата, посветеноста кон функционалната мултиетничка демократија и почитувањето на трите договори. Му се заблагодарив за континуираната поддршка од САД“, напиша Османи.