Виктор Орбан во Грузија контра ЕУ
30 октомври 2024Унгарскиот премиер Виктор Орбан на почетокот на неделава отпатува во Тбилиси за да ѝ ја честита изборната победа на владејачката партија „Грузиски сон“, која е сојузник на Русија, додека пак десетици илјади луѓе во градот излегоа на протести, заради нефер избори, како што опозицијата ги оквалификува во текот на викендот.
Во извештајот објавен во неделата од Организацијата за безбедност и соработка во Европа, се наведува широко распространета кампања за заплашување на гласачите. Во вторникот владата најави дека ќе има делумно пребројување на гласовите. Со оглед на тоа што Унгарија е на чело на ротирачкото претседателство на Советот на Европската унија, владите на некои земји-членки беа загрижени дека посетата на Орбан може да биде сфатена како официјален став на ЕУ во време кога претседателот Саломе Зурабишвили ги повика меѓународните сојузници „да ја заштитат Грузија застанувајќи зад народот, а не со нелегитимната влада“, како што напиша во понеделникот на платформата Х. Официјални претставници на ЕУ побараа истрага на наводите за нерегуларности на изборите од саботата, а неколку земји-членки формално се оградија од посетата на Орбан.
„Авторитарен, антидемократски, проруски“
За време на посетата заедничката кауза на Орбан и победничката партија „Грузиски сон“ беше инсинуацијата дека членство во ЕУ ќе бара Грузија да се вклучи во руско-украинската војна. „Едно јасно произлегува од изборите викендов, дека народот на Грузија гласаше за мир и просперитет на слободни и демократски избори“, пиша Орбан во вторникот на платформата X. Во партијата „Грузиски сон" и нејзините лидери, Орбан веројатно гледа и истомисленици за националниот конзерватизам во поширока Европа. „Виктор Орбан е јасен дека сака повеќе авторитарни, антидемократски, проруски чинители во европската политичка сфера“, оценува Жулиен Хоез, уредникот на „Френч диспеч“ и геополитички консултант.
Теона Лаврелашвили, која е специјализант за европски теми како визитинг соработник во Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс, за ДВ изјави дека посетата на Орбан во Грузија е директен предизвик за надворешната политика на ЕУ, а исто така испраќа мешани сигнали, исто како и неговата посета на Москва на почетокот на унгарското претседателство со Советот во јули. „Иако Орбан официјално не ја претставува ЕУ, неговото одобрување на изборите ризикува да го легитимира процесот, кој грузиската владејачка партија најверојатно ќе го искористи за да се спротивстави на барањата за нови избори или за независна истрага“, смета Лаврелашвили. „Тие може да се повикаат на Унгарија како земја членка на ЕУ, како поддржувач на изборите“, додава таа
Позицијата на ЕУ
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, побара брза, транспарентна и независна истрага за неправилностите и рече дека народот на Грузија има „право да знае што се случило“. Но, останува нејасно како ЕУ би можела да принуди влада на држава која не е членка на ЕУ да ги испита изборните нерегуларности, како и дали властите ќе спроведат истрага која на крајот би можела да ги инкриминира самите нив. Хоез верува оти ЕУ би можела на некој од претстојните состаноци да подготви нацрт за унифицирана осуда. „Ќе се одржи неформален состанок на 8 ноември во Будимпешта кој може да доведе до нешто, како и средба на министрите за надворешни работи на 18 ноември, на која најверојатно ќе се надоврзат на претходно сработеното“, смета Хоез. „ЕУ може да воведе таргетирани санкции за чинителите поврзани со еклатантната изборна измама“, вели Хоез. Претставниците на ЕУ може да одлучат да сочекаат реакција од владата на Грузија и конечни препораки од Организацијата за безбедност и соработка во Европа. „Во оваа фаза, овој внимателен пристап не мора да значи дека ЕУ не го признава изборниот резултат, туку ја одразува потребата за дополнително разјаснување на наведените нерегуларности“, вели Лаврелашвили. „ЕУ чека на два клучни индикатори: прво, финалните препораки од мисијата за избори на ОБСЕ и второ, одговорот од владејачката партија - особено дали ќе ги прифати и ќе постапи според барањата од ЕУ“, додава таа. „Во оваа фаза, поверојатно е ЕУ да врши дипломатски притисок, отколку да воведува санкции“, заклучува Лаврелашвили.