Уште повеќе лекови недостасуваат во Германија
4 март 2023Кога аптекарот Фатих Кајнак од Берлин прави набавка на залихи, по најново нарачува и арома од малина. „Самите си правиме парацетамол сируп“, вели тој. Одамна имал ваква идеја откако сирупите за намалување на температура зачестено не се достапни на пазарот, а доенчињата и малите деца не може да голтаат таблети.
Тој има на располагање таблети парацетамол, но проблем бил вкусот на сирупот. „Имав дома отворено шише сируп од Рациофарм, а една колешка од Бенурон. Овие два сирупа ни служеа како примероци и потоа правевме експерименти со различни ароми,“ вели тој. Крајната комбинација на сирупот ја тестирал персоналот на соседниот педијатар и поминала добро. „Мислам дека нашиот сируп има поубав вкус од оној на Рациофарм“, се радува Кајнак.
425 лекови недостасуваат на национално ниво
Ситуацијата од декември до сега е влошена вели аптекарот со кој последен пат разговаравме на крајот од минатата година. Недостигот на лекови е сѐ поголем, вели Канјак и додава дека „како никогаш до сега ни фали пеницилин, разни видови антибиотици, но и апчиња за намалување притисок, како и лекови за рак, желудник и за срцеви болести“. Оваа негова констатација се однесува на цела Германија.
Во официјалната база на податоци PharmNet.Bund каде се документираат тесните грла стои дека 425 лекови не се достапни на национално ниво. На анкетата која ја спроведе Здружението на аптеки во Северна Рајна во рок од 48 часа одговориле над 400 аптеки. Заклучокот гласи – речиси секој втор рецепт кој им го носат пациентите е засегнат од кризата со лекови, а дополнителните набавки од друго место би значеле околу 3000 евра дополнителни трошоци по аптека.
„Во повеќе од 130 коментари пред се е нагласен неподносливиот стрес и екстремно подолгото време потребно за набавка што резултира во намалена продажба и заработувачка,“ вели првиот човек на Здружението, Томас Прајс.
Потребно е да се следи состојбата
Аптекарот Кајнак малку поопуштено гледа на ситуацијата. „Тешко е, но успеваме добро да балансираме и да се справиме со ситуацијата. Постојано ја следиме состојбата со достапност на лекови и се трудиме да добиеме се што ни треба,“ вели тој. Кајнак на секој час проверува што е достапно на залиха кај големите трговци и веднаш кога ќе се појави знакчето дека некој лек е достапен прави нарачка. „Но и кога ќе нарачам 100 пакувања, добивам едвај пет“.
Помага и тоа што Министерството за здравство делумно го суспендираше правилото за фиксна цена. „Здравственото осигурување препорачува на клиентите да им ги даваме најевтините лекови, но сега веќе можеме да набавуваме од било кој производител без разлика на цената, односно од се што има на залиха.“
Потребна е реформа на законите
Суспензијата на фиксните цени засега ќе важи до мај 2023. Министерот за здравство сака до тогаш да спроведе законски реформи со кои суштински ќе се реорганизира регулативата за цената на лекови. Тоа може да резултира во дополнителни милиони евра трошоци за компаниите за здравствено осигурување. Ова создава и проблеми во владината коалиција. Најголемиот отпор доаѓа од ФДП, но министерот Лаутербах кој доаѓа од редовите на Социјалдемократите нема намера да отстапи од планот. „Неприфатливо“ е сирупи за температура за деца да се достапни во странство, но не и во Германија изјави тој категорично на крајот од минатата година.
Долго време цената беше главен критериум
Договорите за попусти и правилата за фиксни цени се сметаат за главни „виновници“ за проблемите со снабдување. Во случаи на лекови без патент, односно генерички лекови Здравственото осигурување во принцип ја плаќа само цената на најевтиниот понудувач на лекови со кој имаат склучено договор.
На пример за едно шише парацетамол сируп тоа се 1,36 евра - сума која не е зголемена во последниве десет години. Но, цените на парацетамолот во 2022 година пораснаа за 70%. За споредба, во 2012 имало 11 добавувачи на парацетамол сируп во Германија, а во јуни 2022 само еден.
Синџирите за снабдување повеќе не функционираат
Производството сега главно е во Азија. Европа е зависна од неколку евтини добавувачи. „Проблемот е што сè аутсорсираме,“ вели аптекарот Кајнак. „Ако Кина и Индија не може да ни испорачаат лекови, или ако ни кажат не ви праќаме бидејќи нам ни се потребни, тогаш имаме проблем,“ вели тој. Во меѓувреме производителите пријавуваат дека им недостасуваат и многу други работи. „Понекогаш тоа е хартија, понекогаш капачиња, и сето тоа бидејќи друг синџир на снабдување пропаднал, поради коронавирусот или поради тоа што бродот бил заглавен во Суецкиот канал.“
Повеќе пари само за дефицитарни лекови
Предлог законот од Министерството за здравство предвидува само повисоки цени за генеричките лекови кои се дефицитарни. Посебно внимание им се посветува на лековите за деца до 12 години. Цените на овие лекови може да се зголемат и до 50% повеќе од порано. Доколку компаниите за здравствено осигурување постигнат договори за попуст со произведувачите, тогаш во иднина мора да се внимава дали и состојките кои се користат се произведуваат „блиску до ЕУ или во државите кои се дел од Европската економска зона.“ Ова е со цел да се осигура дека снабдувањето е безбедно дури и доколку настапи криза.
Нема подобрување „преку ноќ“
Според фармацевтските компании ова не е доволно. „Селективни корекции и дополнително оптоварување на производителите не е решение за големите предизвици,“ вели Хубертус Кранц од Сојузното здружение на производители на лекови. „Сметаме дека е добро што се посветува внимание на темата за обезбедување на снабдувањето со генерички лекови. Но сеопфатен пристап за подобрување на ситуацијата изгледа сосем поинаку.“
Аптекарот од Берлин, Кајнак не верува дека ситуацијата брзо ќе се подобри. „Ако нешто со години не функционирало како што треба тогаш не може да се очекува дека ќе се подобри за кусо време,“ вели тој и се согласува со констатацијата на Министерот за здравство. „Политиката на економизација и попусти со години континуирано ја влошуваше ситуацијата со набавката на лекови,“ изјави Карл Лаутербах во декември. „Па така подобрување не може да се случи преку ноќ,“ рече тој.