Уште едно ископување на Тито: тема за билдање на рејтингот
26 септември 2024Ископување на Тито? Никој во Музејот на Југославија не мисли ништо добро за таа идеја, која повторно ја подгрева градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ. Музејот, во чиј склоп е Куќата на цвеќето со гробот на југословенскиот маршал и доживотен претседател Јосип Броз Тито, не сака официјално да одговори на прашањата на новинарите на оваа тема.
Но, продавачот кој нуди партизански капи, значки со петокрака и југословенски знамиња пред музејот на Дедиње, смета дека идејата е лудост. Чуварот го мисли истото. И сите посетители.
Странците кои репортерот на ДВ ги затекна во музејот - од Германија, Филипините, Јапонија и Хрватска - не ни слушнале за сите овие дискусии. На домашните, пак, не им се допаѓа идејата.
Миодраг Елезовиќ (70), сликар кој го посети музејот со ќерката и двете внуки, се прекрсти пред гробот на Тито. Тој го брани правото на Броз да почива таму каде што е.
„Отстранувањето на гробот би било сквернавење. Во православието гробот е свет и не смее да се допира. Приказните на Шапиќ се политички, но овој народ би морал да ги почитува гробот и традицијата“, изјави Елезовиќ за ДВ.
„Нема сега да ги преместиме сите гробови, нели? Секој што сака да го посети гробот на Броз нека дојде. Кој не сака - не мора“, вели тој, додавајќи дека Тито и Јованка Броз ја напишале историјата на Југославија и дека треба да останат на Дедиње.
Вучиќ го кажа својот збор
Ексхумација на Тито нема да има. Пред неколку дена претседателот Александар Вучиќ изјави за Политико дека „никогаш не бил обожавател на комунистите и комунистичкиот режим“, но дека Тито е дел од историјата .
„Тој живееше овде, тука е погребан и ќе остане дел од југословенската и српската историја“, рече Вучиќ, отфрлајќи ја идејата на Шапиќ.
Градоначалникот на Белград, Шапиќ, дели одбивност кон „комунистичкиот режим“ со претседателот, па по втор пат за краток временски период се погрижи да се огласи до сите српски, регионални и некои европски медиуми со иницијатива дека Тито треба да се дислоцира.
Тоа, вели Шапиќ, би го финансирал градот, исто како и преселувањето на Гробот на народните херои од Калемегдан. Шлагот на тортата меѓу идеите на градоначалникот би било поставувањето на споменикот на Драгољуб Дража Михаиловиќ во паркот во паркот под Теразија.
Темата уште еднаш ја подели српската политичка сцена. Лидерот на Социјалистичката партија Ивица Дачиќ изјави дека секако е против, а Србија има повеќе предизвици отколку да отвора стари теми.
Политички игри
Ако Србија има поважни прашања, можеби во моментов ги нема Шапиќ, чие управување со градот е многу критикувано - од приватизација на земјиште и дивоградба, до сообраќаен хаос.
„Кој знае по кој пат го праќаат Тито во Кумровец или нешто слично“, вели историчарот Стефан Радојковиќ.
„Кога опаѓа рејтингот, тогаш е добро да се вадат теми во кои си патриот, а кои поларизираат, па го разгоруваш гласачкото тело. Уште и опозицијата ако се фати во тие глупости - полн погодок“, вели Радојковиќ во разговор за ДВ.
Тој потсетува дека властите на Српската напредна партија постигнале нешто на полето на монументалниот патриотизам - споменик на цар Николај, Борислав Пекиќ на Цветиот плоштад и како круна џиновска статуа на Стефан Немања пред поранешната зграда на Железничката станица.
„Потребни се мали пари, а политичкиот профит е голем. Целта е народот да каже ’видете како се грижат за нашата историја“, смета Радојковиќ.
Приватни иницијативи
Во еден поглед, Шапиќ е несомнено во право - во Србија партизанските и равногорските движења на отпор се официјално рамноправни. Тоа се случи пред точно дваесет години, односно во времето на „поранешните власти“ кога во Собранието само социјалистите гласаа против.
Одвреме-навреме се крева прашина на оваа тема, на пример кога судовите ги рехабилитираа Драгољуб Михаиловиќ и Никола Калабиќ или се занимаваа со Милан Недиќ.
Без разлика што е и рехабилитиран и рамноправен, Михаиловиќ, кого обожавателите го нарекуваат чичко Дража, има само спомен-соба во Белград во приватен простор на улицата Брегалничка во Врачар, каде што порано му била куќата.
Отворањето на тој „музеј“ лани во октомври привлече неколку илјади луѓе со сета четничка иконографија. Кога репортерот на ДВ деновиве ја посети Брегалничка, освен Дража во излогот - немаше никој.
„Не верувам дека наскоро ќе се подигне некој јавен споменик на Дража Михаиловиќ“, вели Радојковиќ. „И овие приватни иницијативи се - приватни, без разлика дали имаат или не поддршка од владата“.
Тој смета дека претседателот Вучиќ - без чие одобрение нема впуштање во такви идеолошки авантури - едноставно нема интерес сега навистина да се занимава со Броз и Михаиловиќ.
Музејот на Југославија и Куќата на цвеќето се едни од најчестите дестинации на туристите кои доаѓаат во Белград. Минатата година беше соборен рекорд со повеќе од 120.000 посетители.