1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Природа и животна срединаСоединети Американски Држави

Ураганот „Милтон“ стигна на Флорида

Ралф Борхард | АРД
10 октомври 2024

Ураганот Милтон го погоди западниот брег на Флорида. Невремето се заканува да предизвика огромно уништување. И покрај драматичните предупредувања за евакуација од страна на властите, многу луѓе останаа во своите домови.

https://p.dw.com/p/4lbbs
Ураганот „Милтон“ го погоди копното на Флорида
Ураганот „Милтон“ го погоди копното на Флорида (фото: Форт Мајерс)Фотографија: Ricardo Arduengo/REUTERS

Околу 20:30 часот по локално време - 2:30 часот по средноевропско време - американскиот центар за урагани извести: „Милтон“ пристигна на копно. Веќе не со највисокото ниво на сила - 5, па дури ни 4, туку 3, но затоа окото на бурата, односно неговиот обем, значително се зголеми. Сега неколку часа на невремето е изложен пред сѐ западниот брег на Флорида. Ветрот актуелно достигна брзина од речиси 200 километри на час и паѓа екстремно количество дожд.

Многу луѓе останаа во своите домови

Од зоните за кои се смета дека ќе бидат најмногу погодени не се евакуираа сите жители. Многумина останаа, вклучително и Едвард Вилмети од Тарпон Спрингс. „Ќе поставам уште неколку штици на прозорците и уште неколку вреќи со песок на вратите. И се надевам на најдоброто“, изјави тој за радио станицата НПР, неколку часа пред ураганот Милтон да го погоди брегот.

ураганот „Милтон“ во САД
Човек кој работи во влечна служба, задолжен за помош по ураганот“, во проверка на своето возило во Тампа, ФлоридаФотографија: Julio Cortez/AP/picture alliance

„Се плашам, но ќе се забарикадирам дома најдобро што можам“, изјави Џелис Карабало од Полк Каунти на телевизијата ПБС. Таа остана дома и покрај тоа што неодамна се преселила од државата Њујорк во Флорида и никогаш досега не доживеала ураган.

Том Персон од Брендентон е во хотел во област која се смета за безбедна. „Сите се загрижени за истите работи. Дали сè уште ќе имам дом кога ќе се вратам или мојата куќа ќе биде целосно оштетена?“, изјави тој за ПБС.

Властите предупредуваат на опасност по животот

Надлежните до последен момент издаваа драматични предупредувања да не се останува во загрозените зони, затоа што се ризикува животот. Градоначалникот на Санкт Петербург, Кен Велч, тоа за Си-Ен-Ен го формулираше вака: „Ако сакате да го преземете тој ризик, најдобро е да го напишете своето име на облеката за да можеме да ве идентификуваме кога ќе ве најдеме подоцна. Во одреден момент веќе нема да можеме да одговараме на повици за итни случаи бидејќи не сакаме да ги доведеме во опасност спасувачите“.

ураганот „Милтон“ воо Флорида
Уништена куќа од ураганот „Милтон“ во Форт Мајерс, ФлоридаФотографија: Ricardo Arduengo/REUTERS

Прва проценка на штетите подоцна во текот на денот

Набргу по пристигнувањето на центарот на бурата, дојде до голем прекин на електричната енергија, особено во регионот околу Сарасота, на западниот брег на Флорида. „Милтон“ сега е со јачина 2. Сепак, шефот на американската Федерална агенција за управување со вонредни состојби (ФЕМА), Дин Крисвел, за Си-Ен-Ен предупреди:

„Дури и да се смират ветрот и силата на невремето, опасностите не стивнуваат. Дождот сега се засилува, напливите продолжуваат. Останете во затворени простории, што е можно подобро заштитени.“

ураганот „Милтон“ на Флорида
Првична проценка на штетите се очекува во текот на деновФотографија: Ricardo Arduengo/REUTERS

Надлежните се надеваат дека бурата ќе продолжи да слабее и откако ќе ја премине Флорида од запад кон исток, ќе се пресели во Атлантикот. Првична проценка на штетите најверојатно ќе биде можна дури во текот на денот.