Пет универзитети ќе почекаат за колективни договори
6 март 2024На закажани избори не се потпишуваат колективни договори. Петте државни универзитети кои на протест во понеделникот (4.03) побараа потпишување на колективен договор и изедначување на правата, обврските и одговорностите со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје, ќе треба да почекаат по изборите на решавањето на нивните барања. Ова го порача денеска (6.03) техничкиот премиер, Талат Џафери.
На прес-конференција во Владата тој оцени дека протестите се користат за дневно политички цели. „Секој има право на протест и штрајк, но решението за оваа ситуација ќе се бара по изборите“, дециден е Џафери.
Протести
Членовите на синдикатите на петте државни универзитети „Гоце Делчев“- Штип, „Св. Климент Охридски“ – Битола, Државен Универзитет во Тетово, „Св. Апостол Павле“ во Охрид и „Мајка Тереза“ во Скопје деновиве на протест го поздравија потпишувањето и спроведувањето на колективниот договор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, но истовремено укажаа на нееднаквиот статус на останатите пет јавни универзитети во земјата. Сметаат дека се игнорирани и дискриминирани од Владата и Собранието во однос на УКИМ, чии вработени со потпишаниот колективен договор од овој месец ќе добијат зголемување на платите за околу 22 отсто.
Решенија за платите
Пратеникот на ДУИ, Арбер Адеми најави дека пратениците од владејачкото мнозинство до Собранието поднеле измени на Законот за високото образование, со кои се очекува да се регулира коефициентот за исплата на плата на вработените во јавните високообразовни установи. Тој очекува законот да биде донесен во текот на оваа недела на пленарна седница.
„Во предложениот закон е наведено и дека овој закон ќе стапи во сила осмиот ден од објавувањето во Службен весник, што значи дека ќе стапи во сила во текот на овој месец“, истакна Адеми изразувајќи надеж дека овие законски измени ќе ја добијат поддршката од сите пратеници во Собранието.
Од Министерството за образование и наука порачаа дека ја поддржуваат секоја идеја за зголемување на платите и доколку постои волја во Собранието за потпишување на колективен договор, како институција ќе учествуваат во преговорите.
Претседателот на Собранието, Јован Митрески потврди дека, со цел да се надмине нерамноправната положба на вработените во петте државни универзитети, на координација на 4 март била донесена одлука да се предложат измени на Законот за високото образование со кои ќе се регулира коефициентот за исплата на плата на вработените во јавните високообразовни установи, со што ќе се обезбеди соодветно покачување на платите за сите.