Доналд Трамп обвинет за серија финансиски проневери
22 септември 2022Главната обвинителка на Њујорк, Летиција Џејмс соопшти дека со помош на неговите деца и други лица во Организацијата Трамп, поранешниот претседател поднесувал лажни изјави за вредноста на неговиот имот со цел „да добие заеми, осигурителни повластици и да плаќа понизок данок“.
„Накусо, тој лажел за да се здобие со огромни финансиски бенефити за себе“, рече Џејмс на прес-конференција.
Тоа е последната во серијата кривични, граѓански и парламентарни истраги против Трамп, кој се надева на уште еден обид да влезе во Белата Куќа на изборите во 2024 година.
Во реакцијата на обвинувањето, Трамп ја повторуваше познатата одбрана дека се работи за „лов на вештерки“ против него, додека неговиот портпарол рече дека се работи за политички мотивирана акција на Демократите против републиканскиот бизнисмен.
Обвинителството во Њујорк бара од поранешниот претседател да плати казни од најмалку 250 милиони долари, а на неговото семејство да му биде забрането да се занимава со бизнис во сојузната држава.
Таа исто така бара на Трамп и на неговите деца Доналд Трамп јуниор, Ерик Трамп и Иванка Трамп да им биде забрането да купуваат недвижности во државата во следните пет години.
„Основата на неговата наводна нето вредност е вкоренета во неверојатна измама и нелегалност“, рече Џејмс.
Долгогодишна истрага
Во тужбата на обвинителството против Трамп се наведува дека во неговите годишни финансиски извештаи, најмалку во последната деценија, грубо била надуена вредност на неговите имоти на „запрепастувачко“ ниво. Трамп го правел тоа за да обезбеди поволни заеми и пониски камати и услови, тврди обвинителството.
Властите во Њујорк го истражуваат Трамп и неговиот семеен бизнис од 2018 година. Една година подоцна обвинителката Џејмс ја започна граѓанската истрага, откако еден од адвокатите на Трамп даде изјава според која компанијата на Трамп делувала незаконски.
Минатиот месец, Ален Вајселберг, долгогодишен финансиски шеф на Организацијата Трамп, призна вина за даночна измама и се согласи да сведочи против поранешниот претседател.
На Трамп му се заканува и кривичен прогон откако агенти на ФБИ во август годинава извршија рација во неговиот голф-центар на Флорида и пронајдоа голем број тајни и доверливи државни документи во негов посед.
Трамп се соочува со кривичен прогон и поради неговата улога на 6 јануари 2001 година од страна на неговите приврзаници кои не ги признаваа изборните резултати.