Украинците во 2025 сакаат и победа и преговори за мир
4 јануари 2025Украина имаше тешка година. По офанзивата на украинската армија во текот на летото во Курск, Русија ги интензивираше нападите во регионите Доњецк и Харков, како и врз објекти од енергетската инфраструктура и врз градовите. Според проценките на американскиот дневен весник „Вол Стрит Џурнал“, Москва есеноска користела четири пати повеќе беспилотни летала и проектили отколку во истиот период во 2023 година.
Победата на Републиканецот Доналд Трамп на претседателските избори во САД во ноември придонесува за неизвесност меѓу Украинците. Трамп ставањето крај на војната во Украина го декларираше како надворешнополитички приоритет, но нејасно останува како треба да биде постигнат мирот. Неизвесен е и обемот на натамошната воена помош од САД за Киев. Но, според експертите, сѐ повеќе Украинци истовремено се надеваат и на праведен мир преку преговори со Русија.
„Главно пружавме отпор“
Володимир Фесенко од Центарот за применето политичко истражување „Пента“ вели дека 2024 година била најтешката година во војната до сега, со исклучок на првите недели од војната во пролетта 2022 година. „Главно пружавме отпор“, нагласува тој во интервју за ДВ. И покрај заморот, Украинците покажуваат пониско, но сепак „изненадувачки високо“ ниво на оптимизам, вели Антон Хрушчецки од Киевскиот меѓународен институт за социологија (КИИС). Според анкетите, меѓу 83 и 88 проценти од нив веруваат во победа. „Но, постои и песимизам - поради страв од иднината и фрустрирачкото чувство дека нема доволно поддршка од Западот“, вели тој за ДВ и додава дека „по големите зборови не уследија големи дела. Покрај тоа, Украинците едноставно немаат можност да го положат оружјето. Тие знаат дека се работи за опстанокот“, вели експертот. Процентот на оние кои се подготвени да истраат колку што ќе биде потребно, од октомври е стабилен на околу 60 проценти.
Подготвеноста за преговарање не значи отстапки
Истовремено и идејата за преговори со Русија сепак наидува на сè поголема прифатеност. Споредено со минатата година, процентот на Украинците кои категорично отфрлаат преговори е намален од една третина на 12 проценти, според анкета на Институтот за истражување на јавното мислење од ноември минатата година.
ДВ разговараше со Јевген на Плоштадот на независноста во Киев, каде што секој ден се зголемува бројот на знаменца со имињата на паднатите Украинци. Војникот смета дека преговори со Русија се неизбежни, но и се надева дека ќе бидат во корист на Украина. „Сè зависи од ситуацијата на фронтот. Ни треба помош од нашите партнери, мора да ја продолжиме борбата, да ја поддржиме армијата и да направиме сѐ за победа“, вели тој. Но, исто така е и скептичен во однос на стратегијата за водење војна додека не се ослободат сите окупирани територии.
Михаило Мишченко од Истражувачкиот центар „Разумков“ смета дека врз ставот на луѓето за преговори првенствено влијае промената на реториката од страна на украинското раководство, кое од летоска веќе не исклучува такво сценарио. „Но, како и владата, така и луѓето велат дека се подготвени да преговараат, но не сакаат да отстапат од територијата“, вели Мишченко. Мнозинството смета дека разговорите се начин да се постигне исход прифатлив за Украина, вклучително и враќање на окупираните територии. Според истражувачкиот центар, процентот на Украинци кои би отстапиле окупирани територии на Русија за мир, според истражувачкиот центар се зголемил во текот на годината од пет на девет проценти.
Прво безбедносни гаранции, па потоа ослободување на териториите?
И Антон Хрушчецки од КИИС исто така потврдува дека повеќе од половина од Украинците се подготвени да го одложат ослободувањето на териториите во име на мирот, но само во замена за ефективни безбедносни гаранции. „Тие не сакаат втор меморандум од Будимпешта“, вели експертот. Со таквиот договор во 1994 година Русија, САД и Велика Британија ја уверија Украина дека ќе го почитуваат нејзиниот суверенитет и територијален интегритет – а, Киев за возврат се согласи да го елиминира целото поранешно советско нуклеарно оружје на украинска територија во рамки на пристапувањето кон Договорот за забрана на атомско оружје.
Според студија на ИнфоСапиенс, 64 проценти од Украинците отфрлаат разговори со Москва без вистински безбедносни гаранции од Западот. Михаило, граѓанин на кого налета ДВ на Плоштадот на независноста, смета дека членство во НАТО, дури и ако Киев мора да отстапи територија за таа цел, би била единствената гаранција дека нема да има повторно напад. „Но, ако бидеме убедени да го замрзнеме конфликтот и не влеземе во НАТО, тоа нема да се разликува од документот што го потпишавме во Будимпешта“, вели Украинецот.
Серхи Солодкиј од киевскиот тинк-тенк „Центар за нова Европа“ забележува две тенденции во Украина - или потпирање на сопствените сили, или колективна одбрана. Според него, околу 31 проценти од Украинците сметаат дека сопствено атомско оружје е најдобра безбедносна гаранција, по што следи идејата за „постепена интеграција“ во НАТО, која ја поддржуваат околу 29 проценти од граѓаните. Според нив, покана за членство во Алијансата треба да биде упатена до целата држава во нејзините меѓународно признати граници, но членот за колективна одбрана првично - до ослободувањето на окупираните територии - да се применува само на територијата под контрола на Киев. Третата најпопуларна опција зад која стојат околу единаесет проценти, е одбранбен сојуз со САД со можност за испраќање американски војници. Мировна војска на Обединетите нации за 8,9 проценти е најдобра безбедносна гаранција, а за 6,4 проценти тоа би биле војници од европските земји.
Украинците имаат големи очекувања од Трамп
Политикологот Володимир Фесенко смета дека со доаѓањето на власт на Доналд Трамп многу нешта ќе се сменат за Киев. Додека претходната американска администрација под Демократот Џо Бајден секогаш нагласуваше дека Киев мора да одреди кога е време за преговори, Трамп е цврсто одлучен дека мора да се случат. Но, Фесенко се жали дека Трамп нема јасна стратегија за одржлив мир и нагласува дека од таму „најважната задача е да се најде пристап до Трамп за да може да се влезе во преговорите од позиција на сила“.
И покрај контрадикторните изјави на Трамп во врска со војната во Украина, според ИнфоСапиенс тој во Украина со речиси 45 проценти ужива најголема доверба во Европа. „Центарот за нова Европа“ овој факт го припишува на очекувањата дека Трамп одлучно ќе спроведе политика за Украина и ќе се погрижи за мир.
„Си посакувам тој сè да направи брзо и да го реши во наша корист, но ќе видиме“, вели Вероника од Киев за ДВ. Пензионерот Олексиј вели дека Трамп е непресметлив, но дека на Украина сепак ќе ѝ успее да соработува со него. „Ако Русија не е подготвена на договор, тогаш Трамп нема да има друг избор освен да ѝ помогне на Украина“, смета тој.