Украина одбила нов голем воздушен напад врз Киев
25 мај 2023Киевската воена управа денеска соопшти дека противвоздушната одбрана во главниот град целосно одбила уште еден „масивен“ напад од руски беспилотни летала, „дванаесетти“ во мај.
Русија „повторно го нападна Киев од воздух“, напиша на Телеграм Серхи Попко, шеф на цивилната и на воената управа на Киев, додавајќи дека воздушната тревога во градот траела повеќе од три часа.
„Според првичните податоци во овој 'масивен' напад учествуваа беспилотни летала од типот Шахид“, наведе тој.
„Ангелите чувари на Украина не му дадоа шанса на агресорот. Сите воздушни цели кои летаа кон Киев беа соборени од нашата противвоздушна одбрана“, рече тој.
Сличен напад на градот имаше и пред четири дена, потсети Попко, кој во мај преброја дванаесет офанзиви на градот.
Во текот на ноќта, воздушна тревога била прогласена и во други градови, како во Харкив на исток и во Черновци на запад, соопштија властите.