1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
РелигијаУкраина

Дали членови на украинската црква тајно работат за Русија?

Миодраг Шориќ
30 март 2023

Украинската влада им постави ултиматум на свештениците од Украинската православна црква: до полноќ мора да го напуштат манастирот Киево-Печерска Лавра. Мерката е спорна, како на меѓународно ниво, така и во самата Украина

https://p.dw.com/p/4PV6U
Успението на Дева Марија, Украина
Украинската катедрала Успението на Дева МаријаФотографија: G. Thielmann/imageBROKER/picture alliance

До полноќ, околу 200 монаси и 400 студенти по теологија на Украинската православна црква треба да го напуштат манастирот Киево-Печерска Лавра, односно Киевскиот пештерски манастир. Но, тие сакаат да останат и во таа намера уживаат поддршка од бројни верници. Ултиматумот до истекот на вчерашниот ден, 29.03.2023, го постави украинската влада. Нивното тешко обвинување гласи дека свештените лица соработуваат со руската држава. Како членови на УПЦ, тие канонски се дел од Руската православна црква. Точно е дека  поглаварот на Руската православна црква, патријархот Кирил, го поддржува претседателот Владимир Путин и е близок до државата. Путин во јавноста често може да се види во друштво на руско-православни попови, како при неодамнешната посета на окупираните делови од Украина. Свештени лица на Руската православна црква благословуваат оружје на армијата која нанесе бескрајно страдање во Украина и уништи свети градби од различни верски заедници во земјата. 

Комплексот на Киевскиот пештерски манастир, Украина
Комплексот на Киевскиот пештерски манастирФотографија: Efrem Lukatsky/AP/dpa/picture alliance

Нецелосно одделување од московскиот патријарх?

Сепак, Украинската православна црква по нападот од 24.02.22 од Москва врз Украина, се дистанцираше од патријархот Кирил. Таа ја нагласи својата независност од Москва, а од своето име го отстрани додатокот „Московска патријаршија”. Минатата година во мај во нов Статут се декларираше како самостојна, но не и како „автокефална”, што според правилата на православието ќе значеше целосно отцепување од Руската православна црква. Но, и покрај ова, студентите кои се наоѓаат во манастирот Киево-Печерска Лавра неодамна објавија видео во кое ја нагласуваат својата лојалност кон украинската држава. Во него посочуваат на своите браќа и други членови од семејството кои се борат на фронтот против руските окупатори и го ризикуваат својот живот. Поглаварот на Украинската православна црква, митрополитот Онуфриј, повеќе пати безуспешно се залагаше за разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски заради разрешување на ситуацијата. Манастирот Киево-Печенска Лавра е всушност комплекс од околу 140 објекти. Повеќето Европејци го викаат само „Лавра”, што во православието е еден вид почесна титула за одреден манастир. Неспорно е дека Лаврата која била формирана во 11-тиот век е најзначајното православно светилиште во Украина. Пред нападот од Русија, стотици илјади верници го посетувале манастирот секоја година. Повеќето Украинци, исто како и Руси, Срби, Грци, Романци, Грузијци или Бугари, припаѓаат на православието, иако и тука има различни и делумно конкурентски цркви.

Московскиот патријарх Кирил и рускиот претседател Владимир Путин
Поглаварот на РПЦ, Московскиот патријарх Кирил и рускиот претседател Владимир ПутинФотографија: Vasily Maximov/AP Photo/picture alliance

Причина: повреда на договорот или шпионажа?

Сопственик на манастирскиот комплекс е, како во советски времиња, државата. Украинската влада одредува кој смее да го користи манастирот. Министерот за култура, Олександер Ткаченко, го раскина договорот за закуп склучен со Украинската православна црква, која сега покрена спор против таквата одлука. Министерот тврди дека свештените лица направиле нови објекти или ги реновирале старите, што соодветствува на фактите, а Ткаченко смета дека со тоа направиле повреда на одредбите од договорот. 

Во реалноста, сомневањата се многу пострашни, имено дека членови на Украинската православна црква тајно работат за „другата страна”, односно Русија. Минатата есен безбедносните служби повеќе пати правеле претрес во манастирот во потрага по сомнителен материјал. Претседателот Зеленски се стреми кон „духовна независност” на Украина и минатиот декември соопшти дека никој не смее на направи „империја во украинската душа”. 

Поглаварот на Украинската православна црква, митрополитот Онуфриј
Поглаварот на Украинската православна црква, митрополитот ОнуфријФотографија: Vladyslav Musiienko/REUTERS

Дали друга верска заедница ќе го преземе манастирот

Многу експерти сметаат дека на Украинската православна црква ништо не и нанесува толкава штета колку што тоа го прави гласната поддршка од страна на московскиот патријарх Кирил или членови на руската влада. Поглаварот на Грузиско-православната црква, Илија Втори, се побуни против исфрлањето на свештените лица од манастирот. Српско-православниот патријарх Порфирие постапувањето на Киев против монасите го означи како „државен терор”. 

Украинската влада пак посочува на тоа дека богослужбите во манастирот ќе продолжат откако монасите ќе го напуштат и на нивно место ќе дојдат попови од Православната црква на Украина.

Патријархот Вартоломеј Први од Константинопол на верската заедница во 2018 година и додели „автокефалност” и со тоа, наспроти отпорот од Москва, ја канонизираше, односно ја официјализираше. 

Претстојните денови ќе покажат дали протестите на верниците и на другите православни цркви ќе доведат до тоа монасите да може да останат во манастирот. Во Украина има безброј примери во кои претставници на Православната црква на Украина преземале објекти на Украинската православна црква, често со поддршка на државата. 

Претставници на украинската влада тврдат дека нема да има насилно празнење на манастирот.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи