1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиТурција

Турција и Сирија: Илјадници мртви, потрага по преживеани

ЖА / агенции
7 февруари 2023

Бројот на загинати во земјотресите во Турција и Сирија и натаму расте, уништени се куќи и улици, владеат ледени температури. Спасувачите се обидуваат да ги извлечат затрупаните, стигнува странска помош.

https://p.dw.com/p/4NArP
Потрага по преживеани по земјотресот во Турција
Потрага по преживеани по земјотресот во ТурцијаФотографија: Khalil Hamra/AP Photo/picture alliance

По катастрофалните земјотреси во турско-сириската гранична област, бројот на загинати се искачи на повеќе од 4400, но се стравува дека под урнатините има уште мртви. Расте и бројот на повредени, според нецелосни информации, ги има над 20.000.

Во областите погодени од природната катастрофа во Турција владеат температури под нулата. Многу луѓе не можат да се засолнат во куќите, зашто се урнати или оштетени, а враќањето во нив во услови на постојани дополнителни потреси на тлото е ризично. Очекувана снежна бура во погодените области може дополнително да ја влоши и онака тешката ситуација. Голем дел од сообраќајниците не се проодни. Турција од НАТО партнерите побара неколку монтажни болници за екстремни временски услови и персонал за нивно опремување.

Хатај: Очајни луѓе по земјотресот со илјадници жртви
Хатај: Очајни луѓе по земјотресот со илјадници жртвиФотографија: Bulent Kilic/AFP

Спасувачките екипи и роднините до доцна ноќеска со огромни напори се обидуваа да стигнат до затрупаните. На повредените и болните жртви во земјотресот им се дава првично медицинска помош во шатори, а потоа се преместувани во болници, напиша на Твитер турскиот министер за здравство Фахретин Коџа.

Турскиот вицепретседател Фуат Октај доцна вечерта во понеделникот соопшти дека од урнатините веќе се извадени 7840 луѓе, но има уште живи по кои се трага. Во Адијаман е спасено 12-годишно момче 21 час откако било затрупано, јавува државната новинска агенција Анадолу. И во Дијарбакир и Санлиурфа се извлечени живи луѓе од под срушени објекти еден ден по силниот земјотрес и на температури под нулата. Бројот на загинати во земјотресот во Турција изнесува околу 3300.

Во Сирија, според синоќешна информација (06.02.2023) на Министерството за здравство и спасувачката организација „Бели шлемови“ смртно настраделе најмалку 1500 лица.

Главниот потрес се случи во раните утрински часови во понеделникот со сила од 7,7 степени, а епицентарот бил во Кахраманмараш во јужна Турција. Напладне следеше нов силен земјотрес од 7,5 степени во истиот регион, а турската служба за заштита од катастрофи регистрирала до денеска утрово 243 дополнителни потреси.

Катастрофален земјотрес во Турција

Според турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, станува збор за најсилниот земјотрес по 1939 година. Ердоган прогласи еднонеделна државна жалост во земјата. 

Во Турција започнува да доаѓа странска помош. Без оглед на тензиите кои владеат со соседот Турција, Грција утрово испратила спасувачки тим со кучиња-трагачи во областа погодена од катастрофата. Германската Служба за техничка помош (ТХВ) подготвува пратка од агрегати за струја, шатори и ќебиња, а на располагање можат да бидат ставени и монтажни објекти за сместување на настраданите и постројки за пречистување на вода.

Помош понудија и Велика Британија, Индија, Пакистан, Шведска, Русија, Украина и САД.

Американскиот претседател Џо Бајден во личен телефонски разговор на својот турски колега Реџеп Таип Ердоган му ветил „секаква потребна поддршка“ за совладување на последиците од трагедијата. Во Турција брзо ќе бидат испратени спасувачки екипи за помош во погодените региони.

Меѓу посебно тешко во земјотресот погодените е и регионот Идлиб во Сирија, којшто се наоѓа под контрола на бунтовниците, што го  отежнува пружањето на државна итна помош.По повеќе од 11 години граѓанска војна во Сирија, владините трупи на сирискиот властродржец Башар ал-Асад контролираат околу две третини од територијата на земјата.