1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тројца приведени за пожарот во Универзална сала

ДТЗ
9 април 2024

По апелите да се спроведе брза истрага, МВР информираше дека се приведени тројца градежни работници. За пожарот има многу претпоставки, но малку одговори.

https://p.dw.com/p/4eZjI
Универзална сала пожар
Тројца приведени за пожарот во Универзална салаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Три лица се приведени за пожарот во кој изутринава изгоре куполата на Универзалната сала во Скопје.По апелите на државниот врв да се спроведе брза истрага за причините за пожарот, Министерството за внатрешни работи (МВР) информираше дека во врска со пожарот се приведени тројца градежни работници на возраст од 50, 53 и 60 години, кои изведувале работни задачи во моментот на пожарот.

„Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР. 

Огнената стихија избувна околу 9.45 часот. Веднаш по добиената пријава, на лице место се упатиле полициски службеници и припадници на Бригадата за противпожарна заштита, кои околу 11.30 часот го изгаснале пожарот. Со возило на Итна медицинска помош во Клиниката за токсикологија се однесени две лица на возраст од 41 и 48 години поради вдишување на чад.

„Од страна на екипи на ЕВН во целата околина на салата е прекинато снабдувањето на електрична енергија, при што на ул. 'Петар Поп Арсов', во лифтовите на зградите имаше заглавени две жени, кои беа извлечени од страна на Единицата за интервентна полиција“, велат од МВР. 

Се бара брза реакција

Претседателот Стево Пендаровски изрази жалење за денешниот (9.04) пожар што ја зафати Универзална сала во Скопје и повикува на брза реакција на надлежните институции. „Мора да се спроведе соодветна истрага, да се лоцираат и да се санкционираат сите кои се одговорни за уништувањето на овој значен објект“, вели тој. Најави дека ќе се заложи во најкус можен рок да биде обновен еден од симболите на Скопје, објект врежан во колективната меморија на десетици генерации скопјани.

Марија Митева, портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, денеска на прес-конференција рече дека симболот на постземјотресно Скопје 7 години е оставен на забот на времето, претворен во градежна руина.

„Подолг период наназад прашуваме кога е распишана набавката за реконструкција на Универзална сала, зошто на сајтот на Бирото за јавни набавки таква набавка од страна на министерството нема. Прашавме кој е избран за изведувач и на кој начин? Кој е надзор и, исто така, како е избран надзорот, но одговори не добиваме. Но затоа, веќе, вчера дознавме дека градежните фирми во Македонија реагираат на условите кои Министерството за култура ги бара од изведувачот, а салата сепак се гради“, вели таа.

Многу претпоставки, малку одговори

Пожарот во Универзалната сала се случил во стариот дел и гореле стари материјали, иверки, плочки, новиот дел не е зафатен. Лазар Арсовски, сопственик на „Универзал Балкан“-Скопје, фирмата изведувач што го реконструира објектот изјави дека е можно да бил предизвикан од стар кабел или од старата инсталација и рече дека во моментот на пожарот внатре немало нивни инженери и работници зашто денеска немале градежни активности.

„Имаме среќа што целата инфраструктура внатре - од столчиња, сценски технологии и.т.н. е извадена надвор и гореше, всушност, старата конструкција, стари иверки, ѕидови, плочки. Само еден инженер беше вон салата, во нејзините канцеларии, и имавме чувари, двајца работници, но денеска немавме никакви интервенции. Во прв момент, претпоставуваме дали стар кабел, не можеме да знаеме сега. Некоја стара инсталација, тргнал чадот, никој немало во салата. Моите мајстори пробале со противпожарен апарат да го изгаснат, тоа се иверки стари со години, суви и брзо горат. За половина час таа самата скоро се изгаси затоа што нема што да гори во неа“, рече Арсовски.

Универзална сала пожар
По апелите да се спроведе брза истрага, МВР информираше дека се приведени тројца градежни работнициФотографија: Petr Stojanovski/DW

Колапс на кровната конструкција

Командирот на скопската Бригада за противпожарна заштита Звонко Томески вели дека уште не се познати причините за пожарот што претпладнево избувна во Универзалната сала во Скопје. 

„Штетата не можеме да ја констатираме сега. Не знаеме што се имало внатре, бидејќи настана колапс на кровната конструкција, сѐ уште се работи на догасување, има висока температура се уште во објектот, не може да се пристапи до сите места. Она што е битно за нас, интервенцијата е успешна од аспект на брзина на интервенирање и тоа што нема повредени пожарникари и граѓани“, рече Томески.

Град Скопје во 2021 година, по доаѓање на функција на градоначалничката Данела Арсовска, ја стопираше реконструкцијата почната од ексградоначалникот Петре Шилегов. Министерството за култура потоа ја презеде салата, по што неодамна почна реконструкцијата на објектот. 

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вели дека ќе се продолжи со градбата штом се утврдат причините за пожарот.

„Повикувам на брзо постапување на сите институции, со нас има и присутни од надзорот, од изведувачите, од фирмата која ја гради. Апелирам за брзо расчистување на случајот и апелирам да не се шират шпекулации. Нема жртви, нема починати во самиот објект. Направена е материјална штета за која експертите ќе утврдат колкава е. Објектот е осигуран, од осигурувањето ќе се санира штетата која е направена“, рече Костадиновска-Стојчевска.