1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ССМ: Трговците се алчни и се богатат на грбот на граѓаните

ДТЗ
21 јануари 2025

Вредноста на синдикалната минимална кошничка за само една година пораснала за 6.089 денари што значи зголемување од 10,63 проценти.

https://p.dw.com/p/4pQW9
супермаркет, цени, храна
Вредноста на синдикалната минимална кошничка за само една година пораснала за 6.089 денари што значи зголемување од 10,63 проценти.Фотографија: picture-alliance/imageBROKER

Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во Северна Македонија во јануари се зголемени за 391 денар во однос на декември. Вредноста на синдикалната минимална кошничка е 63.252 денари. За една година, минималните трошоци за храна и пијалоци се зголемени за 10,43 проценти, а зголемување од 123 денари има и во последниот месец, иако на сила беше владината мерка за Новогодишната кошничка, со којашто требаше да се намалат цените на основните производи. 

„Со последното ненамалување на цените од страна на овие алчни трговци произлегува дека вредноста на кошничката во овој дел е зголемена за најмалку 20 проценти, имајќи ги предвид зголемувањето од 10 проценти и ненамалувањето од 10 проценти. Ако ги соберете посиромашни сме за најмалку 20 проценти“, вели претседателот на Сојузот на синикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов.

„Инфлацијата е над 10 отсто“

Според него, инфлацијата во земјата не може да изнесува 3,5 отсто со оглед на тоа што вредноста на минималната кошничка што ја пресметува ССМ за една година се зголемила за 6. 089 денари, односно за 10,65 проценти. Тоа покажува дека инфлацијата се движи над 10 отсто.

„Ова не значи дека живееме многу добро и имаме многу добри плати, па пазариме и со тоа ја подгреваме инфлацијата, туку трговците се алчни и се богатат на грбот на работниците со тоа што го користат секој момент за дополнително да се збогатат. Дури и се сомневаме дека она што го ветуваат сега, дека во наредните месеци ќе го задржат нивото на цените на основните прехранбени производи, е мамка да не ги намалат цените на производите кои на светските берзи бележат намалување“, изјави Трендафилов на прес-конференција во Скопје.

Тој посочува дека цената на житото на светските берзи е намалена за околу 13,6 проценти, а во Северна Македонија цената на лебот е намалена само за еден денар - од 33 на 32 денари.

„Не бележиме намалување и на цените на брашното, оризот тестенините, солта, шеќерот, јајцата, маслото за јадење, путерот, сирењата...“, вели Трендафилов.

ССМ најави дека на виделина ќе им ги извади завршните сметки на големите синџири на маркети, за јавноста да види како се богатат на грбот на граѓаните.