Трас се извини за грешките, но на оставка не ни помислува
18 октомври 2022„Сакам да преземам одговорност и да се извинам за грешките кои се направени. Сакав да дејствувам за да им помогнам на луѓето во плаќањето на нивните сметки за енергија и да го решам проблемот на високите даноци“, изјави Трас во интервју за телевизиската станица БиБиСи.
Но, во напорите се направени грешки, призна Трас, и истовремено упати јасна порака – и покрај критиката, таа планира да остане на челната функција во британската влада. „Останувам овде, зашто сум избрана за оваа функција, зашто сум избрана да постигнам нешто за оваа земја. А јас сум решена тоа и да го остварам“, истакна Лиз Трас. Таа го презеде кормилото на британската влада од Борис Џонсон пред само шест недели, но според медиумски извештаи, уште оваа недела и` се заканува можно изгласување недоверба од страна на пратениците од нејзината партија.
Економската, а посебно- даночната политика на Лиз Трас предизвика остра критика во земјата, како и опасни турбуленции на пазарите на капитал. Трас се залагаше за намалување на даноците, посебно за најбогатата категорија граѓани, финансирано со државни долгови. За да го смири незадоволството, Трас во петокот го жртвуваше министерот за финансии Кваси Квартенг, блисок соработник, кој „заработи“ отказ иако всушност само ја спроведуваше нивната заедничка политика. Наследник на Квартенг е Џереми Хант, поранешен министер за надворешни работи, чиј прв потег вчера беше повлекување на спорните даночни планови заради смирување на пазарите.