1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина: Руско самоволие и затворање

1 септември 2022

Депортации, мачни сослушувања, затворања: Врз основа на повеќе од сто изјави на сведоци, Хјуман рајтс воч евидентира кршење на човековите права и на меѓународното право на територијата на Украина, под контрола на Русија.

https://p.dw.com/p/4GIqk
Конвој на руската војска во близина на местото Перекоп на украинската граница во февруари 2022
Конвој на руската војска во близина на местото Перекоп на украинската граница во февруари 2022Фотографија: Sergei Malgavko/TASS/dpa/picture alliance

Станува збор за документ за ужас, самоволие, затворање бегалци во кампови и други прекршувања на меѓународното хуманитарно право на украинските територии кои се под руска окупација. Организацијата за човекови права Хјуман рајтс воч интервјуираше 117 очевидци, од кои повеќето поминаа низ таканаречениот „процес на филтрација“ на руската војска и нејзините сојузници во источна Украина.

Илјадници луѓе кои бегаа од војната, особено откако руската војска во пролетта годинава го зазеде југот на Украина и градот Мариупол, присилно беа запрени и подложени на повеќедневно сослушување. Сѐ до денес многумина со часови се сослушуваат за од нив да се издвојат украинските војници. Притоа, се проверува што луѓето мислат за руската агресија врз Украина, им се земаат биометриски податоци и отпечатоци на прсти, ги фотографираат „од анфас и од профил“, се наведува во извештајот на ХРВ.

Од телефоните на бегалците се копираат податоците, нивните приватни пораки и коментари на социјалните мрежи. Изјавите на сведоци, кои никогаш не се сретнале, во извештајот на ХРВ се совпаѓаат и во нив се потврдуваат местата каде се наоѓаат тие логори и како изгледаат постапките, што укажува на голема веродостојност на нивните изјави.

Повеќечасовни сослушувања

Истражителите на ХРВ разговорите со сведоците ги вршеле меѓу 22 март и 28 јуни, во дел и телефонски. Некои од овие бегалци, по бегството преку Русија, денеска живеат во Норвешка, Германија и во други западни земји. За време на борбите околу Мариупол, 78 испитани сведоци успеале да се пробијат на слободната украинска територија кон градот Запорожје. На многумина, меѓутоа, патот им бил попречен. Владата во Киев проценува дека еден милион и 200.000 нивни граѓани делумно присилно, се одведени во Русија. Некои отишле и своеволно, но главно затоа што немале друга можност, оценува ХРВ. Депортацијата и „филтрацијата“ за многумина биле почеток на нивното бегство од војната. Тоа претставува кршење на Женевската конвенција за човекови права. 

„Депортацијата на луѓето на подрачјата окупирани од Русија и нивното натамошно носење во Русија без нивна дозвола мора веднаш да биде запрено“, вели Белкис Виле, истражител од ХРВ, кој го состави извештајот. „Руските власти и меѓународните организации треба да сторат сѐ за да им помогнат на оние кои против своја се одведени во Русија и кои сакаат да се вратат дома, тоа да можат да го сторат безбедно.“ ХРВ пред објавувањето на извештајот побара од Русија да се огласи по тоа прашање, но не добиле одговор.

Десет дена чекање во ред

Една жена од местото Мелекине, јужно од Мариупол, опишала како во средината на април, заедно со сопругот, пешки ја напуштила својата куќа. Отишле до Мануш, каде ги уапсиле проруските сепаратисти од „Доњецката Народна Република“. Таму 10 дена морале секој ден да стојат во ред за испитување. „Во суштина, се стои цел ден во ред, а навечер, кога почнува забраната за излегување, се враќаш назад во престојувалиштето и наредниот ден го правиш истото“, ги цитира ХРВ нејзините зборови.

Еден маж раскажува оти со десетици други луѓе бил задржан две недели во едно училиште во катастрофални хигиенски услови, пред да почне испитувањето. „Се чувстуваме како заложници“, вели тој сведок.

„Лицата кои 'не поминаа' во оваа постапка, бидејќи очигледно имале врски со украинската војска или со националистичките групи, се затворени на подрачја под руска контрола, како на пример во логорот Оленивка. Таму, според извештаите, на 29 јули во експлозија загинале најмалку 50 луѓе“, се наведува во извештајот на ХРВ.

Најмалку 21 логор

Други биле во затвор на индустриското подрачје „Изолација“ кај Доњецк која беше формирана веднаш по почетокот на борбите во источна Украина во 2014 година. ХРВ наведува вкупно 15 центри за испрашување и интернирање во областите под руска окупација.

Извештајот на ХРВ е само еден доказ за постоењето на рускиот систем на „филтрација“ и интернирање во Украина. На крајот на август беше објавена анализа на Американскиот универзитет во Јејл под наслов „Систем на филтрација“. За разлика од извештајот на ХРВ, аналитичарите на Јејл беа ангажирани во „мапирање на мерките за интернација на Русија во регионот на Доњецк“, врз основа на јавно достапни извори како вести и видеа на социјалните мрежи или сателитски снимки од тие кампови.

Американските научници го идентификуваа постоењето на најмалку 21 логор и ги поделија во четири категории: места за „регистрација“, места каде што бегалците се присилно задржани во очекување на сослушување, центри за повторно судење и логори за интернирање. „Во некои конкретни случаи опишани од ослободените, можеме да зборуваме за тортура - на пример, примена на електрични шокови, екстремни услови на изолација и физичко насилство“, се наведува во извештајот.