1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Техничка симболика за премиерот Албанец

16 март 2023

Во пакет со договорот за „премиер Албанец сто дена“, во 2020 година беше најавено и укинување на „Пржинската влада“. До денес тоа не е реализирано.

https://p.dw.com/p/4OkmN
Лидерите на ДУИ и на СДСМ, Али Ахмети и Зоран Заев (архивска фотографија од јули 2021 година)
Лидерите на ДУИ и на СДСМ, Али Ахмети и Зоран Заев (архивска фотографија од јули 2021 година)Фотографија: Fatos Musliu/DW

Реактуелизирањето на темата „премиер Албанeц во последните сто дена од мандатот на Владата", ги отвори дебатите - дали тоа се прави заради дефокусирање од актуелните состојби, но и дали воопшто постои писмен договор за тоа меѓу коалициските партнери СДСМ и ДУИ. Високи партиски извори во СДСМ велат дека договорот воопшто не е спорен, иако не бил ставен на хартија. 

Договорот Заев - Ахмети за премиер Албанец во последните сто дена од мандатот на Владата беше устен договор, но беше јавно соопштен и потврден. Одобрен е од органите на СДСМ и е обврзувачки за нас", велат извори од СДСМ, кои биле лично упатени во коалициски договор меѓу двајцата партиски лидери.

„Единствениот услов во разговорите на таа тема, беше - личноста што ДУИ ќе ја предложи за премиер во последните сто дена од мандатот на Владата - да биде прифатлива и за СДСМ. Повлекувањето на Заев од Владата воопшто не го доведува во прашање тој договор, бидејќи програмските определби околу кои беше договорена коалициската соработка беа прифатени во највисоките партиски органи на сите партии учесници во коалицијата, соодветно и во Централниот одбор на СДСМ. Заев, дури и да не му го предочил тој договор на неговиот наследник Димитар Ковачевски, истиот останува како обврска на партијата СДСМ, согласно со коалицискиот договор кој беше јавно објавен“, велат нашите соговорници.   

Премиерот Димитар Ковачевски треба да добие наследник Албанец во последните сто дена од мандатот на владата, согласно усмениот договор меѓу Заев и Ахмети
Премиерот Димитар Ковачевски треба да добие наследник Албанец во последните сто дена од мандатот на владата, согласно усмениот договор меѓу Заев и АхметиФотографија: Government of North Macedonia

Повеќе од симболика

Договорот за „сто дена премиер Албанец" беше обелоденет на 18-ти август 2020 година, по разговорите за формирање Влада што во Клубот на пратениците ги имаа лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, и генералните секретари Љупчо Николовски и Артан Груби.

„Идејата беше за доближување, порака за преземање одговорност од Албанците за заедничка држава. Мора да му признаам на Заев за храброста и го поздравувам тоа што ќе има Албанец премиер во последните 100 дена од оваа Влада“, порача Ахмети.

Во истата пригода, тогашниот лидер на СДСМ јавно објави дека ќе се укине „Пржинската влада“ преку измени во Законот за Владата.

„Дел од договорот е укинување на техничката влада, технички министри и технички премиер. Позицијата технички премиер се укинува, последните 100 дена од редовниот мандат владата ќе ја предводи премиер предложен од ДУИ“, најави Заев, со што имплицираше дека премиерот Албанец нема да биде со „технички“ мандат.

Но, ова ветување не се реализираше. Моделот на техничка („Пржинска влада") за првпат беше воведен за изборите во 2016 година, како обврска од Договорот во Пржино од 2015 година. Иако техничката влада беше предвидена како преоден концепт, остана да функционира до денес во Изборниот Законик и во Законот за Влада. Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на „Пржинската влада" лани во февруари не доби зелено светло од мнозинството и покрај претходните декларативни заложби и на партиите од власта дека тоа решение е „нефункционално“ и треба да се промени.

Според тоа, ако до следните избори не се промени нешто, потенцијалниот премиер Албанец би бил премиер со технички мандат, а не со политички мандат сто дена, каква што симболика сакаше да обезбеди ДУИ.

На разговорите за формирање Влада во август 2020 година учествуваа лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, и генералните секретари Љупчо Николовски и Артан Груби.
На разговорите за формирање Влада во август 2020 година учествуваа лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, и генералните секретари Љупчо Николовски и Артан Груби.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Но, според неодамнешната изјава на првиот вицепремиер, Артан Груби, иницијативата секако „е повеќе од симболична".

„Да беше само еден ден, ќе беше симболична. Но 100 дена не се малку пред избори. Секако има уште 60 дена по изборите до изборот на новата влада“, посочи Груби.

Досегашното искуство со техничките влади и премиери, покажа дека нивното „владеење“ надминува многу повеќе време од стоте дена претходно, и оние потоа до изборот на редовна влада.

На пример, техничката влада предводена од Оливер Спасовски, функционираше цели осум месеци поради одложување на изборите кои првично беа закажани за април 2020 година, а потоа поместени во јули. Рекордот го држи првата пржинска влада предводена од Емил Димитриев, избрана на 18 јануари 2016 година и распуштена на први јуни 2017 година. Бидејќи имаше две одложувања на изборите, техничката влада на Димитриев функционираше дури 16 месеци. 

Кечето на Делчев

Кампањата на ДУИ за премиер Албанец почна пред изборите во 2020 година, под слоганот „Pse јo?“ (Зошто да не?), прашање ставено во контекст на партискиот став „дека е дојдено времето Албанец да биде премиер". Со цел да ја образложи таа идеја како нешто што треба да ги обедини, а не да ги дели граѓаните, Ахмети во екот на кампањата се повика дури и на Гоце Делчев.

„Оние кои имаат барем малку почит кон својот патриот Гоце Делчев, нека се вратат (во историјата - н.з.) и нека видат дека со бело кече Гоце Делчев држел говори пред Албанците. Ако се наследници на Гоце Делчев, кој ги обединувал луѓето и не ги двоел, оваа кандидатура (за премиер Албанец-н.з.) треба да ги направи среќни“, повика Ахмети во јули 2020 година од партински митинг во Скопје.

ДУИ на парламентарните избори во јули 2020 година го номинираше Насер Зибери за прв премиер Албанец
ДУИ на парламентарните избори во јули 2020 година го номинираше Насер Зибери за прв премиер АлбанецФотографија: Petr Stojanovski/DW

За таа функција ДУИ го номинираше Насер Зибери, поранешен пратеник и министер за труд и социјална политика, и тогашен нотар. Изборните резултати не му овозможија да стане прв премиер Албанец, па стана втор Албанец народен правобранител (по двата мандата на Иџет Мемети).

Дали тој повторно ќе биде адутот на ДУИ, овој пат за сто и кусур денови? Според партиски шпекулации, „иако тоа не е исклучено, сепак, поголеми шанси имале двајца до тројца актуелни функционери на ДУИ".

„Но, одлуката ќе ја донесе Ахмети, а изборот сигурно ќе биде направен многу, многу внимателно“, велат нашите соговорници, алудирајќи на актуелните критики на „Огнената група“ кон одредени функционери на ДУИ во извршната власт.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи