1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СП 2022: Поддршка за Хрватска поради Доминик Ливаковиќ

Марк Медоус
13 декември 2022

Германија одамна испадна од СП во Катар, па Бундеслига-фановите може слободно да навиваат за Хрватска, во чиј тим има многу играчи од Бундеслигата. И голманот Доминик Ливаковиќ би можел наскоро да стане дел од нив.

https://p.dw.com/p/4KpX7
Доминик Ливаковиќ на натпреварот против Бразил
Доминик Ливаковиќ на натпреварот против Бразил Фотографија: Pavel Golovkin/AP Photo/picture alliance

Доминик Ливаковиќ во клучни моменти го одврати Нејмар и потоа го одбрани пеналот од Родриго во продолженијата и ѝ помогна на Хрватска да се пласира во полуфиналето на светското фудбалско првенство. Тоа е неверојатно достигнување за нација од само 3,9 милиони жители. И, успехот делумно се случи благодарение на Бундеслигата.

Хрватска има пет играчи кои играат во Бундеслигата - високо рангираниот одбранбен играч од РБ Лајпциг, Јошко Гвардиол, Борна Соса од Штутгарт, Кристијан Јакиќ од Ајнтрахт Франкфурт, напаѓачот Андреј Крамариќ од Хофенхајм и Јосип Станишиќ, кој во Бајерн Минхен игра на позицијата десен бек, а и роден е во главниот град на Баварија.

Со оглед на покажаниот успех на Ливаковиќ, кој одбрани и три пенали против Јапонија во претходната рунда, клубовите од Бундеслигата веројатно ќе се потрудат да го придобијат 27-годишниот голман на Динамо Загреб.

„Ние сме борци, ние играме со цело срце и се фокусираме секогаш на конкретната игра, па потоа гледаме каде ќе нѐ одведе патот“, изјави Ливаковиќ за новинарите откако го поразија петкратниот светски првак Бразил.

Тој зборовите ги претвора во дела. Ако Манчестер Јунајтед го „мерка” Јан Зомер, како што се наведува во некои извештаи, тогаш Борусија Дортмунд сигурно е меѓу клубовите од Бундеслигата кои се заинтересирани за Ливаковиќ.

Доминик Ливаковиќ ѝ помогна на Хрватска да се пласира во полуфиналето на Светското фудбалско првенство
Доминик Ливаковиќ ѝ помогна на Хрватска да се пласира во полуфиналето на Светското фудбалско првенствоФотографија: Martin Meissner/AP/picture alliance

Голема хрватска заедница во Германија

Патот од Хрватска во Германија е вообичаен за многу фудбалери, како Ивица Олиќ и Марио Манџучиќ од Бајерн, кои имаат и титула прваци во Бундеслигата. Во земјата има голема хрватска заедница по гастарбајтерскиот бран во 1960-тите. Втор бран следеше по војната во Југославија во 1990-тите. Па така, во Германија живеат околу 500 илјади Хрвати. Тие ја сочинуваат шестата најбројна заедница на странци.

Анте Муриќ, роден во Франкфурт, беше на стадионот да ги поддржи своите сакани сонародници со мала група фанови. Во поголемиот дел од играта беа надвикувани од многу побројните навивачи на Бразил, од кои многумина беа мигранти работници во Катар од Индија. Но, Хрватите почнаа да пејат кога Бруно Петковиќ го израмни погодокот од Нејмар во продолжението, во 117-тата минута.

„Живеам во Германија, но навистина целосно сум Хрват. Црвено-белото го носам во моето срце. Ние сме горд народ и тоа го гледате во фудбалот“, вели тој.

Поранешниот селектор и играч Нико Ковач всушност е роден во Берлин, додека Иван Класниќ - кој со Вердер Бремен во 2004 ја освои титулата во Бундеслигата - потекнува од Хамбург. Дејан Ловрен, кој е дел од репрезентацијата на Мундијалот, бил бегалец во Германија. Хрватската амбасада во Германија падна во екстаза по победата над Бразил.

„Хрватска во полуфинале, браво! Цела земја се гордее со вас!", твитнаа тие на својот профил.

Хрватски навивачи пред почетокот на мечот против Бразил на СП во Катар
Хрватски навивачи пред почетокот на мечот против Бразил на СП во КатарФотографија: Igor Kralj/PIXSELL/picture alliance

Неверојатно достигнување во продолженијата

Хрватските фанови имаат многу причини да бидат горди на својот тим во изминатите 25 години, по распадот на поранешна Југославија. Полуфиналето во 1998 година ги изненади фудбалските фанови, посебно затоа што се случи толку кратко по војната.

Во Русија, пред 4 години, со Лука Модриќ на чело, кој ја доби и златната топка за таа година, настапот на Хрватска исто така беше завиден, а сега тие повторно се меѓу најдобрите четири селекции на планетата, со 37-годишниот Модриќ, кој сѐ уште е во добра форма.

Неверојатно е и нивното достигнување во продолженијата и на шутирањето пенали. Петпати беа во продолженија и петпати победија, од кои четирипати на пенали. Единствениот меч во нокаут фазата во 2018 година, во кој беа поразени, е всушност финалето против Франција, кога изгубија 4:2.

Што ќе се случи со стадионите во Катар по Мундијалот?

Селекторот Златко Далиќ заслужува пофалби за креирањето на нивниот успех, со солидна одбрана, добра контрола на средината и постигнување гол во текот на играта кога и да им е тоа потребно.

„Пресреќен сум што ние со само 3,5 милиони жители влегуваме во полуфиналето вторпат по ред. сега на сите ќе им кажам да велат ‘Не сме нормални’“, рече Далиќ пред да го поздрави голманот кој го реши натпреварот во корист на Хрватска. „Тој ја направи разликата во клучните моменти. Тој беше тука да нѐ спаси”, рече селекторот.

Сега им преостануваат уште два крупни чекори за да дојдат до пехарот наспроти сите очекувања. Многумина во Бундеслигата ќе навиваат токму за нив!