1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаШведска

Шведска: Претседавач со ЕУ во кризен модус

Бернд Ригерт
2 јануари 2023

Шведска го презема претседавањето со ЕУ во првата половина од 2023 година. Што има оваа скандинавска земја на агендата? Сите теми се во сенката на една.

https://p.dw.com/p/4LafF
Шведска ќе биде претседавач на ЕУ во првите шест месеци од 2023 година
Шведска ќе биде претседавач на ЕУ во првите шест месеци од 2023 годинаФотографија: Jürgen Schwenkenbecher/picture alliance

Новата шведска малцинска влада составена од Умерената партија, Демохристијаните и Либералите, која е упатена на соработката со десноекстремните Шведски демократи, продолжува таму каде што застана чешкото претседателство со ЕУ. Руската војна против Украина, нејзините последици за безбедноста и снабдувањето со енергија на Европа, зајакнувањето на воените капацитети и поголемата независност од неевропските синџири на снабдување, остануваат теми и за шведското претседателство. Шведската влада ќе претседава со околу 1.500 состаноци на различни тела на ЕУ и ќе помине безброј часови во преговори за компромиси меѓу земјите-членки на ЕУ, Европската комисија и Европскиот парламент.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон во владина изјава во декември рече дека војната е тоа што ќе го одреди шведското претседателство. „Од една страна, точно знаеме што треба да направиме: да го одржиме европското единство во поддршката на Украина, да ги искористиме ресурсите за обнова, да го спроведеме меѓународното право и да го подготвиме патот за земјата кандидат Украина да се приклучи кон ЕУ. Од друга страна, немаме поим што ќе се случува. Што ќе се случи една година по инвазијата? Напролет? Во лето? Шведска ќе биде подготвена да дејствува брзо и одлучно“, најави конзервативниот Кристерсон.

Тешко владеење со „толерирање“ од десноекстремните Шведски демократи

Други прашања, како што се заштитата на климата, имиграциската политика, како и проширување на ЕУ соземји од Западен Балкан, паѓаат јасно во втор план. Новиот шеф на шведската влада, кој ја презеде функцијата во октомври, со вакви теми нема да може да ја добие наклонетоста на своите неомилени владини партнери, десноекстремните Шведски демократи. Лидерот на шведските демократи, Џими Oкесон, кој освои 20 отсто од гласовите, но не беше примен во владината коалиција, се смета за негатор на климатските промени, води остра антимиграциска политика и ја критикува Европската унија како корен на сите зла. Ова ги прави Шведските демократи природни сојузници на другите десничарски влади во ЕУ, особено во Унгарија и Италија.

Лидерот на Шведските демократи, Џими Окесон (л.) и премиерот на Шведска, Улф Кристерсон (д.)
Лидерот на Шведските демократи, Џими Окесон (л.) и премиерот на Шведска, Улф Кристерсон (д.)Фотографија: Jonas Ekströmer/TT/picture alliance

Шведскиот премиер најави дека Шведска ќе продолжи да го поддржува владеењето на правото во сите земји-членки на ЕУ. Постапките против Унгарија и Полска треба „умерено“ да се туркаат напред. Сепак, Шведските демократи ги отфрлаат казнените мерки против Унгарија, како што е за првпат практицираното задржување на субвенциите од ЕУ. Европратеникот од редовите на Зелените, Јакоб Далунде, чија партија е во опозиција во Шведска, се сомнева во курсот на претстојното шведско претседателство со ЕУ. „Тоа што Кристерсон продолжува да тврди дека тој и неговата влада ќе можат да го заштитат владеењето на правото додека се потпираат на Шведските демократи, е и наивно и опасно“, изјави Далунде за порталот Еурактив.

Повеќе независност за Европа

Шведската влада сака да постигне напредок барем во делот на економските прашања. Поточно, премиерот Улф Кристерсон најави дека треба да се поддржи европската автомобилска индустрија во преминот кон возила со електричен погон. Истовремено, треба да се намали зависноста од добавувачите и примарните производи од Азија. Кристерсон не сака да прифати нефер субвенции од САД за нивната сопствена индустрија. „Затоа, за време на своето претседавање, Шведска ќе ја унапреди работата во насока на европско производствено опкружување за полупроводници. Ова звучи технички и тоа и е. Но, тоа е апсолутно неопходно ако сакаме целосно да го електрифицираме нашиот возен парк“, рече шефот на владата во шведскиот парламент во Стокхолм.

Шведска не е особен оптимист во врска со претседателството со ЕУ, бидејќи всушност има доволно проблеми што треба да се решат дома. Во својот божиќен говор, Улф Кристерсон наслика мрачна слика за својата татковина, која страда пред сѐ од растечкиот криминал на странските кланови. „Во странство, Шведска генерално се доживува како мирна и хармонична“, рече премиерот. Но, ваквата слика веќе не е точна. До средината на декември шведската полиција изброи 378 престрелки, во кои загинаа 60 лица. Во соседните земји бројките беа многу помали. Во Данска имаше четворица мртви, во Финска - два.

Турција сè уште го блокира приемот на Шведска и Финска во НАТО, наводно затоа што во двете земји се заштитувале курдски терористи (фото: шведскиот премиер Кристерсон и турскиот претседател Ердоган во Анкара, 8.11.2022)
Турција сè уште го блокира приемот на Шведска и Финска во НАТО, наводно затоа што во двете земји се заштитувале курдски терористи (фото: шведскиот премиер Кристерсон и турскиот претседател Ердоган во Анкара, 8.11.2022)Фотографија: Mustafa Kamaci/AA/picture alliance

Според шведскиот премиер, оваа година во Седертеље, во близина на Стокхолм, биле застрелани исто толку луѓе колку и во цел Лондон. Млади со миграциско потекло обично влегуваат во престрелки како дел од организираниот криминал. Поради овој безбедносен проблем и многуте убиства, десноекстремните Шведски демократи и беа толку популарни на изборите.

Паралелно со работата за ЕУ, Шведска ќе работи и на сопствената надворешна безбедност. Турција сè уште го блокира приемот на Шведска и Финска во НАТО, наводно затоа што во двете земји се заштитувале курдски терористи. Шведска направи отстапки и сака побрзо да ги екстрадира обвинетите во Турција. Но, тоа не е доволно за турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Сепак, генералниот секретар на НАТО,Јенс Столтенберг, очекува Шведска да биде примена во НАТО во 2023 година. Тој само, како што рече во едно интервју, не може да каже кога точно ќе се случи тоа.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија