1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Судството боледува од пре-реформираност

15 март 2023

Довербата во судството сериозно ќе порасне кога еден судија ќе може да и „залепи правен шамар“ на извршната власт, без притоа да стравува од евентуална одмазда од другата страна. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/4OgZb
Никола Тодоров, автор на колумната
Никола Тодоров, автор на колумнатаФотографија: DW/B. Gerogvievski

Кога во 2006 година тројца членови на машкиот лакрос тим на Универзитетот Дјук биле обвинети за сексуален напад врз жена, надлежните во универзитетот ја откажале сезоната, ја прифатиле оставката на тренерот на тимот и ги избркале обвинетите од универзитетот. Граѓаните, вклучително и надлежниот обвинител, под притисок и влијание на јавното мислење, имплицирале дека обвинетите се виновни пред да бидат разгледани доказите. По неколкумесечна постапка, се докажало дека тврдењата биле лажни и дека обвинителот под притисок на јавноста и на јавното мислење, постапил погрешно. Обвинителот подоцна признал дека нема докази, се извинил за своите претпоставки, му била одземена и правосудната лиценца поради неговото „неетичко однесување“ во текот на случајот и краток период поминал и во затвор. Во овој случај, судот на јавното мислење покажал колку е моќен. Додека медиумите известувале и ја ширеле приказната, без да имаат целосен увид во доказите, некои експерти, но и обичните луѓе, „пресудиле“ дека обвинетите се виновни. Во теоријата ова се дефинира како суд на јавното мислење.

Пресудата на јавноста 

За некои предмети можеби се потребни 2-3 години за да се решат на суд, во постапка утврдена со закон, но за жал може да бидат потребни само 5 минути за да се донесе пресуда од јавноста. Особено денес кога социјалните медиуми се толку влијателни, а неретко и контролирани.

Во дадениот пример, иако тие млади луѓе на крајот биле прогласени за невини, тие долго потоа се обидувале да ја побијат пресудата на јавноста.

Од примерот со машкиот лакрос тим на Универзитетот Дјук може да изведеме заклучок дека ако граѓаните имаат висока доверба во судството, пресудата која е спротивна на нивните очекувања ќе ја прифатат како правда, но, ако немаат доверба во судството, ќе ја прифатат како неправда и срам за судот. 

Проблемот со судот на јавноста е тоа што доколку судот донесе пресуда спротивна од очекувањата на јавноста, јавноста е незадоволна од судството. Понекогаш таквата одлука на судот навистина може да биде погрешна и гневот на јавноста оправдан, но понекогаш, имајќи ги предвид доказите,  материјалниот и процесниот закон, може судот на јавноста да биде погрешен. Еден врховен судија од САД истакнал дека судиите не се избрани на тие позиции за да бидат популарни во јавноста, туку за да судат согласно закон, па треба да се подготвени, доколку доказите и законот упатуваат на тоа, да носат одлуки со кои мнозинството граѓани нема да бидат задоволни, затоа што работата на судијата не е да ги задоволи барањата и очекувањата на мнозинството, туку правдата.

Ова треба да биде првиот примат на судската фела, и по мене подобрувањето на рејтингот на судиите и судството кај народот, треба да започне токму од тука. Судско медиумскиот совет, но и секој суд поединечно, треба да постави систем на информирање кој ќе превенира носење на избрзани пресуди на јавноста, но истовремено и да опстои на инсистирањето на отчетност, јавност и законитост. Ова ќе значи судиите стручно и со докази да ја побиваат пресудата на јавноста, секогаш кога таа е погрешна, со тоа што ќе донесат пресуда која е заснована на правилно и целосно утврдена фактичка состојба  со правилна примена на материјалното и процесното право. Јавното мислење секако може да има влијание врз правните случаи, особено во високо-профилните случаи кои добиваат значително медиумско внимание. Сепак, одговорност на судиите е да останат објективни и непристрасни, без оглед на јавното мислење или други надворешни фактори. 

Правен шамар 

Судската власт е една од трите власти, различна и одвоена од извршната власт. Судската власт не само што не е потчинета на извршната власт, туку напротив, извршната власт е подложна на контрола од судската власт. Ова теоретски сите го знаат, но често не се  почитува и применува. Очекувано, иако неправилно, е политиката и политичарите да сакаат да го потчинат и контролираат судството, односно секој конкретен судија, но лошо е и недозволиво ако судијата тоа го дозволи. 

Затоа сметам дека довербата во судството сериозно ќе порасне кога еден судија, фигуративно кажано, ќе може да и „залепи правен шамар" на извршната власт, а извршната власт да не смее и да не може никако нему или на судската власт да и се одмазди заради тоа. Во овој правец на осамостојување, првата работа од која треба да се почне е вработувањето. Се додека постапката за вработување започнува или зависи од согласноста дадена од министерот за финансии, нема да имаме независно судство, односно ќе имаме судство зависно од извршната власт. 

Друга работа од која е детерминиран слабиот рејтинг на судската власт е кадровската десеткуваност. Ниту има доволно  судии, ниту доволно обвинители, ниту стручни соработници и приправници. Резултатот од тоа е судија во одделението за работни спорови во Граѓанскиот суд во Скопје да има близу 1.000 активни предмети. За споредба, има судови во државата кои вкупно немаат толку предмети колку што има еден судија во Граѓански суд Скопје.

Тоа е неправда кон скопските судии кои земаат иста плата, а имаат неколкукратно поголем број на предмети од многу нивни колеги во другите судови. Резултатот од тоа е што кога ќе се одложи рочиште во суд надвор од Скопје се закажува за истиот или најдоцна наредниот месец, а во Скопје, сега се закажуваат рочишта за крај на месец октомври, што значи во годината може да имаш две рочишта кои често не се доволни за решавање на спорот. Не велам дека скопските судии треба да имаат повисока плата од останатите судии, иако сметам дека платата на сите судии треба значително да се покачи, но мора да се најде начин нивото на оптовареност на судиитево цела држава да биде релативно избалансирана. Не е проблем судијата во Велес на пример, да има 90 активни предмети, а судијата во Скопје да има 120, но не е во ред тој во Скопје да има над 300 или уште полошо над 900.

Промени од внатре 

Ако треба да сумирам, промените во судството треба да започнат од внатре, најпрво со тоа што судиите самите ќе се постават над политиката и политичарите, па да продолжи со отстранување на неквалитетни судии без разлика на тоа колку тие се блиски или поврзани со политиката, но тоа да биде со одлука на самите судии, без притисок и мешање од политиката, за конечно промената да заврши со стручно спротивставување на пресудите на јавноста секогаш кога тие пресуди на јавноста се донесени без докази и како резултат на некаква смислена или вирална пропаганда. Но, пред сѐ, судиите треба да се изборат за реална, а не фиктивна, финансиска самостојност која ќе значи дека  одлуката за тоа колкав ќе биде бројот на судии и останат правосуден кадар, но и нивниот избор нема да зависи од ниту еден министер односно политичар.

Конечно сметам дека судството ни пати од пререформираност. Која власт како дојде сака да го контролира судството под превезот на некаква „реформа“. Очигледно е како да нема интерес да се среди судството. Мислам дека ако им дадеме доволно ресурси, функционална независност и ги ослободиме од политичкиот притисок, многу брзо судството ќе го подигне својот рејтинг помеѓу граѓаните. Но, за тоа, треба политичка волја, малку повеќе пари и високо ниво на демократска свест, која за жал сериозно недостасува.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи