Судот во Келн ја казни обожавателката на Путин
9 јуни 2023Елена Колбасникова ладно ја прими пресудата на Окружниот суд во Келн: „30 дена затвор или морам да платам 30 евра по ден. 900 евра во државната каса за убивање на луѓе во Донбас од 2014 година. Тоа е вистината за луѓето во Германија“, изјави таа пред руските новинари кои известуваа за овој процес.
„Уште сум жива и ќе продолжам да ја зборувам вистината“, вели 48-годишната Колбасникова, која всушност е државјанка на Украина. Додава дека е спремна да биде и казнета за „ослободување на Украина од нацистите“,а во секој случај се надева дека „наскоро ќе добие руски пасош.“
Интересот за ова судење одржано во вторникот (06.06.2023) пред Окружниот суд во Келн беше голем. И германските медиуми ја нарекуваат Колбасникова - „Путинова симпатизерка“, зашто на сите начини го пропагира мислењето на Кремљ и на Русија во војната во Украина. Таа организираше цела низа акции за поддршка на Путин и Русија, а нејзиниот став може да се сублимира во реченица од интервјуто кое го даде за германскиот весник „Билд“: „Русија не е агресор. Русија помага за завршување на војната во Украина.“
Сопругот исфрлен од судот
Еден час пред почетокот на судењето пред судот почнаа да се собираат нејзини истомисленици, но и противници. Беа истакнати плакати со натпис „Треба да се победи Путин и неговите нацисти“, а ако се бројат и новинарите, беше многу тешко да се биде дел од 35 посматрачи, колку што собира во салата на судот.
Додуша, едно место брзо се испразни, зашто од судницата по туркањето со еден друг посетител, беше исфрлен сопругот на обожавателката на Путин, Макс Шлунд. И тој својски ја дели наклонетоста кон Путинова Русија со својата сопруга, па макар и да има сериозни последици по него. Тој беше вработен во аеродромот Келн-Бон, во ресорот за безбедност, но доби отказ. Против отказот поведе тужба против работодавачот пред Управниот суд во Келн, но судот во мај ја одби неговата тужба.
Германските медиуми пишуваат дека оваа брачна двојка собира пари за руската војска, а есента 2022 година донираната опрема лично им ја предале на руските војници во Донбас.
„Политички“ процес?
Обвинетата имаше очигледна намера и овој судски процес да го искористи како пропаганда за Русија и Путин: уште на почетокот на судењето судијката ѝ наложи на Колбасникова да го отстрани симболот сличен на Давидова ѕвезда во боите на руското знаме, кој го имаше истакнато на градите. Теоријата дека „Русите се Евреи на 21 век“ е омилено толкување на приврзаниците на Колбасникова за актуелните случувања.
И во текот на сослушувањето Колбасникова се обиде да го убеди судот дека е прогонета поради нејзините политички ставови. Сите нејзини лични податоци и адресата на живеење се појавиле и на интернет и по повеќе закани со смрт, ставена е под заштита на германската полиција. Таа е прогонувана и на други начини, тврди обвинетата: во последно време веќе двапати ја загубила работата, сега живее од социјална помош за невработени и од скратена работа за 450 евра месечно.
Во врска со проруските протести кои самата ги организираше, таа тврди дека се во духот на мировната политика која ја водеа и германските канцелари Вили Брант и Герхард Шредер. „Јас се залагам за мир“, тврди Колбасникова. За сите свои изјави тврди дека тоа е „нејзино мислење“, повикувајќи се на загарантираната слобода на мислење во Германија.
Неспорно кршење на меѓународното право
Тоа е став и на нејзиниот бранител, адвокатот Маркус Бајзихт. И тој е добро позната личност во Германија по неговите радикално десни ставови, а има и загубено парница, зашто организацијата „Граѓанско движење Про НРВ“, на која тој беше еден од основачите, е внесена на листата на Службата за заштита на уставниот поредок поради нејзината блискост со неонацизмот.
И во овој случај одбраната беше насочена кон тврдење дека на обвинетата ѝ се ускратува слбода на мислење и дека нејзиното основно право како граѓанин е доволна причина „да оди до Уставниот суд“ со жалбите на пресудата. Државното обвинителство ѝ посочи на обвинетата дека процесот не се води поради слобода на мислење. Таа завршува таму каде што почнува некое злосторство.
Државното обвинителство во својата тужба воопшто не се впушта во некаква наклонетост кон Русија или Украина. Тоа констатира елементарен факт: нападот и воената инвазија на Русија врз Украина е кршење на меѓународното, а со тоа и на германското право. Некакви повици за мир од обвинеттата се дотолку повеќе „цинични“. Судијката во Келн го прифати таквото толкување на „неспорен факт“ за кршење на меѓународното право, и дека изјавите на обвинетата се во рамките на недозволено „реметење на јавниот мир“. Ни во Германија не е дозволено баш сѐ, значи и изразување поддршка на кривично дело како што е оваа војна.