1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Судбината на украинските деца депортирани во Русија

Хана Соколова | Михаил Бушујев
3 февруари 2024

Според официјалните податоци, околу 400 украински деца се депортирани во Русија и сместени во руски семејства. Како им е кај посвоителите?

https://p.dw.com/p/4bsRc
Украина, војна I деца
Украинка на која ѝ успеа да си ги врати децата од РусијаФотографија: Valentyn Ogirenko/REUTERS

Селото на Костја било окупирано на почетокот на руската инвазија на Украина, кон крајот на февруари 2022 година. Но, за 14-годишното момче, кое со своите постари сестри и татко му, кому му била потребна нега, живеело во селото Козацкое, во регионот Херсон, работите станале уште полоши: токму кога Костја отишол да побара помош, неговото семејство било евакуирано во Нова Каховка, место окупирано од страна на Русија каде во тоа време немало борби. „Кога се вратив, моето семејство го немаше. Веројатно немало место во автобусот“, вели Костја, кој живеел сам неколку месеци. „Не знам зошто не можеа да ме земат, бев малку разочаран поради тоа“, вели тој.

Претставниците на окупаторската администрација на крајот му понудиле да оди во руски камп во Анапа, на рускиот црноморски брег. Оттаму децата биле распределени во други места.

Костја е едно од 19.500 деца за кои украинските власти велат дека биле незаконски депортирани во Русија и териториите на Украина окупирани од Русија.

Како што за ДВ изјави украинската ополномоштеничка за права на децата, Дарија Херасимчук, оваа бројка ги опфаќа и децата кои отпатувале во Русија со своите родители, бидејќи семејствата биле принудени на овој чекор поради рускиот напад. Во март 2023 година, Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде налог за апсење против рускиот претседател Владимир Путин и неговата оплномоштеничка за деца Марија Лвова-Белова за наводни воени злосторства во Украина. Двајцата се обвинети за киднапирање на украински деца и нивен транспорт во Русија.

Ново семејство во Русија

Според ополномоштеникот на украинскиот парламент за човекови права, Дмитро Лубинец, околу 400 украински деца веќе се посвоени од страна на руски семејства. Најпознат е случајот на девојче кое било однесено од сиропиталиште во Херсон. Новинарите дознаа дека таа била посвоена од пратеникот во руската Дума, Сергеј Миронов и неговата сопруга.

Украински парламент, ополномоштеник за човекови права Дмитро Лубинец
Дмитро Лубинец: Сите деца од руски семејства треба да се вратат назадФотографија: Hanna Sokolova-Stekh/DW

Украинската невладина организација „Регионален центар за човекови права“ утврди каде се 378 депортирани украински деца. За разлика од дете под старателство, посвоеното дете се третира како биолошко, објаснува Катерина Рашевска, експерт во невладината организација, додавајќи: „Родителите можат во рок од шест месеци да го променат името и презимето, местото на раѓање и датумот на раѓање. Тогаш детето веќе не може да се најде“.

Рашевска смета дека сместувањето деца во руски семејства е кривично дело. Обединетите нации ќе забранат посвојување деца од која било страна во конфликтот. Покрај тоа, воспитувањето мора да го врши претставник на истата културна и етничка група на која припаѓа детето. „Самото посвојување веројатно ќе биде класифицирано како геноцид“, вели експертката.

Војна во Украина | евакуација во Доњецк
Дете во воз за евакуација во ноември 2022 година во регионот ДоњецкФотографија: Anatolii Stepanov/AFP

Но, таа не инсистира на тоа дека се виновни старателите. Според неа, одговорни се руските власти и гувернерите на руските региони. Токму тие, според Рашевска, создале систем на награди за семејства кои примаат деца од Украина. Таа, исто така, гледа одговорност кај ополномоштениците за деца на териториите окупирани од Русија, како и за шефот на државата Владимир Путин и за ополномоштеничката за деца Лвова-Белова.

Тешко враќање

Според украинските информации, досега се вратени речиси 390 депортирани деца. Во процесот кој се држи во тајност се вклучени повеќе страни. Не сите деца биле сместени во руски семејства. Во јавноста се знае само дека најмалку три деца се одземени од семејства. Ова е особено тешко, велат официјални лица и активисти вклучени во процесот. Но, најтешко е да се вратат сирачињата затоа што тие немаат роднини кои можат да ги земат.

Украина | Донбас
Реклама за руско државјанство во окупираниот ДонбасФотографија: dpa/AP/picture alliance

Микола Кулеба, шеф на невладината организација  „Спаси ја Украина“, вели дека сите деца треба да се вратат од руските семејства и треба да им се каже вистината, дека таму биле однесени со измама. Но, Кулеба признава дека ова е контроверзно прашање.

Пратеникот Дмитро Лубинец во овој контекст нагласува: „За нас како држава останува фактот дека тоа се украински деца“. Според Лубинец, одлуката за тоа каде треба да живеат децата мора да ја донесе семејството или, ако нема семејство, украинските власти. „Ако некое лице има 18 години, доволно е да слушнеме дека е среќно, дека се смета себеси за државјанин на Русија и сака да остане таму. Но, знам дека многу возрасни ќе кажат дека сакаат да се вратат во Украина“, вели Лубинец.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи