Стотина научници ги отфрлаат препораките на историчарите
19 август 2022Стотина македонските научници и истражувачи ги отфрлаат препораките за заедничко одбележување на историски личности на заедничката мултидисциплинарна експертска Комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Тие сметаат дека станува збор за ништовни и нерелевантни препораки за понатамошната научно истражувачка дејност.
Во писмото, потпишано од академиците Катица Ќулавкова, Љупчо Коцарев, Ѓорги Поп Атанасов, Зузана Тополињска, Витомир Митевски, Марјан Марковиќ, Митко Манџуков и Леонид Грчев, бројни соработници на МАНУ, декани, универзитетски професори и историчари се наведува дека препораките се отфрлаат со индигнација, имајќи ги предвид етичките кодекси на академската заедница, современите научни методи и парадигми, автономноста на научно-истражувачката дејност, како и интегритетот на македонските општествени, хуманистички и историските науки.
Псевдонаучни препораки
„Овие препораки ги сметаме за псевдонаучни, поради следниве причини:
– „Препораките…“ го игнорираат фактот дека ‘историското право’ не е призната категорија во меѓународното право, па следствено - за историските прашања не се валидни политичките спорови и договори.
– „Препораките…“ ја интерпретираат, па и ја ревидираат македонската и регионалната балканска историја на начин кој има политички претекст, поради што отстапуваат од принципот на научност и етичност.
– Политичкото инсистирање да се усвојат билатерални препораки за историја која има мултилатерален и унилатерален карактер, па не може да се официјализира како „заедничка“ бугарско-македонска историја, претставува повреда на референтната парадигма на хуманистичките науки.
– Под привид на реципроцитет, „Препораките…“ промовираат метод на арбитрарно и пристрасно толкување на историските факти, личности, настани и процеси кои се значајни за повеќе народи, култури, држави и епохи.
– Во овие „Препораки…“, македонската, јужнословенската, општословенската и балканската историја се толкуваат на бугароцентричен начин, со што отстапуваат од востановените научни сознанија во македонистиката, славистиката и балканистиката.
– „Препораките…“ го дискриминираат усвоениот и научно заснован наратив за културната, националната и политичката историја на Македонија, застапуван од македонски и други научници со меѓународна репутација.
– Иако историјата на Македонија и на Македонците е повеќе димензионална и опфаќа повеќе историски епохи и цивилизациски констелации (античка, средновековна, нововековна, современа), во „Препораките…“ се маргинализираат цели епохи од национална, регионална и меѓународна важност.
– Во контекст на македонската историја, Македонија може и треба да се проучува, културолошки, тематски и методолошки,на повеќе начини: како територија (геополитички), како држава, како нација која има свој сопствен развоен културен и политички континуум – од етнос до македонска политичка нација и признат меѓународно правен субјект.
– Македонската историја претставува суверен интерес на Република Македонија, како што историјата на Бугарија е примарен интерес на бугарската држава, па треба да го задржи правото на сопствено научно и официјално толкување, се вели во писмото.
Клевети и обвинувања
Ваквото писмо следи по вчерашната реакција на македонскиот тим (18.08) во Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања на бројни „клевети, обвинувања и манипулации за ненаучност, предавство и бугаризација“, коишто според нив се појавија откако на 15. август беа објавени решенијата усвоени во 2018 и 2019 година, а со кои се предлага заедничко чествување на историски личности во Скопје и во Софија и промена на делови од учебниците во двете земји.
„Доминираа клевети, обвинувања и манипулации за ненаучност, предавство и бугаризација, без притоа да се понудат аргументи за тоа. Оние малку аргументи што се нудат всушност се произволни, нестручни и селективни толкувања на историјата, со употреба на празна и исполитизирана реторика за наводна бугаризација на Македонија и Македонците. Најголемото разочарување и истовремено иронија е тоа што во голем дел обвинувањата за наводното предавство се повикуваат на македонската историографија, која впрочем веќе ги нотирала фактографските податоци наведени во решенијата на Комисијата“, се наведува во реакцијата. Во неа се упатува порака и до бугарските историчари дека „ликувањето“ и „славењето победа“ е несериозно и претставува лажен триумфализам кој само пречи на работата на Комисијата и на добрите односи меѓу македонскиот и бугарскиот народ.