Стотици загинати во земјотрес во Турција и Сирија
6 февруари 2023Во земјотресот со сила од 7,4 степени, според првичните информации, во граничната област меѓу Турција и Сирија загинале неколку стотици луѓе. Турската служба за справување со катастрофи утрово јави за најмалку стотина жртви, а набргу потоа вицепретседателот Фуат Октај ја коригираше бројката на 280 мртви и околу 2000 повредени, погодени се повеќе провинции во јужниот дел од земјата. Бројот на жртви во северозападна Сирија пак е уште повисок – државната новинска агенција Сана јави за повеќе од 230 мртви и 600 повредени, повикувајќи се на изјава на заменикот министер за здравство, Ахмед Џамиријех за државната телевизија. На удар на потресот биле неколку провинции, меѓу кои Хама, Алепо и Латакија, каде силниот дожд и врнежите од снег ги отежнуваат спасувачките работи.
Во двете земји се урнале бројни згради, се стравува дека под урнатините може да има уште загинати.
Епицентарот на земјотресот кој се случи во денешните рани утрински часови се наоѓа во близина на јужниот турски град Газиантеп, близу границата со Сирија. Германскиот Гео-истражувачки центар ГФЦ во Потсдам регистрирал потрес со сила од 7,9 степени, додека американските сеизмолошки служби зборуваат за потрес со јачина од 7,8 степени. Турската служба за справување со катастрофиобјави дека земјотресот имал сила од 7,4 степени.