1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Столтенберг: Нема да дозволиме уцени од Русија

Кристоф Хаселбах
19 октомври 2022

Генералниот секретар на НАТО ги повикува земјите членки на алијансата да ѝ пружат уште поголема помош на Украина. Во емисијата „Конфликт зона“ на ДВ Столтенберг вели дека опасноста од употреба на нуклеарно оружје е мала.

https://p.dw.com/p/4INLd
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во ДВ-емисијата „Конфликт зона“
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во ДВ-емисијата „Конфликт зона“Фотографија: DW

Јенс Столтенберг зборуваше на Форумот за надворешна политика на фондацијата Кербер во Берлин. Ова се драматични времиња за Европа, за НАТО, за Германија. Војната во Украина ескалира со руски воздушни напади врз украинските градови и натамошни нуклеарни закани од Москва.

Но, Столтенберг е сигурен: „Путин нема да успее“ да ја скрши волјата за борба на украинскиот народ. Со западна воена поддршка, многу руски ракети и беспилотни летала можеа да бидат пресретнати, вели тој. Столтенберг особено ги фали системите за противвоздушна одбрана што ги испорача Германија.

Благодарение на поддршката од странство, рускиот марш кон Киев е запрен, Русија никогаш не ја постигна очекуваната супериорност на небото над Украина, а Украина можеше повторно да ги освои териториите на исток и југ.

Шефот на НАТО ги предупредува и сојузниците дека треба да истраат: земјите членки треба да „пружат поддршка колку што е потребно и онолку долго колку што треба“. Тоа потсетува на зборовите на поранешниот претседател на ЕЦБ, Марио Драги, кој во должничката криза во 2012 година вети дека ќе го поддржи еврото со „што и да е потребно“.

Германскиот воен придонес е често критикуван како недоволен. Украинската влада сака пред сѐ германски тенкови Леопард 2, но германската влада досега отфрла нивна испорака. Столтенберг го избегна прашањето дали Германија сега треба да испорача тенкови Леопард 2, но, обраќајќи му се на НАТО како целина, нагласи: „Сите сега треба да направиме повеќе“. И тоа не само со поголема достава, туку и „зголемување на производството за да ги надополниме нашите залихи“. Не треба да се занемари сопствената способност за одбрана.

Столтенберг бара уште поголема помош и поддршка за Украина
Столтенберг бара уште поголема помош и поддршка за УкраинаФотографија: DW

„Нема победа во нуклеарна војна“

Рускиот претседател Путинпостојано се заканува дека ќе употреби нуклеарно оружје. И украинските територии анектирани по лажните референдуми сега се под руска нуклеарна заштита. Некои набљудувачи веруваат дека ако Путин биде турнат в ќош, може да употреби тактичко нуклеарно оружје во Украина. Тука генералниот секретар на НАТО се обидува малку да ги смири работите: Внимателно се следат сите воени движења и можни подготовки, нагласува тој: „Ризикот од употреба на нуклеарно оружје против Украина е низок.“ Но, НАТО е „подготвен за сите евентуалности“.

Сепак, Столтенберг ги предупредува Русите од непрецизирани „сериозни последици“ доколку употребат нуклеарно оружје, додавајќи: „Нема победа во нуклеарна војна“.

Пораката до Путин, Украина и сојузниците во НАТО е особено важна за Столтенберг: „Нема да дозволиме Русија да нѐ заплаши или уценува“. Со заканите Путин само сака да ја прекине поддршката за Украина, уверен е тој: „Ако го сториме тоа, претседателот Путин ќе победи во Украина. А, ако победи, тоа ќе биде многу опасна порака до сите авторитарни лидери дека ќе ги исполнат своите цели со употреба на брутална воена сила и кршење на меѓународното право.“

Столтенберг притоа прави разлика помеѓу можна руска употреба на нуклеарно оружје во Украина и напад – нуклеарен или конвенционален – врз членка на НАТО. Доколку биде нападната земја на НАТО, во Москва не смее да има дилеми: „Се разбира, тоа ќе го активира членот 5, клаузулата за колективна одбрана“. Затоа и присуството на војници на истокот на НАТО е зголемено и трупите се ставени во зголемена готовност. „Ова не го правиме за да предизвикаме конфликт, туку за да спречиме конфликт.“

Украина бара германски тенкови од типот Леопард 2, но владата во Берлин досега одбива да ги испорача
Украина бара германски тенкови од типот Леопард 2, но владата во Берлин досега одбива да ги испорачаФотографија: Csaba Krizsan/dpa/picture alliance

Поуки за справување со Кина

Ако Украина денес веќе беше во НАТО, сега ќе важеше и обврската за давање помош. Некои веруваат дека тоа би го спречило рускиот напад, други, особено во Западна Европа, се среќни што НАТО не е автоматски вовлечен во конфликтот. Украинскиот претседател Зеленски сега бара забрзан процес на прием. Но, Столтенберг во врска со тоа останува нејасен: „Вратата на НАТО останува отворена. И еден ден Украина ќе биде членка“. Русија во тој дел нема што да каже, оценува тој. Тоа е прашање само на членките на НАТО и на самата Украина. Но тоа не е прашање во моментов, фокусот сега мора да биде ставен на тоа „Украина да победи во војната“.

Столтенберг, исто така, извлекува поуки од војната во Украина за справување со сè поагресивната Кина. Осврнувајќи се на можна кинеска инвазија на Тајван, генералниот секретар на НАТО рече: „Никогаш не е прифатливо една земја да се обидува да узурпира територија од друга земја“. Кина треба „барем да ја осуди“ војната против Украина.

Дали Путин мора да си замине за да има решение за оваа војна? Столтенберг го избегна одговорот на ова прашање и вели дека НАТО ќе одговори на руските акции без разлика кој е таму на власт. Но, тој дава индиректен одговор, кој првенствено е насочен кон оние кои веруваат дека Украина треба да направи компромиси за да има мир: „Путин ја започна војната“. И не смее да се заборави: „Ако Русија на претседателот Путин престане да се бори, ќе има мир. Ако Украина престане да се бори, ќе престане да постои како независна држава“.