Столтенберг: На Косово мора да се избегне ескалација
22 ноември 2022Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, порача дека на Косово мора да се избегне ескалација. Оценката доаѓа по неуспешните разговори меѓу Белград и Приштина за прашањето за задолжителна пререгистрација на регистарските таблички.
„Разговарав со (шефот на европската дипломатија) Жозеп Борел. Разочарани сме што не е можно да се реши спорот за регистарските таблички“, напиша Столтенберг на Твитер.
Според него, „сега е време за одговорност и прагматични решенија“ и „мора да се избегне ескалација“.
„НАТО и КФОР остануваат будни“, додаде генералниот секретар на НАТО.
Борел вчера (21.11) во Брисел, по осумчасовните средби со лидерите на Србија и Косово, изјави дека Белград го прифатил предлогот на ЕУ за излез од кризата за прашањето за регистарските таблички, а Приштина тоа не го сторила.
По одвоените средби и трилатералниот состанок со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, Борел побара Косово веднаш да ги суспендира натамошните чекори поврзани со пререгистрацијата на регистарските таблички, а Србија да го прекине со издавањето на регистарски таблички за градовите во Косово, вклучително и КМ-табличките.
По разговорите во Брисел, американскиот амбасадор на Косово, Џефри Ховенијер, соопшти дека САД се загрижени поради тоа што Белград и Приштина не постигнале договор за решение на кризата на Косово. Потоа косовскиот премиер Курти на Твитер објави дека го прифаќа барањето на САД и дека за 48 часа ја одлага примената на мерката на казнување на возачите кои не ги промениле регистарските таблички со српски ознаки.