1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Протечени американски тајни документи: „Кошмарна ситуација”

Б. Јордановска | агенции | АРД
10 април 2023

Три дена по објавувањето на тајни американски документи на интернет, се дебатира за нивното значење. Во документите се содржани информации за воените способности на Украина и за работата на американските тајни служби.

https://p.dw.com/p/4Priw
Во тајните американски документи објавени на интернет е добива увид во испораката на оружје за Украина и потрошувачката на муниција
Во тајните американски документи објавени на интернет е добива увид во испораката на оружје за Украина и потрошувачката на муницијаФотографија: Kevin Lamarque/REUTERS

Два дена откако на интернет се појавија тајни американски документи, се разгоре дебата околу нивната содржина. Според информации на американските медиуми, со нив се добива увид во испораката на оружје за Украина и потрошувачката на муниција. Покрај тоа има детали за силината и позицијата на украински и руски единици. Како што јавува „Њујорк тајмс”, во документите има и информации за плановите на НАТО и САД за поддршка на Киев во подготовката на можна пролетна офанзива. Според „Вашингтон пост”, објавени се и тајни анализи за други земји, меѓу кои Кина и Израел. Освен тоа, од документите произлегува и како САД ги прибираат информациите и на кои извори се потпираат при тоа. Таквиот увид во праксата на американските тајни служби може да биде од исклучително значење за Русија или Кина. Москва би можела од документите „меѓу редови” да прочита до кој степен нејзиниот безбедносен апарат е предмет на американска шпионажа и да ги затвори таквите слаби точки. Истакнат припадник на тајните служби за „Њујорк тајмс” ситуацијата ја оцени како „кошмар”.

Во објавените тајни документи има информации за плановите на НАТО и на САД за поддршка на подготовките на Украина за можна пролетна офанзива
Во објавените тајни документи има информации за плановите на НАТО и на САД за поддршка на подготовките на Украина за можна пролетна офанзиваФотографија: picture alliance/Photoshot/W. Wei

Некои документи се изменети

Нејасно е дали сите објавени документи се оригинални. Според телевизијата „Си-Ен-Ен”, соработници на американската влада генерално го потврдиле тоа, но „Вашингтон пост” кој исто така се повикува на информации од властите, тврди дека дел од документите се изменети. Тоа оди во правец на заклучоците од истражувачката мрежа „Белингкет” чии експерти успеале да докажат дека барем дел од документите содржински се отпосле манипулирани.

Нејасно останува кој ги има објавено документите кои на почетокот на март прво се појавија на платформата „Дискорд” омилена меѓу гејмерите, а потоа беа проширени преку мрежата „4чен”, додека не се појавија и на Твитер и на руските Телеграм канали. Голем дел од документите брзо беше избришан.

Американското министерство за правда отвори истрага, а во фокусот пред сѐ се самите САД. Пристап до документите имале можеби илјадници припадници на властите, вели за „Вашингтон пост” еден соработник на Пентагон. Оние кои ги објавиле документите може да се најдат во големи потешкотии бидејќи таквиот чин во САД е строго казнив, особено кога е во прашање националната безбедност.

Дали протекувањето на тајните документи ќе има последици за текот на војната во Украина?
Дали протекувањето на тајните документи ќе има последици за текот на војната во Украина?Фотографија: Evgeniy Maloletka/AP/dpa/picture alliance

Релевантни информации за Москва

Какви последици ќе има „протекувањето” за текот на војната? Во Украина сметаат дека нема да има никакви и како и вообичаено демонстративно лежерно велат дека ова е „вообичаена игра на тајните служби”.

Според Киев, Русија стои зад документите, само за да предизвика раздор меѓу Украина и Западот.

Но, против ваквиот став зборуваат алармирачките изјави од страна на соработници на американските власти и на тајните служби. Шефот на американскиот тинк-тенк „Силверадо политички акцелератор”, Димитри Алперович, за „Вашингтон пост” рече дека документите може да предизвикаат штета. Иако не содржат конкретни планови за битки, сепак за Москва даваат увид во видот и количината на западно оружје во Украина и во персоналот кој може да се служи со овие оружја, односно со еден збор - релевантни информации за способноста на Украина да се брани.