Што би донело ограничување на брзината на автопатиштата?
4 мај 2024„Слободните граѓани бараат слободно возење!“ Тоа беше мотото на Германскиот автомобилски клуб АДАЦ за протестите во '73-та и '74-та против ограничувањето на брзината од 100 километри на час на германските авотопатишта. Германската влада во тоа време воведе такво правило за да се заштеди на бензин за време на нафтената криза. Иако важеше само неколку месеци, тоа ги разгневи луѓето во Германија. Од тогаш до денес разните обиди да се воведе ограничување на брзината, беа безуспешни. Повеќе од половината Германци и членови на АДАЦ, денес се „за” ограничување, но многу противници и натаму стриктно одбиваат. Бавараската партија ЦСУ дури и започна кампања против таквата идеја.
Ограничување на брзината речиси насекаде, освен во Германија
За разлика од речиси сите земји во светот, во Германија на автопатиштата не постои ограничување на брзината. На некои делници таа е ограничена, но на 70% од патиштата постои само доброволна „препорачана брзина од 130 километри на час“. Затоа компании за изнајмување спортски автомобили дури и рекламираат трки на германските автопатишта.
Која е поентата на ограничувањето на брзината ?
Што побавно вози автомобилот, толку помалку гориво троши и испушта помалку штетни гасови и честички.
Со ограничувањето на брзината на 120 километри на час би се заштедиле 4,5 милиони тони јаглерод диоксид, покажуваат пресметките на германската Сојузна агенција за животна средина. Споредено со 2018 година, тоа би било 2,9 проценти помалку емисии.
А, ако повеќе луѓе почнат да користат возови, да бираат пократки рути, или да се одречат од патувања, тоа би биле 6,7 милиони тони заштеда, односно 4,2 проценти.
А, кога би се вовело ограничување од 80 километри на час на магистралнита патишта, тоа би биле 8 тона еквивалент на јаглерод диоксид.
Уште една предност е помал број на сообраќајни незгоди, затоа што автомобили кои побавно се движат може побрзо да закочат. На пример со ограничување на брзината на 100 километри на час, би имало околу 70 проценти помалку несреќи.
Со побавно возење има и помала бучава и помалку сообраќаен метеж. Ефектот би бил уште поизразен ако сите возат само 100 километри на час или нешто побавно.
Кои се аргументите против ограничувањето?
Според истото истражување на осигурителната компанија „Алијанц”, против огрничувањето се особено мажите и луѓе кои многу возат (повеќе од 50 илјади киоометри годишно), но и млади возачи до 24 годишна возраст. Велат дека се плашат оти така ќе има поголеми гужви во сообраќајот и подолго ќе траат патувањата. Најголемиот дел луѓе (77%) и сега на автопат доброволно вози побавно од препорачаните 130 километри на час.
Нејасно е колку несреќи би можеле да бидат спречени со воведување на ограничувањата на брзината на германските патишта.
Според податоците на АДАЦ, во Германија нема повеќе тешки несреќи отколку во други земји, во кои брзината е ограничена. Ако се спореди бројот на смртни случаи според поминатите километри на автопат, се гледа дека во 2020. година имало повеќе во Франција, Италија, Литванија, Чешка, Унгарија и САД. Во апсолутно бројки, Германија е на врвот со 317 смртни случаи.
Кој сака ограничување на брзината?
За ограничување се залагаат еколошки групи, како и синдикатот на полицијата во Северна Рајна Вестфалија и Здружението за поддршка на жртвите од сообраќајни несреќи, кои исто така бараат на магистралните патишта да се вози максимално 80 километри на час наместо досегашните 100. Осигурителните куќи пресметале дека така во голема мера би се подобрила безбедноста. Зелените и СПД исто така се „за", а тоа го бара и опозициската Левица.
Кој е против?
На ограничувањето се противат конзервативните демпхристијански партии ЦДУ и ЦСУ, како и делумно екстремно десничарската АфД и Либералите. Противниците сметаат дека тоа малку ќе влијае на животната средина, а дека премногу ќе ги ограничува луѓето. Либералите од семафор коалицијата, веќе еднаш спречија темата да се внесе во договорот за формирање влада. Партијата нарача и студија чии резултати противречат на гореспоменатата студија и покажуваат дека заштедата на јаглерод диоксид е многу помала. Но, автори на „контра-студијата” се професори по економија кои и инаку ги доведуваат под прашање климатските промени предизвикани од човекот. Затоа студијата е предмет на критики од еколошките здруженија и други политички партии.
Во Законот за заштита на климата нема ограничувања
Емисиите на јаглерод диоксид во секторот транспорт 2023. и натаму беа превисоки, а министерот за сообраќај Фолкерт Висинг од Либералите требаше итно да ја покрене програмата за постигнување на климатските цели во транспортот. Тоа го предвидуваше и Законот за заштита на климата од 2021. година кој го донесе претходната германска влада од СПД и ЦДУ.
Актуелната владејачка коалиција сега одлучи да го реформира законот. Прекумерните емисии како во транспортот, сега може да се надоместат на други места, на пример со повеќе обновливи енергии.
Според Законот за климата, Германија мора до 2030. година да ја намали емисијата на стакленички гасови за 65 проценти, а до 2040. за 88 проценти во споредба со 1990. година.
Но, во измените на Законот за заштита на климата нема збор за ограничување на брзината на автопатиштата.