1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Став: Германија треба да и испорача тенкови на Украина

Goncharenko Roman Kommentarbild App PROVISORISCH
Роман Гончаренко
19 јануари 2023

Германија се колеба околу испорака на тенкови за Украина. Дел од сојузниците дури се посомневаа во поддршката на Берлин. „Да“ за испорака на тенкови Леопард 2 би можела да ги распрсне тие сомнежи, смета Роман Гончаренко.

https://p.dw.com/p/4MMgl
Тенкови Леопард 2 за време на вежба во Полска, април 2022 година
Тенкови Леопард 2 за време на вежба во Полска, април 2022 годинаФотографија: STR/NurPhoto/picture alliance

Ова е како дежаву, веќе видено, веќе доживеано. Украина и нејзините партнери на Запад со растечка нервоза го посматраат зголемувањето на руските трупи, како на пример во Белорусија, и одгатнуваат каде и кога би можел наскоро да удри претседателот Владимир Путин. Речиси една година по почетокот на инвазијата тоа останува дел од неговата „тактика на дробење“.

Притоа, Германија, која се колеба, е под сѐ поголем притисок за поголема испорака на оружје, додека Велика Британија прави чекор напред и е прва НАТО-држава која сака да испрати модерни тенкови. Критиката на сметка на Берлин расте, потсмевањето и жестоките критики на сметка на Германија се повторно „ин“ на Твитер. Се заканува повторно отворање на пукнатините помеѓу источна Европа и Германија. Тоа потсетува на состојбата од зимата 2022, кога Естонија сакаше во Украина да испрати хаубици од типот Д-30 од резервите од времето на ГДР, а Берлин беше против и се согласи дури откако почна руската инвазија.

Да се распрснат последните сомнежи во германската доверливост 

Точката на кристализација овојпат е веројатно најпознатиот и најпосакуван производ на германската индустрија на вооружување - тенкот Леопард 2. Тој стана симбол. Киев го моли Берлин со недели за овие тенкови и досега слушаше „не“ како одговор, но сѐ понеуверливо. Вицеканцеларот Роберт Хабек неодамна рече дека Берлин не треба да го попречува патот ако другите земји сакат да испорачаат (тенкови, н.з.). Полска и уште неколку НАТО-држави се подготвени да ѝ ги дадат на Украина своите тенкови Леопард 2, но за  тоа е неопходна и согласност на Германија, каде што се произведуваат тенковите.

Роман Гончаренко
Роман ГончаренкоФотографија: DW

На почетокот на руската инвазија на Украина Берлин, со право, беше многу критикуван за својот колеблив став. Оваа воздржаност, како и изградбата на гасоводот Северен тек 2, беа најголемите германски грешки пред инвазијата. Оттогаш се забележува впечатлива корекција на грешките. Германија ѝ стави крај на својата зависност од руската енергија во рекорден рок, се почна со испорака на оружје за Украина. Пред само неколку недели Берлин најави испорака на тенкови Мардер и систем за противвоздушна одбрана Патриот на Украина. Тоа не се ситници и благодарноста од страна на Киев би можела да биде и погласна. Леопард 2 се шанса за распрснување на последните сомнежи во германската доверливост, за конечна корекција на поранешните грешки и за затворање на ова поглавје. 

Шанса за новиот министер за одбрана Писториус 

Согласноста на Берлин мора да биде дадена - и ќе биде дадена. Притисокот расте, знаците се множат, се чини тоа е само прашање на време. Тешко дека е можно натамошно одлагање без притоа да се претрпат штети по имиџот. По најавата од страна на Велика Британија тоа веќе не би бил самостоен потег, нешто што канцеларот го отфрла од обѕири кон скепсата кај населението. Во неговиот текст за списанието Foreign Affairs, Олаф Шолц во декември напиша дека Германија е подготвена „да преземе одговорност за безбедноста на Европа како еден од главните гаранти“. Тој, меѓу другото, вети обука и вооружување на украинските воени сили.

Давање согласност за испорака на Леопард 2 би бил вистински чекор во таа насока. Колку побрзо, толку подобро. Следна можност би била средбата на министрите за одбрана во врска со помошта за Украина, што треба да се одржи во американската воена база Рамштајн оваа недела. Новиот германскиминистер за одбрана Борис Писториус има единствена можност да пристигне со историска најава и да објави дека се дава зелено светло за испорака на тенкови. Украина и нејзините партнери немаат многу време, претстои уште побрутална и покрвава фаза на војната. Германија веќе не може да си дозволи натамошно воздржување.