Инвестициски бум: Стан во Солун или куќа на Халкидики?
26 јуни 2023Стан во Солун, куќа во Халкидики, луксузна вила на краците во Грција повеќе не се само недостижен сон. Интересот за купување на имоти кај македонските граѓани расне, особено по пандемијата. Енормниот пораст на цените на недвижностите во Северна Македонија, кои речиси се изедначија со вредноста на недвижности коишто можат да се купат на Егејското Море, поттикна многумина својот кеш да го инвестираат во соседството. Се купуваат станови, но и вили, кои се користат за сопствени потреби, но се почесто и за издавање. Поволната клима, која овозможува туризмот да трае и повеќе од 6 месеци, за многумина е привлечна опција да се инвестира во недвижност која што ќе се издава и ќе носи солиден приход. Македонските агенти за недвижности за ДВ велат дека имаат полни раце работа. Интерес постои, се купуваат имоти за кеш пари, а освен Грција интерес има и за ексклузивни имоти во Северен Кипар.
„Ова дестинација се повеќе станува 'мал Дубаи'“, вели за ДВ, Рада Арнаудова од Алтеа пропертис. Оваа агенција за недвижности е особено активна на социјалните мрежи нудејќи на продажба станови во Грција, но и ултра ексклузивни станови на атрактивна локација во Северен Кипар.
Социјалните мрежи преплавени со понуди
Протегајќи се југоисточно од градот Солун, Халкидики со своите три краци: Касандра, Ситонија и Атос, длабоко навлегува во Егејското море и една од најчестите дестинации за македонските туристи. Токму и на овој потег се нудат највеќе имоти за продажба.
„Одлична можност за инвестиција. Регулирана купопродажба до клуч на рака и дополнително менаџирање на недвижноста, доколку купувачот сака да ги изнајмува апартманите веднаш се склучува договор со агенција за изнајмување и одржување. Квадратури од 65м2-125м2... Флексибилни услови за плаќање.. Купопродажбата може да биде празен стан или комплет наместен. Цена од 1.400 до 2.500 евра“, се наведува во дел од огласите на агенциите, кои се споделуваат во специјализирани групи на социјалните мрежи.
Меѓу огласите може да се забележи дека се нудат на продажба станови во Неа Каликратиа изградени во 2019 година, од 25 до 40 метри квадратни, комплетно опремени, на само 200 метри од градската плажа за цена од 45 до 65 илјади евра. Во оваа цена не е вклучена агенциската провизија. Се продаваат и поексклузивни станови во Агиа Триада поголеми од 100 метри квадратни, го поглед на морето, на само 50-тина метри од плажата, чија цена достигнува и над 250 илјади евра.
Во Палини, пак, на продажба е мал хотел кој се нуди за 675 илјади евра.
Има ли интерес?
И покрај тоа што медиумите во Грција известуваат дека понудата на станбени згради во Грција секоја година се намалува, дека изградбата на нови згради е забавена, а многу станбени згради не се користат, сепак на пазарот на недвижности има голем број станови кои се нудат за продажба, особено во Солун и околината.
„Има голем интерес за купување имоти во Грција - доминираат Србите, но се поголем е бројот и на македонски граѓани кои се одлучуваат да инвестираат таму“, вели Арнаудова.
Главна причина за тоа, според неа, е идеалната клима која овозможува сезоната да трае и од седум до девет месеци.
„Кај нас тоа што не може - таму може. Откако ќе се уплатат 30 проценти од цената на недвижноста во градба, новиот сопственик може веднаш да го препродаде имотот и да оствари разлика во цената од 30 до 40 проценти“, вели нашата соговорничка. Новите сопственици, според неа, лесно можат и да ги издаваат недвижностите коишто ги купиле. Со склучување на договор со агенција, се добива комплетен сервис за одржување и издавање на имотот.
„Добивате клуч на рака и комплетна услуга за менаџирање на вашиот имот“, вели Арнаудова.
Станови, апартмани, вили...
Заинтересираните можат да се одлучат дали ќе инвестираат во станови, апартмани или вили. Цените се движат од 1.400 евра во градба до 2.500 евра за комплетно опремени станови.
„Сопствениците најчесто ги купуваат становите за издавање. Ги користат максимум еден месец во текот на летото, но останатиот период ги издаваат“, велат од агенциите за недвижности.
Дел од нив им нудат на заинтересираните шанса да ја видат понудата на лице место. На пример, за имотите во Северен Кипар, заинтересираните купувачи имаат можност три-четири дена да отпатуваат и на лице место да ги видат имотите и доколку се заинтересирани да инвестираат таму. Агентите за продажба на недвижности велат дека се обидуваат да ги преземат сите мерки за да се обезбеди сигурна зделка, во која никој нема да биде оштетен.
„Откако ќе уплатат 30 проценти од сумата, купувачите веднаш добиваат лист за предбележување“, велат од агенциите за недвижности. Повисоките даноци коишто се плаќаат во Грција, многумина ги одвраќаа досега да инвестираат кај јужниот сосед. Но, агентите за недвижности уверуваат дека даноците „не се толку високи“ колку за грчките државјани кои што плаќаат „данок на луксуз“ со оглед на тоа дека поседуваат повеќе имоти.
Најскапите имоти за коишто имало интерес за купување чинеле и по 3.000-4.000 илјади евра за квадрат во нови градби, а на краците се купуваат вили од 150.000 до 400.000 евра.