Штајнмајер го распушти Бундестагот - избори на 23 февруари
27 декември 2024Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер најави распуштање на Бундестагот. Со својата одлука Штајнмајер го расчистува патот за планираните нови избори на 23 февруари, ден што претходно го договорија лидерите на пратеничките групи на СПД и Унијата.
Во тешки времиња како сегашните, за стабилноста е потребна ефикасна влада и сигурно мнозинство во парламентот, изјави Штајнмаер. „Затоа сум убеден дека новите избори се вистинскиот пат за доброто на нашата земја."
За претстојната изборна кампања тој би сакал да стане видлива силата на германската демократија. Има многу проблеми кои треба да се решат, рече Штајнмаер, мислејќи на тешката економска ситуација, миграциската политика и војната на Блискиот Исток и Украина. „Сега е време решавањето на проблемите повторно да стане основна работа на политиката“, оцени Штајнмаер.
Канцеларот Олаф Шолц (СПД) на 16-ти декември побара од Бундестагот гласање за доверба, откако владината т.н. семафор коалиција составена од СПД, Зелените и ФДП се распадна по околу три години во ноември. Шолц не доби мнозинство за неговиот предлог - како што и имаше намера.
Фактот дека Бундестагот е предвреме распуштен е исклучителен случај во историјата на Сојузна Република. Гласањето за доверба на Шолц беше само шесто од 1949 година наваму. Во три случаи, изборниот период заврши предвреме. Ова се однесуваше на канцеларите Вили Брант (СПД) во 1972 година, Хелмут Кол (ЦДУ) во 1982 година и Герхард Шредер (СПД) во 2005 година.
Шредер побара гласање за доверба уште во 2001 година, но не за да ја изгуби. Наместо тоа, тој сакаше да ја придобие својата делумно непослушна црвено-зелена коалиција зад себе во корист на учеството на Бундесверот во борбата против тероризмот во Авганистан.
Гласањето за доверба на Хелмут Шмит (СПД) во 1982 година беше слично „дисциплинско", бидејќи тој сакаше да ја натера коалицијата СПД/ФДП да ја одобри неговата политика за безбедност и пазарот на труд. И двајцата канцелари на СПД добија доверба, а Бундестагот не беше распуштен.