1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сребреница: На Вучиќ му одговара „изгубеното гласање“

Обработка: | Светозар Савиќ
24 мај 2024

Печатот на германски јазик пишува за гласањето во ОН за Резолуцијата за Сребреница. „Дебатата беше сѐ, само не помирлива“, пишува СРФ. ФАЦ истакнуа дека „на Вучиќ му е потребна национална жешка тема“.

https://p.dw.com/p/4gFW4
Српскиот претседател Александар Вучиќ за време на гласањето во Генералното собрание на ОН
Српскиот претседател Александар Вучиќ за време на гласањето во Генералното собрание на ОНФотографија: Angela Weiss/AFP/Getty Images

„Франкфуртер алгемајне цајтунг" (ФАЦ) пишува дека по изгубеното гласање во Генералното собрание на Обединетите нации за денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница, Милорад Додик вежбал математички вештини. „Националистичкиот претседател на републиката на босанските Срби, која е дел од Босна и Херцеговина, дојде до заклучок дека неговите Срби во суштина ги освоиле гласовите- само ако се пребори точно." Авторот Михаел Мартенс истакнува дека Додик не можел да негира дека 84 членки на ОН гласаа „за", а само 19 против резолуцијата, „што значеше дека е усвоена".

„Но, Додик пресмета поинаку. Тој на гласовите 'против' брзо им ги додаде 68-те воздржани и оние членови кои не гласаа (22 земји не гласаа, н.з.). Така стигна до 'речиси 110 земји' кои биле против резолуцијата. 'Тоа значи дека резолуцијата пропадна', заклучува човекот кој повеќе од две децении е најмоќниот политички лидер на босанските Срби", пишува ФАЦ.

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик (архивска фотографија)Фотографија: Dragan Maksimović/DW

Вучиќ: „Србите како народ треба да бидат жигосани"

Весникот посочува дека за српскиот претседател Александар Вучиќ е јасно за што наводно се работи: „Србите како народ треба да бидат жигосани и пред целиот свет оклеветени како 'геноцидни'". Во текстот натаму се вели дека „на хорот му се придружи и српското православие": „Во четвртокот биеја сите црковни ѕвона ширум земјата во знак на протест поради гласањето, а патријархот Порфириј се пожали на 'неправдата кон српскиот народ'".

Вучиќ, исто така, се закани и дека резолуцијата ќе предизвика политички хаос на Балканот, пишува ФАЦ, а како одговор на германската амбасадорка додаде: „Тешко е да се зборува по Германија, која е најмоќната земја во Европа и чувствува дека има недвосмислено право да му се даваат морални лекции секому што има поинакво мислење". Зошто, реторички праша српскиот претседател укажувајќи на Холокаустот, „не зборуваат за геноцидот што го изврши нивната земја?"

Мартенс нагласува дека тоа со недели е лајтмотив на српските дебати- барем оние што ја одредуваат власта во Белград и нејзините медиуми: „Токму тие Германци! Од сите луѓе, внуците на Хитлер да му држат на светот лекции за српски злосторства, а тие самите ги извршија најголемите злосторства на сите времиња".

ФАЦ заклучува дека „на внатрешен план на Вучиќ му одговара изгубеното гласање и гневот што го предизвика против Германија", со оглед на тоа дека наскоро има избори. „А национална жешка тема е најдоброто нешто што може да му се случи на претседателот во овој момент ", заклучува Михаел Мартенс во дневниот весник од Франкфурт.

„Дипломатско фијаско"

„Одлуката е донесена дури по тешка борба и претставува дипломатско фијаско", пишува порталот на швајцарската радио-телевизија СРФ.

Се истакнува дека резолуциите, кои се пред сѐ симболички значајни, обично се усвојуваат со консензус во Обединетите нации (ОН). „Меѓутоа, во овој случај не може да стане збор за тоа. За резолуцијата за Сребреница гласаа само 84 земји, вклучително и Швајцарија".

Авторот нагласува дека 19 земји гласале против, меѓу кои Србија, Русија, Кина и Унгарија, а од гласање биле воздржани 68 земји. „Ова не е убедлив резултат. Тоа е шлаканица за Западот, кој мнозински ја поддржа одлуката."

Резолуција на „моќните, големите, арогантните"

Порталот ја цитира германската амбасадорка во ОН, Антје Лендерце, која рече дека резолуцијата за Сребреница не е насочена против српскиот народ. Тоа е насочено исклучиво против оние кои се одговорни за геноцидот", нагласи таа.

Германската амбасадорка во ОН, Антје Лендерце
Германската амбасадорка во ОН, Антје Лендерце (архивска фотографија)Фотографија: UNTV/AP/picture alliance

СРФ додава дека српскиот претседател Александар Вучиќ жестоко ги нападнал поддржувачите на резолуцијата, кои ги опишал како „моќни, големи, арогантни". Тој ги праша дали оваа резолуција ќе донесе помирување. „Не", веднаш одговори тој, „таа носи раздор".

„Дебатата во ОН, која трае со недели пред и зад сцената, беше сè само не помирлива", пишува СРФ. „Бројни делегации на држави ги обвинија иницијаторите дека не преговарале транспарентно и дека не биле доволно упорни во барањето консензус." Се нагласува дека тајмингот на оваа одлука бил „крајно несреќен": „Зошто сега се занимаваме со геноцидот што се случи пред 29 години, додека во Газа се вршат воени злосторства?", пишува СРФ и заклучува дека „спорот уште еднаш покажува колку во моментов се длабоки и поделбите во ОН. И колку малку има волја за обид за нивно надминување".