„Србија никогаш не го преболе поразот во косовската војна“
2 август 2022„Берлинер цајтунг“ пишува: „Под притисок на американски и европски дипломати, владата на Косово го одложи за еден месец спроведувањето на новите правила за влез на Србите. Милитантните Срби на северот од земјата во понеделникот (1.08) почнаа да ги отстрануваат барикадите што ги поставија претходниот ден во знак на протест против новите правила на граничните премини со Србија.Според регулативаташто требаше да стапи во сила од понеделник, лицата кои на граница ќе приложат српски документи, мора да извадат дополнителна потврда од косовската гранична полиција. А, српските регистерски таблички веќе немаше да се признаваат“.
Во текстот натаму се објаснува дека Приштина сакала да ги воведе новите мерки како одговор на тоа што соседна Србија неколку години не ги признава документите на Косово. Весникот пишува дека косовските Срби ја добиле поддршката од раководството во Белград: претседателот Александар Вучиќ, на телевизија, во неделата претпладне - односно уште пред да се подигнат барикадите - апелираше до Албанците и Србите на воздржаност и во исто време порача дека „нема да има капитулација и дека Србија ќе победи“ ако Албанците „се осмелат да ги прогонуваат или убиваат Србите“. Мерката на Приштина е одложена за еден месец по интервенцијата на „меѓународната дипломатија“, пишува Берлинер цајтунг.
Бундесверот останува ангажиран
Весникот Велт пренесува дека германската министерка за одбрана Кристине Ламбрехт (СПД) ја изразила својата загриженост поради тензичната ситуација во Косово. „’Добро е што косовската влада реагираше трезвено и на тој начин придонесе за намалување на тензиите’, рече таа во понеделникот во Берлин. Ламбрехт додаде и дека мисијата КФОР внимателно ја следи ситуацијата и е подготвена да реагира во случај на потреба. ’Бундесверот останува ангажиран во НАТО и со КФОР со цел да се гарантира безбедно опкружување и слобода на движење за сите луѓе во Косово’, изјави германската министерка“, пренесува весникот Велт.
Таблоидот Експрес го цитира заменик-портпаролот на Министерството за надворешни работи во Берлин, Волфганг Бихнер: „Ова беше многу сериозно заострување на ситуацијата на северот на Косово. Германскиот канцелар Олаф Шолц во контакти со шефовите на владите на двете земји прави напори за деескалација на конфликтот и овозможување добар заеднички живот.“ Весникот наведува и дека „Косово, кое денес е населено речиси исклучиво со Албанци, до 1999 година ѝ припаѓаше на Србија. По востанието на косовските Албанци, НАТО ја присили српската држава да се повлече“, објаснува Експрес.
„Ќе функционира само со комбинација на стимулации и притисок“
Зиддојче цајтунг објавува коментар на новинарот Тобијас Цик под наслов „Моќта на емоциите“: „На претседателот на Србија мора да му се признае дека го разбира својот занает. Александар Вучиќ е докажан професионалец во делот на комуникациите. Кон крајот на деведесеттите, за време на војната во Косово, тој ја извршуваше функцијата министер за информации во време на осомничениот воен злосторник Слободан Милошевиќ, ширеше нетрпеливост и воено расположение. Подоцна се претставуваше како докажан про-Европеец и јавно се каеше за своите 'грешки' и 'глупости'. Но, тој очигледно нема заборавено како функционира формирањето на јавното мислење“.
Весникот наведува и дека треба да се знае оти Вучиќ, кога е во прашање Косово, „не изговара ниту еден збор без добро да размисли. Тој уште пред еден месец зборуваше за заострување на правилата за влез во Косово што ги најави Приштина. Целта на овие мерки е да се избркаат Србите од северот на Косово, а на одговорните им е сеедно колку Срби ќе преживеат. Во неделата тој додаде и дека Србија ќе победи ако се осмелат да ги прогонуваат или убиваат Србите“.
„Уште еднаш“, пишува Зидојче цајтунг, „стана јасно: раководството на ЕУво своето посредување во конфликтот меѓу Србија и Косово не може да се надева дека ќе наиде на добра волја или дека таму доброволно ќе му излезат во пресрет. Работите ќе функционираат само со фино избалансирана комбинација на стимулации и притисок. Во секое време мора да се смета со тоа дека Вучиќ ќе го истакнува својот интерес за влез во ЕУ – за во следниот момент, со поддршка на Москва, да шири страв одукраинското сценарио на Балканот“, пишува германскиот весник.
„Вучиќ може да се заканува колку сака“
Новинарот Ерих Ратфелдер за весникот Тагесцајтунг пишува: „Српскиот претседател Александар Вучиќ е најмногу лут поради фактот што малата поранешна српска автономна покраина Косово му пружа толкав отпор. Србија никогаш не го преболе поразот во војната во Косово во 1999 година и независноста на земјата во 2008 година. За Србите не доаѓа предвид дипломатски да го признаат Косово. Тие сакаат Косово - каде Албанците сочинуваат 90 проценти (од населението) - да се врати. Само, како? Од почетокот на војната во Украина, Србија предизвикува само негодување. Србија, која со приказната дека е фактор на стабилност на Балканот со години можеше да маневрира помеѓу Западот и Истокот, отворено ја изрази својата наклонетост кон реакционерната и воено хушкачка православна црква. И повеќе од тоа: Вучиќ во последните години воспостави популистичка диктатура во Србија. Ја доукина слободата на печатот и ја задуши опозицијата. И, се обидува со стратегијата на 'српски свет' да ги дестабилизира сите балкански земји во кои живеат Срби: Босна, Црна Гора и секако Косово.“
„Но, Косово и натаму пружа отпор. Тоа сака дискусија со Србија на рамноправна основа. И во никој случај не сака двојни аршини кога се во прашање правилата за влез во државата. Тука Вучиќ може да се заканува колку сака. Новиот, активен и добро вмрежен круг на политичари со претседателката Вјоса Османи, премиерот Албина Курти и министерката за надворешни работи Доника Гервала-Шварц, во тоа нема да учествува.“
„За разлика од Србија, Косово, мнозински населено со Албанци, е прозападно ориентирано. Зазема јасен став кога станува збор за Украина, се залага за човекови права и самоопределување и сериозно ја спроведува демократизација на земјата, заедно со борбата против корупцијата и интеграцијата на малцинствата. Косово е подготвено и да пружи воен отпор на српскиот притисок. Со тоа новата влада стекна многу пријатели. Во Европа на Европската Унија, просрпските позиции, кои досега беа доминантни, се разнишани. А Косово може да смета со тоа дека НАТО ќе му го чува грбот“, заклучува берлински Тагесцејтунг.