1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамГерманија

Шпигел: Во Бугарија пронајден магацин со оружје на Хамас

ЕМФ
4 април 2024

Истрага против осомничени членови на Хамас во Германија води до магацин со оружје во јужна Бугарија, пишува магазинот „Шпигел“.

https://p.dw.com/p/4ePy0
Берлин полиција
Непосредно пред Божик, полицијата уапси три лица во Берлин и едно лице во Ротердам, Холандија, кои се осомничени дека се членови членови на ХамасФотографија: Marijan Murat/dpa/picture alliance

Во тек на истрага против четворица осомничени членови на Хамас, иследниците дошле до експлозивно откритие, пишува германскиот магазин „Шпигел“. Според информациите со кои располага „Шпигел“, Сојузната криминалистичка полиција (БКА) во Германија открила фотографии од неколку пиштоли и други делови од оружје на мобилниот телефон на едно од лицата уапсени во средината на декември.

„Дигиталните траги на фотографиите ги одвеле инспекторите до локација во јужна Бугарија, каде што огненото оружје очигледно било закопано во пластична кеса под дрво. Бугарската полиција во меѓувреме успеала да го одземе оружјето. Се вели дека некои парчиња оружје биле 'рѓосани“, пишува „Шпигел“.

Во информацијата се потсетува дека непосредно пред Божик, полицијата уапси три лица во Берлин и едно лице во Ротердам, Холандија. Сојузниот јавен обвинител ги сомничи дека се членови на Хамас.

„Се вели дека лицата добиле наредба од военото крило на терористичката организација во Либан да лоцираат подземно складиште во Европа. Иследниците од Карлсруе веруваат дека оружјето скриено таму требало да биде донесено во Берлин за да биде подготвено за можни напади врз еврејски институции“, пишува „Шпигел“.

Инспекторите првично се сомневале дека оружјето е скриено во Полска. Се вели дека неколку од осомничените постојано патувале таму. До денес не е јасно дали навистина има или постоело складиште во Полска.

За време на апсењата во декември кај самите осомничени не било пронајдено огнено оружје. „Меѓутоа, откритието во Бугарија сега покажува дека терористичката организација навистина има складишта за оружје во Европа. Германските безбедносни власти дознале за сомнителните терористички планови преку дојава на израелската тајна служба. Во јануари тамошните власти објавија детали за наводна мрежа на Хамас, за која се вели дека подготвувала напади врз Евреите во Европа. Се вели дека мозокот бил Халил Ал Караз, кој до неговата смрт бил заменик командант на военото крило на Хамас во Либан. Тој загина пред неколку месеци во напад со беспилотно летало на израелските одбранбени сили“, пишува „Шпигел“.