1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Советот за безбедност бара итен прекин на огнот во Газа

Тагесшау | ЕМФ
26 март 2024

За првпат од почетокот на војната, Советот за безбедност повикува на „итен прекин на огнот“ во Појасот Газа. Тоа беше можно поради воздржаноста на САД.

https://p.dw.com/p/4e7QG
Советот за безбедност на ОН првпат донесе резулуција за „итен прекин на огнот“ во Газа
Советот за безбедност на ОН првпат донесе резулуција за „итен прекин на огнот“ во ГазаФотографија: Craig Ruttle/AP Photo/picture alliance

По речиси шест месеци од почетокот на војната, Советот за безбедност на ОН (СБ) за првпат повика на „итен прекин на огнот“ во Појасот Газа. Освен тоа, најмоќното тело во Обединетите нации бара итно и безусловно ослободување на сите заложници кои ги држи милитантната исламистичка терористичка милиција Хамас.

Ваквиот резултат од гласањето во СБ беше можен поради тоа што, за разлика од претходните гласања за итен прекин на огнот, САД овојпат не ставија вето, туку се воздржаа од гласање. Останатите 14 членови на СБ гласаа за резолуцијата. Резолуцијата беше предложена од 10 избрани членови на телото.

Резолуцијата повикува на прекин на огнот за време на исламскиот пост Рамазан, кој трае уште околу две недели. Исто така, се нагласува потребата да се дозволи поголема хуманитарна помош во Појасот Газа и да се зајакне заштитата на цивилите на палестинската територија. Одлуката, која е обврзувачка според меѓународното право, дополнително го зголемува меѓународниот притисок врз страните во конфликтот Израел и Хамас. Сепак, прашање е дали или до кој степен резолуцијата ќе има влијание врз одлуките донесени од израелската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху или Хамас во врска со понатамошниот тек на војната. Хамас ја поздрави резолуцијата и ја повтори својата подготвеност за размена на израелските заложници за палестински затвореници.

Линда-Томас Гринфилд, амбасадорка на САД во ОН, е воздржана при гласањето за резолуцијата за итен прекин на огнот во Газа
Линда-Томас Гринфилд, амбасадорка на САД во ОН, е воздржана при гласањето за резолуцијата за итен прекин на огнот во ГазаФотографија: Craig Ruttle/AP Photo/picture alliance

Нетанјаху го откажа патувањето на делегацијата во САД

Како одговор на „промената на американската позиција“, Нетанјаху го откажа планираното патување во Вашингтон на двајца израелски дипломати. САД отстапија од својот „принципиелен став“, оценува Нетанјаху. Според израелскиот премиер, неставањето вето е „јасно повлекување“ од претходната позиција и ги поткопува израелските воени напори против Хамас во Појасот Газа, како и напорите за ослободување на заложниците.

Портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби, од друга страна, изјави дека ставот на САД останал ист. „Многу сме разочарани што нема да дојдат во Вашингтон за да ни дадат можност да имаме детална дискусија со нив за остварливите алтернативи на операцијата во Рафах“, рече тој во врска со откажувањето на патувањето на израелската делегација. Меѓутоа, високи американски функционери ќе продолжат да се состануваат на одделни разговори со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, кој моментално се наоѓа во Вашингтон.

Напорите да се натера Советот за безбедност на ОН да повика на прекин на огнот досега не успеаја, главно поради отпорот на САД, земја која има право на вето. Од почетокот на војната во октомври минатата година, Вашингтон, најблискиот сојузник на Израел, се спротивстави на прекин на огнот и трипати стави вето на резолуциите. Во најдобар случај, американските претставници повикуваа на пократки „прекини на огнот“.