Зеленски го отпушти шефот на своите телохранители
10 мај 2024Украинскиот претседател го отпушти шефот на своите телохранители Серхиј Руд, откако беа обелоденети наводни планови за напад на Володимир Зеленски. Ова го објавија неколку украински медиуми, повикувајќи се на претседателски декрет. Причината за отказот не е наведена.
Во вторникот (7.05) украинската тајна служба СБУ објави дека открила руски планови за напад врз Зеленски. Уапсени се и двајца високи службеници од одделот за државна заштита. Тоа е оддел што го водеше Руд. Агентите на тајната служба во Киев ја лоцираа одговорноста за планираниот напад кај нивните руски колеги од ФСБ. „Една од задачите на мрежата на ФСБ била да пронајде атентатори меѓу војската кои се блиску до службата за лична заштита на Претседателот, за да можат да го земат шефот на државата како заложник и потоа да го убијат“, се вели во соопштението на СБУ во Киев.
Покрај Зеленски, како потенцијални цели се именувани и началникот на СБУ, Василиј Маљук и шефот на армиското разузнавање Кирил Буданов. Според ваквите информации, Буданов требало да биде убиен пред православниот Велигден на 5 мај. За да го направат тоа, регрутираните агенти требало да ги предадат координатите на куќата во која престојува Буданов. Таа потоа требало да се уништи со ракета.
За да ги потврди наводите, СБУ објави снимка од наводно прислушуван телефонски повик во кој на еден од офицерите со ранг на полковник му биле понудени 50.000 долари (46.300 евра) за учество во атентат.