Што значи зборот „професионалец“ во Македонија? Човек што седи на некое работно место, незабележан од никого, без признанија, без голема плата, анонимен и згазен од партиските кадри. Тоа е прототипот на човекот професионалец во кој одлично се вклопи и возачот на автобусот број 2 во Скопје, кој со солзи во очите рече дека му дале да вози неисправен автобус и загрозил живот на патници бидејќи му откажал воланот среде возење. Оваа страшна вистина не порази никого. Ќе се препукуваат во наредните два-три дена директорите и синдикатот, а потоа сѐ ќе се заборави. Нема да има ниту извинување за претрпениот страв на патниците и на возачот, кој и самиот бил во опасност. Партиските војници ќе ја заташкаат работата како и многупати досега.
Институциите се полни со партиски војници. Ги има на сите нивоа од долу па до најгоре, во разно-разни агенции, јавни претпријатија и во владата. Во владата ги има најмногу, иако од одлуките што таму се носат зависи практично сѐ во државата. Претходниот премиер Ковачевски вети дека ќе ги редуцира и професионализира, но не успеа. Сега е редот тоа да го стори новата влада на чело со премиерот Мицкоски.
Но, судејќи според тоа како го почна мандатот, оваа операција и за него ќе биде преголем залак. Затоа што партиските кадри се богови пред кои професионалците молчат. Или паѓаат (на теме) како во прочуената комедија со таков наслов. Како се стекнува статусот на доверлив партиски кадар? Многу лесно: со носење на транспаренти на митинзи, со пишување на социјалните мрежи против конкурентската партија, со членување во раководните тела на партијата. Образованието не е важно, важно е партискиот шеф да се испазари при поделбата на колачот.
Верувате ли дека кадар кој претходно бил на чело на МЕПСО и на пропаднатата Железница, денес добро ќе се грижи за евроинтеграциите на државата? Со кое знаење, со кои дипломатски вештини и со кое претходно искуство во бриселските коридори? Верувате ли во министер за надворешни работи чие единствено поважно искуство е градоначалник на Аеродром? Бил и две години заменик министер за информатичко општество, меѓународен секретар на партијата, а бил и пратеник четири години. Дали се тоа доволни квалификации за шеф на дипломатија на држава членка на НАТО и држава која се бори да влезе во ЕУ?
Партиската книшка над стручноста
Тоа се само два примера за партиската книшка над стручноста, а ги има многу. Ги имаше и во претходната власт, а и во сите влади пред тоа. Имавме премиери „ученици" во политиката, па дури еднаш на почетокот на осамостојувањето тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски на дваесет и кусур години беше поставен за потпретседател на претседателот Киро Глигоров. Функцијата беше непостоечка и измислена поради партиски пазар. А и премиерот, пак, во таа прва декада од осамостојувањето беше дваесет и кусур години стар, па некако се надополнуваа.
Се разбира, ова е цинизам кој е единствен начин да се дефинира кадровскиот пустош што го оставија зад себе партиите. Во годините што следеа се ставаа министри за внатрешни работи од непосредното партиско раководство, шефови на дипломатии, министри за одбрана и за правда. Критериумот за стручност целосно исчезна и на негово место дојде партиската книшка.
Но идејата да се составува влада од страна на победничка партија е малку поинаква од она во што ја претворија нашите „модерни“ премиери. Местата во владата треба да се пополнуваат со истакнати имиња од областите чии ставови се блиски или сродни со владејачката партија. Таква беше првата експертска влада на Македонија која до ден-денес ќе остане ненадмината по експертската, научната и интелектуалната тежина. Во годините што следуваа, владите и институциите под нив се полнеа од првото до последното место со партиски апаратчици, кои не беа на ниво на задачата, немаа знаења од областа со која министеруваа или директоруваа, а да биде иронијата поголема - се опкружуваа со исти такви советници кои немаа капацитет да ги советуваат.
И еве ја Македонија денес со министер за надворешни работи катапултиран на тоа место од позиција градоначалник на скопска општина, и со министер за европски прашања кого партијата го награди со оваа исклучително висока позиција иако е со потполно несоодветен бекграунд. Така е и со министерот за одбрана, министерот за правда, кој дојде на таа позиција од управител на приватна фирма, консултант и специјалист во невладиниот сектор, министерка за образование која е всушност лекар по професија, и други министерства во кои допрва ќе се види кадровскиот, благо речено, дефицит при раководењето. Како во претходната, така и во сегашната влада.
Премиерите не сакаат професионалци
Тоа покажува дека личностите кои ја имаат најголемата моќ во државата, а тоа се премиерите, не сакаат да поставуваат за министри експерти и професионалци докажани во својата област, туку повеќе сакаат партиски послушници. Нивниот пример го следат и политичките функционери на пониско ниво. Тука е појдовната точка за слабиот успех што го покажа Македонија на сите полиња. Овде лежи и изворот на корупција, затоа што професионалецот никогаш нема да влезе во коруптивна зделка на барање на премиерот или градоначалникот бидејќи си го чува тешко стекнатото име и реноме. Партиските кадри пак, дојдени на високи позиции исклучиво со партиски заслуги и протекции, секогаш се потчинуваат на првиот човек кому му должат благодарност што ги вивнал во небото на политиката и моќта. Тоа е кругот од кој Македонија никогаш не излезе и остана заробена во спиралата на партиите кои наизменично се менуваа на кормилото.
Во таква средина и таква политичка некултура не ни може да вирее професионалец. Ќе биде гледан како црна овца, како некој кој не е кооперативен и не ги исполнува задачите кои му ги доделува партијата на власт. Затоа е сѐ поприсутно и одбегнувањето на професионалците да прифаќаат министерски и други раководни места. Затоа што од една страна се тендерите за кои партијата одлучува кому да се доделат, а од друга страна е законот кој најчесто промашува, но кога ќе погоди, како во случајот со Јанкулоска, Јанакиески, Зеќири, целосно го уништува животот.
Се разбира, сѐ може да биде поинаку ако се владее одговорно, професионално, со слушање на гласот на науката наместо на партијата, и со ставање на државните и јавните над партиските интереси. Несреќниот возач од ЈСП, кој случајно се најде среде оваа партиско-кадровска непогода која со децении ја држи Македонија во заложништво, е можеби алармот кој треба да ги разбуди кројачите на кадровската политика. Звучи наивно, но надежта велат, последна умира.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.